Македонија
Љутков: Македонскиот јазик е темел на националниот идентитет, културата и историјата
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска, во Институтот за македонски јазик, честитајќи го Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, истакна дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација, туку и темел на националниот идентитет, културата и историјата на македонскиот народ.
„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста“, истакна Љутков.
Тој нагласи дека мајчиниот јазик е она што нè поврзува со светот, со семејството и традицијата, темел на нашиот идентитет и чувар на нашето културно наследство. Ја спомена и важноста на зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик како најголем аманет од нашите предци и како подарок за идните генерации.
„Македонскиот јазик е нашата татковина, нашиот дом и најголем аманет. Се брани со збор, со перо, со љубов, но и со гордост“, рече министерот повикувајќи ги сите да го слават и да го живеат македонскиот јазик со почит и љубов.
Љутков се осврна и на важноста на јазикот за националната самосвест и за непрекинатиот развој на македонскиот народ, како и за неговата способност да ги пренесе емоциите, културата и историјата на идните генерации.
Според него, македонскиот јазик мора да продолжи да биде водилка за идните предизвици и премрежиња и дека само така ќе продолжи да живее духот на народот.
„Секој народ ја носи својата душа во зборот, во песната, во јазикот што го зборува и што му дава име на светот околу него. Нашата душа е македонска, а нашиот јазик е македонски – јазик на вековите, јазик на истрајноста, јазик што ја вплел својата нишка во ткаенината на историјата, непрекинат, горделив и непокорен“, рече Љутков.
Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека со денешниот настан Институтот го почнува одбележувањето на 80-годишнината од заокружувањето на македонскиот литературен јазик, што се случи со објавувањето на македонската азбука и со усвојувањето на македонскиот правопис во 1945 година.
„Почитувањето на различните култури и на различните јазици произлегува од многувековната борба за слобода и за признавање на македонскиот јазик заедно со македонската држава. Затоа, почитувањето на сопствените корени, традициите и на народната мудрост мора да се преточи во завештание за идните генерации со порака за толеранција, прифаќање и респект кон различностите“, рече Јованова-Грујовска.
Меѓународниот ден на мајчиниот јазик се одбележува на 21 февруари, прогласен од УНЕСКО на 30-тата сесија на Генералната конференција во 1999 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши во Стејт департментот: Верската хармонија во земјава како модел за општеството
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, оствари средба со Мајкл Дозлер, раководител на Одделот за европски и евроазиски прашања во Канцеларијата за меѓународни верски слободи, како и со други претставници во Стејт департментот на САД.
За време на средбата, претседателот Гаши нагласи дека нашата земја ужива верска хармонија, која треба да служи како модел за унапредување на другите општествени односи. Беше дискутирано за важноста на толеранцијата и негувањето на верските вредности, а воедно и зачувувањето на секуларниот карактер на државата.
Дозлер изрази благодарност за моделот на хармонија што постои во земјата и нагласи понатамошна поддршка за иницијативите што промовираат мир и соработка.
Меѓу другото, беа дискутирани и искуствата и средбите одржани за време на последната посета на претседателот во Вашингтон (февруари 2026 година), каде што Гаши изрази благодарност за меѓудржавната соработка и партнерство.
Македонија
Гоце Наумовски стана нов уставен судија
Собранието со 63 гласа „за“, седум „против“ и без воздржани го избра професорот Гоце Наумовски за нов уставен судија, по што тој даде свечена изјава дека функцијата ќе ја извршува совесно, одговорно и во согласност со Уставот и законите.
Наумовски е редовен професор по римско право на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ – Скопје.
Доаѓа на местото на судијката Јадранка Дабовиќ-Анастасовска, која во декември поднесе оставка од функцијата судија на Уставниот суд, поради здравствени и лични причини.
Македонија
Утре без вода дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарната Илинден
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре (19.02.2026) поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од ул. Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.(општина Чаир)

