Македонија
ЈСП избрало неприфатлива понуда во набавката на „евродизелот“, утврдени неправилности во постапката, соопшти Бирото за јавни набавки
Постапката за јавна набавка на „евродизелот“ објавена од страна на договорниот орган ЈСП беше предмет на управна контрола во Бирото за јавни набавки по сила на законот, информираат од Бирото за јавни набавки.
„Имено, сите постапки за јавни набавки на стоки и услуги со вредност над 500.000 евра се предмет на управна контрола во согласност со член 172 став 3 од Законот за јавните набавки, без оглед на тоа кој договорен орган ги спроведува.
Во однос на конкретната постапка, управната контрола најде дека договорниот орган ЈСП избрал неприфатлива понуда за најповолна. Оваа понуда, која била и единствена поднесена во постапката, не исполнува услов што самото ЈСП го навело во точка 1.4.8 од тендерската документација. Тоа, всушност, е наведено и во самиот извештај од спроведена постапка на комисијата за јавна набавка во ЈСП“, се наведува во соопштението.
Управната контрола, имајќи го тоа предвид, дала јасни инструкции што треба да преземе ЈСП во записникот од спроведената управна контрола. Имено, со оглед на тоа што ЈСП направил избор на неприфатлива понуда, а други понуди немало во постапката, дала инструкции комисијата за јавна набавка да ја стави надвор од сила донесената одлука за избор и да донесе одлука за поништување на постапката.
„Таквите инструкции се во согласност со член 177 став 3 од законот. Напоменуваме дека ЈСП не ја искористило ниту можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите што му стојат на располагање во законот од едноставна причина што станува збор за правилно утврдена фактичка состојба од страна на Бирото и исход на постапката кој не може да биде поинаков, а да биде во согласност со законот.
Ставовите искажани во денешното соопштение од Град Скопје, со кои се прави обид фокусот од лошо спроведената постапка да се прекрие со клевети од типот „кадарот на шефот на ВМРО во Бирото за јавни набавки“ во целост ги отфрламе како непримерни и непрофесионални. Бирото за јавни набавки постапува професионално, без оглед на дневните политички престрелки, а наместо да шири политикантство, Град Скопје навремено треба да реагира и да ги искористи законските можности што му стојат на располагање да се задоволат итните потреби за гориво до завршување на редовната постапка. За секој проблем има решение, само што Градот треба да има волја и знаење да го најде наместо да бара дежурни виновници кај другите за проблемите што самиот ги создава“, се потенцира во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

