Македонија
Јотова: Очекуваме влез на Бугарите во Уставoт како државотворен народ и спроведување на договорите
Се надевам дека новата бугарска влада ќе ја брани единствената бугарска позиција за Република Северна Македонија. Претходниот редовен кабинет и премиерот Кирил Петков беа на работ да ја предадат бугарската позиција. Се надевам дека премиерот академик Денков е разумен политичар. Ова го изјави потпретседателката на Бугарија, Илијана Јотова во интервју за ТВ „Бугарија он ер“.
„Претседателот Румен Радев испрати писмо до нашите европски партнери за повторно да ги потсети дека спорот со Скопје не е само за историјата, туку за европските политики, за сето она што не зближува во Европската Унија. Писмото на претседателот беше точно на време за уште еднаш да им даде сигнал на европските институции и лидери за суштината на нашите проблеми со РСМ – правата на Бугарите. Така се штити бугарскиот национален интерес“, нагласи Илијана Јотова.
Таа потсети дека шефот на државата прв го покренал прашањето за правата на Бугарите во Северна Македонија.
„Правата на Бугарите не се запишани во ниту еден документ донесен со години“, посочи потпретседателката во интервјуто.
„Сè уште ги жнееме горчливите плодови од фактот дека Бугарија со години не ја објаснуваше и бранеше својата позиција за Северна Македонија. Го знаеме трнливиот пат за влез во ЕУ, не можеме да дозволиме двојни стандарди“, рече Илијана Јотова.
„Очекуваме РСМ во својот Устав да ги вклучи Бугарите како државотворен народ како што беше напишано во т.н. француски предлог околу кој се обединија нашите европски партнери. Очекуваме Скопје да ги почитува сите заеднички преземени обврски. Бугарија внимателно ќе го следи овој процес – не само формалната регистрација на Бугарите, туку и реалното спроведување на договорите“, посочи потпретседателката.
Јотова како преседан ги дефинираше обидите, како што рече, за лобирање на Македонија кај европратениците за усвојување и отстранување на одредени текстови поврзани со говорот на омраза во подготвената резолуција на Европскиот парламент.
„И Бугарија мора многу остро да реагира на тоа што европските лидери, можеби под влијание на ова лобирање на политичарите од РСМ, велат дека Бугарија има нови барања. Не, немаме. Инсистираме на имплементација на се што е забележано и прифатено од нашите европски партнери“, нагласи потпретседателката.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК ги соопшти местата на кои ќе се прегласува на 22 мај
Државната изборна комисија (ДИК) денеска, на 105. седница, едногласно го усвои предлогот да се повтори гласањето во Изборната единица (ИЕ) 5 на избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1.194 и 1.202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга и 1272 во Општина Охрид, како и во ИЕ 6 на избирачкото место 2101 во Општина Желино. Гласањето ќе се одржи идната среда, на 22 мај 2024 година.
ДИК на седницата ги разреши и претседателите на избирачките одбори, членовите и нивните заменици во избирачките места 1470/1 и 1470 во Општина Долнени, 1194 и 1202 во Општина Крушево, 1844 во Општина Струга, 1272 во Општина Охрид и 2101 во Општина Желино.
Со оглед дека се кратки роковите за избор на нови избирачки одбори, за да биде регуларно прегласувањето, општинските изборни комисии (ОИК) ќе треба да ангажираат некои од веќе постојните избирачки одбори, или од најблиските избирачки места или некои други, и за тоа ќе треба да достават известување до ДИК.
Кампањата за повторното гласање ќе трае до понеделник, 20 мај, 00.00 часот. Притоа, ќе важат истите листи за болни и немоќни лица, ќе нема можност да се пријавуваат нови.
Според ДИК, има можност за измени и предлози за овластени претставници на кандидати. Тоа важи и за членовите на избирачките одбори кои се предложени од политичките партии.
Македонија
Кацарска ја чува обезбедување, денес добила закани дека „страшно ќе одговара“
Непознато лице денеска напладне во близина на ТЦ „Рамстор“ во центарот на Скопје вербално и се заканувало на претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска. По инцидентот интервенирало нејзиното обезбедување.
„Полициски службеници од полициската станица Центар денеска во 14:00 часот го лишиле од слобода В.П.Г. (57) од Богданци, постапувајќи по претходна пријава дека во угостителски објект во трговски центар на подрачјето на Центар во Скопје упатил закани кон Д.К.(67) од Скопје со зборовите ‘ќе одговараш, страшно ќе одговараш’. Лицето било задржано во полициска станица и по целосно документирање на случајот во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 144 од Кривичниот законик“, соопшти МВР.
Пред неколку дена во подземна гаража на зграда во Центар пронајдени се импровизиран кревет и кујнски нож на гражаното место на Кацарска.
Од МВР потврдуваат дека известен е јавен обвинител, предметите се подигнати за вештачење и се преземаат мерки за расчистување на случајот.
Македонија
Утре затворени неколку улици во Скопје
Утре од 08.30 до 12.30 часот, поради одржување на натпревар „Стопански триоги триатлон”, со стартно-целна позиција кај Спортскиот центар „Борис Трајковски” во дел од градот ќе има изменет режим на сообраќај, соопшти СВР Скопје.
Посебниот режим на сообраќај ќе опфати дел од уличната мрежа околу СЦ „Борис Трајковски” и дел од булеварот Илинден (десна коловозна лента), потоа на потегот од крстосницата со булевар 8 Септември до крстосницата со улицата Никола Парапунов и обратно.
Утре исто така со почеток во 09.45 часот, поради одржување на спортско-рекреативен настан „Прв до врв” ќе има посебен режим на сообраќај во делот од градот каде што ќе се реализира манифестацијата.
Настанот почнува пред Музеј на град Скопје – улица Св.Кирил и Методиј, потоа лево по булеварот Св.Климент Охридски, во продолжение право по булеварот Мајка Тереза, па лево по улицата Тодор Александров и по локалниот пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски крст”).