Македонија
ЈСП: Изменет режим на линиите 4А, 5, 5А и 24
Oд утре (21.9.2022), поради градежни зафати и затворање на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на потегот од кружниот тек до раскрсницата со булеварот Св. Климент Охридски, линиите 4А, 5 и 5А ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот.
Затворањето на улицата ќе се одвива фазно.
Во првата фаза ќе бидат затворени само сообраќајните ленти во правец кон Ѓорче Петров. Во таа фаза возилата од центар, од улицата Димитрие Чуповски, ќе вртат лево по булеварот Св. Климент Охридски, кај Домот на печатот ќе вртат десно по улицата Св. Кирилј и Методиј, па на кружниот тек ќе продолжуваат по своите редовни траси.
При посочениот режим како привремена автобуска постојка во правец кон Ѓорче Петров ќе се користи просторот кај металните косини на тротоарот кај АМСМ.
Во втората фаза ќе бидат затворени сообраќајните ленти од кружниот тек кон централното градско подрачје.
Во таа фаза возилата од кружниот тек ќе продолжуваат по улицата Св. Кирил и Методиј, кај Домот на печатот ќе вртат лево по булеваротСв. Климент Охридски, потоа ќе продолжуваат по улицата Димитрие Чуповски по своите редовни траси.
При посочениот режим како привремена автобуска постојка ќе биде делот по раскрсницата со улицата Народен фронт, односно третиот канделабар по раскрсницата.
Изменетиот режим ќе важи во наредниот период сè до завршување на градежните работи на улицата која е дел од редовната траса на линиите 4А, 5 и 5А.
Од утре линијата 24 во реонот на Кисела Вода ќе сообраќа по изменет режим од вообичаениот поради затворањето на улицата Димо Хаџи Димов, од вкрстувањето со улицата Божидар Аџија до вкрстувањето со улицата Народни херои, на која ќе се изведуваат градежни работи.
Во правец од Центар кон Кисела Вода, од улицата 11 Октомври (постојката кај Зелениот пазар), возилата ќе продолжуваат право по улицата 11 Октомври по трасата на линијата 58, па по улицата Борис Трајковски до вкрстувањето со улицата Народни херои, потоа ќе вртат десно по улицата Народни херои, на семафорот ќе вртат лево и ќе продолжуваат по својата редовна траса.
На изменетата траса возилата ќе ги користат постојките од линијата 58.
Во обратен правец, од Кисела Вода кон Центар, возилата ќе сообраќаат по трасата на линијата 58 сè до крстосницата со булеварот Кочо Рацин, потоа ќе продолжуваат по својата редовна траса.
На изменетата траса возилата ќе ги користат постојките од линијата 58.
Изменетиот режим ќе важи во наредниот период сè до завршување на градежните работи на улиците што се дел од редовната траса на линијата 24.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Превозниците вечерва ја прекинуваат блокадата на границите
Вечерва во 20:00 часот ќе биде прекинат протестот на граничните премини за тешки товарни возила, информира АМСМ.
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај с.Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на патниот правец с.Лисец – Попова Шапка. Појава на магла и намалена видливост на планинските премини: Плетвар до 50 метри, Пресека до 100 метри и Стража до 150 метри.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Муцунски и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, разговараа за предизвиците на превозниците
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево оствари телефонски разговор со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Фокусот на разговорот беше ставен на актуелните економски предизвици и евроинтегративниот процес, соопштија од Министерството.
„Соговорниците разменија мислења за изнаоѓање конкретно и одржливо решение за предизвиците со кои се соочуваат професионалните превозници, како и за прашањето поврзано со тарифите за челик. Во тој контекст, министерот Муцунски ја нагласи потребата од навремена и координирана реакција, со цел да се избегнат дополнителни негативни ефекти врз домашната економија“, се наведува во соопштението.
Во контекст на евроинтегративниот пат на државата, министерот Муцунски ја потврди јасната и силна посветеност кон реформскиот процес, обезбедувањето континуитет во неговото спроведување, како и усвојувањето на законите кои се составен дел од европската агенда.
Македонија
Гаши на средба со австрискиот амбасадор
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, на денешната средба со амбасадорот на Република Австрија ги истакна пријателските односи помеѓу двете земји и се заблагодари за подршката на Австрија на интегративниот пат на нашата земја во Европската Унија.
Амбасадорот Памер, во контекст на одличните односи помеѓу двете држави, го информираше претседателот за проект кој ќе го унапреди културното поврзување меѓу двете држави. Амбасадорот истакна дека за вакви големи проекти е потребна поддршка од највисоките институции, вклучително и од Собранието.
Претседателот истакна дека ги поддржуваа проектите кои ја унапредуваат соработката и ги продлабочуваат односите на билатерално ниво и оттука Собранието е на располагање да го поддржи проектот.
Соговорниците разменија мислења и за актуелните политички случувања кај нас и во светот, како и за процесот на европската интеграција.

