Македонија
Јовески на тркалезна маса „Превенција и следење на корупцијата во судството“
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески, денеска се обрати на тркалезната маса „Превенција и следење на корупцијата во судството“, во организација на Судскиот совет на РСМ. Учесниците во дискусијата разговараа за програмата со акциски план за следење и првенција на корупцијата во судството што ја изготви Судскиот совет, во рамките на MATRA-проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет во Северна Македонија“, финансиран од Холандија.
Правосудните институции секојдневно се борат со корупцијата, а во нивни раце е кривичниот прогон на сторителите на коруптивни дела во сите сфери од општеството. Затоа, кога ќе се соочите со предизвикот да видите во сопствените редови имате обврска тоа да го направите со двојно повеќе посветеност за справување со сите коруптивни ризици и со двојно помала толеранција кон сите облици на коруптивно делување, рече Јовески.
„Потенцијалниот судир на интереси и коруптивните влијанија сериозно го поткопуваат интегритетот и ја разнишуваат и онака кревката доверба во нашите институции. Процените дека само осум проценти од граѓаните или можеби уште помалку имаат доверба во правосудните институции ни покажува дека времето за градење стратегии и декларативни заложби е одамна одминато. Имаме итна и недоложна обврска во борбата против корупцијата од залагања да преминеме на конкретни дела“, додаде тој.
Јавниот обвинител Јовески ги истакна законските и подзаконските акти, како и етичките кодекси, кои имаат цел да го обесхрабрат секој обид за коруптивни влијанија и да ја зголемат довербата на граѓаните во непристрасното постапување на јавните обвинители.
„И покрај сите овие напори, сепак и денеска презентираната анализа на факторите на ризик од корупција детектира дел од можните критични точки за директни коруптивни влијанија во постапувањето на одредени јавни обвинители, односно во креирањето таканаречени спреги на влијание меѓу судии, јавни обвинители и адвокати. Без намера некого да заштитувам, сепак ваквите ризици не би ги сместил во групата институционални или организациски. Ова не е тренд или однесување што Јавното обвинителство, а верувам и другите институции од правосудниот сектор, го поддржува. Повеќе сметам дека станува збор за лична или индивидуална слабост на одредени поединци. Како правосудни институции, ние имаме обврска ваквите индивидуални појави да ги идентификуваме и да ги изолираме, да не дозволиме тие да ни ги уриваат угледот и довербата на јавноста“, нагласи Јовески.
Притоа тој изрази уверување дека најважна алатка за сузбивање на корупцијата е транспарентноста. „Најдобриот одговор за сите овие појави се наоѓа во отворениот и отчетен однос кон граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.