Македонија
ЈСП го раскина договорот за превоз со „Макекспрес“

Јавното сообраќајно претпријатие – ЈСП „Скопје“, денес го раскина договорот со приватниот превозник „Макекспрес“, а линиите на кои сообраќаа приватните автобуси отсега ќе бидат заменети со автобуси на ЈСП „Скопје“, со што транспортот на патници ќе продолжи непречено.
Од Град Скопје велат дека причина за раскинувањето на договорот со приватниот превозник „Макекспрес“ е непочитување на обврските од договорот, во кои се уредуваат условите за начинот на јавен превоз.
„Со жалење мораме да констатираме дека „Макекспрес“ до моментот на раскинување на договорот не успеа да обезбеди модернизирани автобуси со соодветни еколошки стандарди, основно ниво на хигиена во автобусите и редовност, без доцнење на автобуските постојки.
Сите овие поплаки се истакнати од граѓаните, со што во целост се нарушува и имиџот на јавниот превоз во главниот град“, соопштија од Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Полицискиот хеликоптер денеска фрли повеќе од 30 тони вода врз дел од пожарите

Денеска полицискиот хеликоптер Бел 412 беше ангажиран во два наврати за гасење пожар во реон на село Русиново и во реон на село Никуштак на Скопска Црна Гора и притоа исфрли преку 30 тони вода, соопшти МВР.
– Активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и во наредните денови, се до целосно гасење на пожарите на територијата на целата држава, известува МВР.
Македонија
Меџити: Работа, не зборови-започнува целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во Чаир!

Првиот заменик на претседателот на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, денеска присуствуваше на почетокот на градежните работи за целосна реконструкција на улицата „Банатска“ во населбата Топхана.
Овој проект е еден од многуте инфраструктурни зафати што Општина Чаир ги реализира со цел подобрување на животните услови на граѓаните, изјави Меџити пред присутните жители.
„Инвестицијата, во вредност од околу 3 милиони денари, е финансирана преку Вториот повик на Владата за поддршка на општините. Работите опфаќаат целосно асфалтирање“, истакна Меџити.
Тој додаде дека оваа инвестиција ќе овозможи побезбедна, пофункционална и поодржлива инфраструктура за жителите на оваа населба, директно придонесувајќи за зголемен квалитет и удобност на живеењето.
„Овој проект е конкретен доказ за нашиот модел на управување, професионалност, ефикасност и постојан фокус кон граѓанинот. Секоја интервенција во инфраструктурата е чекор кон поразвиен, помодерен и поинклузивен Чаир“, изјави Меџити во своето обраќање.
Општина Чаир, додаде Меџити и во следните четири години ќе продолжи со реализација на слични проекти кои имаат за цел создавање на квалитетна, безбедна и достапна урбана средина за сите граѓани.
Македонија
Минчев: Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината

Министерот за јавна администрација, Горан Минчев упати честитка по повод 8 Септември, Денот на независноста на Македонија.
„Денес го славиме најсветлиот датум во нашата современа историја – 8 Септември, денот кога македонскиот народ со храброст и достоинство ја избра независна и самостојна Македонија, денот кога ја запишавме најсилната страница во нашата државност.
Независноста не е само спомен од минатото, таа е обврска кон сегашноста и иднината. Да се биде независен значи да се гради држава со силни институции, со јавна администрација што им служи на граѓаните, со непоколебливи принципи на демократија и владеење на правото. Независноста има смисла само тогаш кога народот ја чувствува државата како своја – праведна, одговорна и европска.
Македонија е нашиот дом, нашата иднина и нашата најголема одговорност. Денес, повеќе од кога било, мора да бидеме обединети во визијата за модерна, функционална и европска Македонија.
Тоа е должноста кон генерациите што ја избраа слободата и кон генерациите што доаѓаат.
Нека ни е вечна државата! Нека ни е честит Денот на Независноста!“, стои во честитката од министерот Минчев.