Македонија
(Видео) Јовановска: Кога невработените лица ќе ги повикаме на интервју за работа, не доаѓаат
Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, на денешната прес-конференцијата, одговарајќи на новинарско прашање, потврди дека се согласува со ставот на Светската банка дека дел од македонското население ниту сака да работи ниту бара работа. Таа истакна дека многумина од лицата што се пријавени како невработени не доаѓаат на интервју за работа кога ќе бидат повикани од страна на Агенцијата за вработување или работодавецот.
Јовановска информира дека моментно во државата бројката на невработени лица изнесува околу 190 илјади.
„Ние се соочуваме со проблем кога работодавец бара работна сила, имаме ситуација кога поканетите лица што се пријавени како невработени не доаѓаат на интервју во Агенцијата за вработување бидејќи тоа не е задолжително, односно не се обврзани со закон да доаѓаат. Од сите невработени што се повикани, доаѓаат само 30 отсто, од кои, пак, половина одат на интервју кај работодавецот, а и оние што ќе отидат на интервјуто, не ги прифаќаат условите, односно не им одговараат позицијата, смената, платата и така натаму“, вели Јовановска.
Таа исто така истакна дека Агенцијата за вработување се соочува со проблемот на недоверба на барателите на работа бидејќи работодавците кои со закон се обврзани да пуштат оглас, однапред имаат најдено лице за позицијата, а кога оние што бараат работа ќе им се јават, тие велат дека работното место е пополнето.
„Работиме на тој проблем да се создаде една доверба помеѓу сите учесници во процесот на вработување, во кој сите треба да бидат искрени, и ние како Агенција, и работодавците и барателите на работа, дека навистина сакаат да се вработат“, рече Јовановска.
На денешната прес-конференција директорката на Агенцијата за вработување истакна дека планот за самовработување за 2018 година поминал успешно, односно дека со мерките се вработни околу 6.500 лица, од кои 53 отсто се млади до 29 години.
Таа истакна дека програмата продолжува и оваа година со зголемен буџет од 1, 1 милијарда денари со што се очекува и пораст на вработени лица до 8.500.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

