Македонија
ЈП „Комунална хигиена“ доби донација 60 контејнери за стакло
Денеска, во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, беше потпишан договорот за донација на 60 сада за одлагање стаклена амбалажа меѓу ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Град Скопје и Германското друштво за интернационална соработка – ГИЗ. Донацијата е реализирана преку ЗЕЛС и ГИЗ и се спроведува во рамките на проектот „Управување со отпад од стаклена амбалажа на Западен Балкан”.
Трипартитниот договор за донација беше потпишан од страна на директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани, градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, и проектниот менаџер на ГИЗ, Зорица Билиќ.
![]()
„ЈП ‘Комунална хигиена’ – Скопје веќе има поставено 238 сада за одлагање стаклена амбалажа во сите скопски општини, кои граѓаните ги употребуваат за примарна селекција на својот отпад. Планираме 35 контејнери од садовите што денеска ни беа донирани преку ЗЕЛС и ГИЗ да бидат поставени во општината Гази Баба, а 25 од контејнерите да бидат лоцирани во општината Аеродром.
Во текот на 2020 година во центрите за селекција на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје беа транспортирани над 465 тони стакло и се надеваме дека годинава овој тренд уште повеќе ќе се подобри.
Примарната селекција резултира со зголемена ефикасност при собирањето и транспортот на отпадот, односно повисок степен на рециклирање и негова понатамошна реупотреба, но она што е најзначајно е дека придонесува значително да се намали количеството комунален отпад што завршува на депониите. Апелираме до жителите на град Скопје примарно да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да придонесат за одржувањето почиста и поздрава животна околина“, изјави директорот на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, Абдусамед Шабани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Без струја денеска делови од Бутел, Чаир и Карпош
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 12.00 часот, дел од корисниците од ул. 1550 место викано Гериз во индустриска зона Визбегово, општина Бутел;
– во периодот од 09.00 до 14.00 часот, корисниците од ул. Стојна Стевкова, како и дел од корисниците од ул. 393 во населба Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од ул. Блаже Биринчето, општина Карпош.
Македонија
Сончево со умерена локална облачност: температурата до 14 степени
Сончево со мала до умерена локална облачност. По одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -1, а максималната ќе достигне од 7 до 14 степени.
Во Скопје, во утринските часови во делови од котлината ќе има услови за појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и тивко со мала облачност. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Во петок ќе се задржи стабилно и потопло време со услови за појава на утринска магла по котлините. Во деновите од викендот ќе има зголемена облачност и повремени локални врнежи од дожд, а на планините од снег. Дневната температура повторно ќе биде во опаѓање.
Македонија
Грипот ја однесе првата жртва: почина 75-годишна жена
Вирусот на грипот ја однесе првата жртва оваа зима. Седумдесет и петгодишна жена починала пред три дена на Клиниката за инфективни болести. Пациентката имала повеќе коморбидитети и не била вакцинирана против грип.
Во моментов на Клиниката се хоспитализирани 25 пациенти со компликации од грип, oд кои повеќето се возрасни лица со хронични заболувања и невакцинирани од грип.
Директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска, пред неколку дена кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој месец и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.

