Македонија
„Ќе ги разгледаме ставовите на маса“ – Меџити и Мицкоски се’ уште не разговарале за уставните измени
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и лидерот на Демократското движење и носител на листата за пратеници во првата изборна единица од коалицијата Влен, Изет Меџити, се уште не разговарале за уставните измени, иако веќе се зборува за можноста да бидат коалициони партнери ако ВМРО-ДПМНЕ победи на парламентарните избори.
Дали уставните измени би можеле да бидат препрека да се реализираат овие планови? Меџити денес не даде конкретен одговор на ова прашање.
„И порано и сега велиме дека сме заинтересирани да бидеме фактор за Влада која ќе биде европски ориентирана. За нас е тоа приоритет, но сега сме фокусирани на кампањата, програмата. Кога ќе седнеме ќе ги разговараме ставовите на маса“, рече Меџити.
Прашан од новинарите кој ќе биде нивниот став, Меџити додаде: „Нашиот став е јасен. Нема дилема на Влен за ставот за евроинтеграциите“.
И првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, вчера изјави дека не се водени разговори со Влен, на тема уставни измени. Мицкоски во интервју за „360 степени“ повтори дека измени на Уставот – не прифаќаат. Рече и дека пораката од народот е дека досегашната влада треба да оди во опозиција, а на коалицијата Влен треба да ѝ се даде шанса.
„Не може една политичка партија да биде континуирано повеќе од 20 години малку со едната, малку со другата партија и така цело време да манипулира со граѓаните и со гласачите. Цениме дека треба да се даде шанса на опозицијата бидејќи јасна е пораката“, рече Мицкоски.
ДУИ упати обвинување до ВМРО-ДПМНЕ дека договара коалиција без да го почека резултатот од изборите, порачувајќи дека волјата на народот треба да се почитува, но и дека без нивните пратеници нова Влада нема да се формира.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) На улиците на Техеран, Иран, се слави убиството на Али Хамнеи
Со музика и танцување вечерва жителите на многу ирански градови слават за убиството на лидерот на Исламската Република, ајатолахот Али Хамнеи, објави на социјалните мрежи „Иран интернешнл“.
Видео од Техеран покажува насмеани луѓе излезени на улица откога ја добиле веста дека Али Хамнеи е убиен.
Во Караџ голем број граѓани танцуваат на улица, а жителите пак на Бандар Абас се излезени на улиците со автомобили и слават со сирените.
86-годишниот Али Хамнеи беше на власт речиси четири децении, од 1989 година. Имаше врховна власт, владееше со владата, со војската и со судството во шиитската Исламска Република.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

