Македонија
Јубилејно 20. издание на „Визер – Скопски маратон“: Пријавени се учесници од 44 земји, бидете дел од најдобрата маратонска приказна
На 06.10.2024 со старт од 08:00 часот, ќе се одржи 20. јубилејно издание на најпознатата и најмасовна атлетска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски Маратон. Пријавувањето започна уште во март, односно на 28.03.2024 и ќе трае до 20.09.2024 до 23:59 часот.
Заинтересираноста е огромна и досега пријавени се учесници од 44 земји. Вториот бран на пријавување и плаќање котизација е веќе во тек и ќе трае до 25.07.2024, а ден потоа цените за учество се менуваат.
Трката има ограничен број на учесници и доколку се пополни предвидениот број на учесници, пријавувањето може да се затвори. Затоа доколку сакате да бидете дел од најдобрата маратонска приказна Виз Ер Скопски Маратон, искористете го вториот бран на пријавување – http://skopskimaraton.com.mk/prijavuvanje/.
Учесниците ќе можат да се пријават на маратонот, полумаратонот, штафетниот маратон – ЕУ за спорт и трката на 5км. За повеќе информации поврзани со условите за учество, посетете ја официјалната страна на Виз Ер Скопски Маратон на следниот линк: – http://skopskimaraton.com.mk/uslovizaucestvo.
Трката има сертификат од Асоцијацијата за улични трки (AIMS) и се одвива според правила на Светска Атлетика (WA) и АФСМ.
Организатор на Виз Ер Скопски Маратон е Сојузот на спортови на Скопје, во соработка со АК „Работнички“и АК „Скопски Маратон“, додека покровители на трката се Град Скопје, Делегација на Европската Унија и Агенцијата за млади и спорт.
Секој учесник што ќе стартува на Виз Ер Скопски Маратон ќе добие вредносен ваучер од 20 ЕУР од насловниот спонзор на трката, Виз Ер. Ваучерите ќе бидат испратени во период од 10 до 20 Октомври 2024 по пат на електронска пошта.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.

