Македонија
Јовановска: Продолжуваме сами и ребрендирани како Десница, не сакаме да сме дел од политики штетни за државата
По десет години постоење, Партија за економски промени 21 (ПЕП 21), го продолжува политичкиот пат заедно со граѓаните како Десница, она што изворно е во основачите и членството уште кога се вклучивме на политичката сцена. Членството на собранието одржано во мај минатата година даде иницијатива, која во ноември истата година на вонредно собрание резултира со одлука за промени.
Од денешен аспект согледуваме дека сме го направиле вистинскиот чекор и избор – ребрендирањето на партијата да го означи и нашиот самостоен пат. Членство почувствува потреба не само од ребрендирање туку и потреба, пред сè, да се промени начинот на дејствување на партијата во интерес на граѓаните и Македонија, велат од партијата.
Десницата, како што појаснуваат, се залага за влез во ЕУ со целосно зачуван интегритет, идентитет, историја и јазик. Според оваа партија, приклучувањето на Македонија во европското семејство не смее и не треба да биде по цена на нејзино разнебитување, уценување и понижување како од надвор така и од внатре од ниту еден политички субјект или институција.
„Десницата не може и не сака да биде дел од лоши и штетни одлуки и политики за државата и граѓаните. Не може да гледаме постојно коленичење без трошка гордост.
Не може да останеме неми на секојдневното разочарување на луѓето од неправдите, омаловажувањето, корупцијата и криминалот, како и стравот, неизвесноста и несигурноста, кои ги чувствуваат сè посилно и сè повеќе од ден на ден. Економскиот стандард и социјален статус на македонските семејствата секој ден оди надолу. Иселувањето зема поголем замав и заминуваат цели семејства надвор од Македониј и тоа не привремено туку долгорочно. Не може да кажеме дека е добро, растат платите, а да премолчуваме дека трипати повеќе растат трошоците и се намалува куповната моќ на граѓаните“, велат од Десницата.
Десницата, додаваат од таму, бара промена и на изборниот модел со кој Македонија ќе биде една изборна единица со цел да се овозможи вистинска парламентарна демократија и фер услови еднакви за сите партии, без разлика дали се мали или големи, кои се регистрирани денес, пред 10, 15 или 30 години. Јавните заложби дека наводно сите политички партии сакаат една изборна единица, како што велат од таму, ќе бидат искрени оној момент кога ќе се реализираат и во пракса.
„Сите сме сведоци дека постојано пред секои избори наводно нема време за спроведување на овој изборен модел, кој најреално би ја отсликал волјата на граѓаните“, посочуваат од Десницата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

