Македонија
Јовески: Oбвинителите и судиите да работат непристрасно и професионално
Предизвикот на обвинителите и судиите во битката за обезбедување на владеењето на правото и еднаков пристап до правдата е секојдневен. Во таа битка тие често се критикувани и напаѓани, истакна Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љубомир Јовески во обраќањето на свечениот настан по повод 15-годишнината од создавањето на Академијата за судии и јавни обвинители. Сепак, додаде тој, ова треба да биде само поголем мотив за јавните обвинители и судиите да ја извршуваат функцијата професионално, непристрасно и одговорно.
„Ние, обвинителите и судиите, во работата и одлуките кои ги носиме, мора да ја обезбедиме еднаквоста на граѓаните пред законот. Сè додека не се постигне тоа, граѓаните нема да имаат доверба во нашата работа. Тоа ја поткопува правната сигурност во општеството и е плодно тло за корупцијата која не познава граници и подеднакво ги напаѓа развиените и неразвиените држави“, рече тој.
„Ниту една држава, без разлика колку е демократска, не е имуна на корупција. Но ова не треба да ни биде алиби или оправдување за толерирање на оваа општествена болест која ја разградува економијата, ја урива демократијата и нè оддалечува од посакуваната иднина во Европската Унија“, нагласи Јовески.
Потенцираше дека не треба да се бараат оправдувања за критиките за неефикасност на кривичниот прогон, за застарување на гонење и за неефикасност на рочиштата.
„Долгото траење на постапките не ја обезбедува правдата и со право се вели дека бавната правда, често е и неправда. Граѓаните со право бараат брза и ефикасна правда. Не смее да се дозволи, по одржани повеќе од 100 рочишта во конкретен предмет во кој има и човечки жртви, да не се донесе одлука“, рече Јовески, додавајќи дека на оние судии и обвинители кои се раководат од други интереси, а не од професионалните, не им е место во нашите редови.
Сум ја вршел судската сега и обвинителската функција и затоа можам да кажам дека и чест и гордост, но и голема одговорност е да си обвинител или судија.
„Јавната доверба во правосудниот систем и во моралниот авторитет и интегритет на обвинителите и судиите е од голема важност во демократското општество. Мора да се работи независно, врз основа на доказите и фактите во постапката, без надворешни влијанија, предубедувања, притисоци, закани или мешања“, апелираше Јовески, додавајќи дека правосудните реформи не смеат да бидат само на хартија.
Според него, Академијата за судии и јавни обвинители е пред постојан и сериозен предизвик да едуцира и да подготви искусни и со интегритет обвинители и судии, кои нема да го користат и злоупотребуваат правото, туку ќе обезбедат негово владеење и ќе го гарантираат основниот уставен постулат за еднаквост на граѓаните.
„Реформите во правосудниот систем не би биле одржливи без соодветно подготвени професионални кадри. Во почетната и континуираната обука што се одвива во рамките на Академијата треба да се применат најдобрите европски практики, а особено внимание да се посвети на зајакнување на интегритетот на јавните обвинители и судиите и на обучување на теми поврзани со спречување и борба против корупцијата“, рече државниот јавен обвинител.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ССНМ бара зголемување на минималната плата и се приклучува на протестот на работниците
Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници ги поддржува актуелните барања на дел од поголемите синдикатите и ќе се вклучи на протестот закажан за утре, 28 јануари.
„Оваа одлука беше донесена на состанок на Извршниот одбор со која истовремено ССНМ ги повикува своите членови да дадат полна поддршка на барањата за зголемување на минималната, но и сите плати на работниците во земјава. ССНМ смета дека приклучување на протестот на кој повикува Сојузот на синдикати и е закажан за среда од 17 часот е достоинствено демонстрирање на потребите на работниците“, смета синдикатот.
Од таму велат дека аргументите за оваа одлука се повеќе од видливи особено во медиумската индустрија која во последните години доживува континуиран пад на висината на приходите на ангажираните медиумски работници, како и на условите за работа што, во продолжение се рефлектира, и врз целокупните општествени процеси во Македонија.
Според анкетата на ССНМ и Институтот РЕСИС објавена во 2024 година, повеќе од половина од членовите на медиумската заедница заработуваат помалку од просечната месечна плата во земјава, а последните податоци говорат и дека голема е бројката (безмалку една третина) на новинари, камермани, креативни дизајнери, монтажери и останати кои од работодавачите се „држат“ на минималната плата. Со оглед на тоа дека голем дел од вработените во медиумскиот сектор се директно поврзани со оваа категорија, ССНМ бара итно зголемување на минималната плата.
„Како најголема еснафска медиумска организација во Македонија, ССНМ смета дека оваа позиција на ниско ниво на минималната плата е недозволиво, дека законски предвиденото зголемување на истата е недоволно и дека со подигнување на сумата, голем дел од нејзините членови ќе дојдат до повисоки примања и делумно ќе го анулираат инфлацискиот шок што се случува во земјава“, велат од ССНМ.
Македонија
Стоилковиќ со честитка за Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија
Потпретседателот на Владата и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоилковиќ, го честита Свети Сава, националниот празник на Србите во Македонија.
„Во име на Министерството за односи меѓу заедниците и во мое лично име, дозволете ми да упатам искрени честитки до сите припадници на српската заедница кои живеат во земјава, а по повод одбележувањето на Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија.
Ликот и делото на свети Сава се вградени во темелите на духовноста, образованието и човекољубието и претставуваат универзални вредности што со векови ги поврзуваат народите на Балканот, придонесувајќи за заемно почитување, разбирање и соживот.
Токму врз тие вредности, РС Македонија останува цврсто посветена на унапредувањето и заштитата на правата, идентитетот и културното изразување на сите заедници, како и на јакнењето на меѓусебната доверба, дијалогот и заедничките европски вредности.
Во тој свечен дух, Ви посакувам празникот да го одбележите во мир, здравје и достоинство, водејќи се од вредностите што ги промовираше свети Сава, според кои човекот се вреднува по своите дела и придонес кон заедницата.
Честит 27 јануари, Свети Сава, националниот празник на Србите во РС Македонија!“, пишува во честитката.
Македонија
Реконструкцијата на спортската сала Расадник е при крај, следниот месец треба да се пушти во употреба, најави Мицкоски
Премиерот, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа што се случува со спортската сала во Расадник, до каде е реконструкцијата, бидејќи долго време беше запуштена, изјави:
„Да благодарам, мислам дека е при крај. Мислам дека веќе следниот месец или месецот потоа најдоцна, треба и таа да се пушти во употреба, исто како што и салата во склоп на универзитетскиот кампус на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“. Кажа и министерката колку сѐ сали се прават. Знам дека уште три во Скопје имаме, имаме во Крушево и така натаму, сега да не навлегуваме во детали. Зборуваме за десетици нови објекти кои што се прават. Дали е тоа доволно, не е. Запуштено било долго време ништо не се правело. Дали треба уште? Да треба, и ќе правиме уште вакви проекти, бидејќи реков, најмладите, децата ни се најважни и тие ни се приоритет како Влада.“

