Македонија
„Љубојна“ не знаела на каква прослава ќе настапи, Ферус веднаш се договорил за цена и ќе свири чочеци
По реакциите на некои од изведувачите за саботната манифестација во 15 града, се придружи и групата „Љубојна“, од каде што велат дека концертот е закажан многу порано пред да биде објавен во јавност, па затоа не знаеле за каков настан се работи.
„’Љубојна’ ќе настапи во свој манир, со добро познатата автентична програма и ќе продолжи и понатаму да ја презентира нашата музичка култура во земјата и светот, без никакви отстапки. Парите ќе бидат донирани за терапијата на едно болно детенце, како и на одделот за традиционална музика и игра при ДМБУЦ ‘Илија Николовски – Луј’ за понатамошен развој и истражувачка дејност. За лавината рекции од сите вас кои искрено ни се обративте, како и вие дежурни ФБ-душогрижници, ви благодариме и продолжуваме посилно. Музичарите не се и не треба да бидат бедем за револт и распетие“, пишува групата „Љубојна“ на социјалните мрежи.
„Макфакс“ се обиде да им се јави на Влатко Лозановски, Кристина Арнаудова, Елена Ристевска, Панчо и Андреј од ДНК, Перо од „Нокаут“ и Дани Димитровска, но ниту еден од нив не одговори на повиците. Дарко Манасијески, кој му е менаџер на Слаткаристика, немаше коментар за манифестацијата, договорот и деталите.
Музичарот Ферус Мустафов за „Макфакс“ вели дека пред некој ден му се јавиле да му понудат да настапува в сабота, при што тој прифатил.
„Јас понудив цена, тие веднаш ја прифатија. Ќе свирам чочеци“, вели Мустафов.
Според наши извори, повеќето од изведувачите не знаеле дека ќе настапуваат на прослава за поканата од НАТО. Договорите се веќе потпишани.
„Во наредните денови, кога ќе се утврдат сите детали за прославата, јавно и транспарентно ќе ги соопштиме сите информации за трошоците и организацијата на настанот“, изјави Миле Бошњаковски, портпарол на Владата, за „Макфакс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.
Македонија
Капиштец повеќе од шест часа без вода, дефект кај Цветен пазар ја поплавува улицата Народен фронт
Жителите на делови од скопски Капиштец повеќе од шест часа останаа без вода за пиење.
Кај Цветен пазар вечерва е забележан багер и ископана е голема дупка, додека во близина тече вода по коловозот.
Засега е познато дека станува збор за уличен дефект, но не е соопштено кога состојбата ќе биде целосно нормализирана.
„Поради уличен дефект на водоводна цевка Ф100мм на улица Народен Фронт 5 до цветен пазар, со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Васил Ѓоргов и Народен Фронт од бр.5 до бр.21“, велат од ЈП Водовод и канализација.
Од претпријатието попладнево известија дека водата кај корисниците е сопрена во 13.30 часот и ќе остане така се’ до поправка на дефектот. Жители на Капиштец за „Макфакс“ велат дека кога прашале кога ќе биде пуштена водата, од службата за известување во „Водовод“ им кажале дека нема изгледи оти ќе го поправат дефектот денес.
Македонија
Во подготовка закон за високите раководители во управата – професионализација наместо партизација
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, оствари работна средба со Петер Ваги, виш советник во OECD/SIGMA, на која беа разгледани клучните реформски процеси во областа на јавната администрација, со посебен акцент на подготовката на Законот за високите раководители на органите на државната управа и фондовите, како и на Закон за организација и работа на органите на државната управа (ЗОРОДУ).
На средбата се дискутираше за принципите на професионализација, мерит систем, транспарентност и отчетност во именувањето и управувањето со високите раководни структури во државната управа, како и за потребата од јасно разграничување на надлежностите, унапредување на координацијата и зголемување на ефикасноста во функционирањето на институциите преку новото законско решение за организација и работа на органите на државната управа.
Министерот ја истакна важноста од континуираната експертска поддршка од страна на OECD/SIGMA во процесот на подготовка и усогласување на законските решенија со европските стандарди и добри практики.
„Реформата на јавната администрација претставува еден од нашите врвни приоритети. Со Законот за високите раководители поставуваме јасни, транспарентни и професионални критериуми за избор и одговорност на раководниот кадар. Нашата цел е администрација која работи во служба на граѓаните, заснована на знаење, интегритет и резултати“ истакна министерот.
Од страна на претставникот на OECD/SIGMA беше изразена подготвеност за натамошна поддршка, со цел обезбедување усогласеност со принципите на добро управување и европските административни стандарди.
Министерството за јавна администрација останува посветено на спроведување сеопфатни и одржливи реформи, насочени кон јакнење на институционалниот капацитет, департизација и зголемување на довербата на граѓаните во јавните институции.

