Македонија
Ќе направиме се’ да ја тргнеме блокадата за ЕУ, вели Ковачевски
Проевропската коалиција нема да подлегне на недржавничкото однесување и ќе направи се’ да ја тргне блокадата на патот на европските интеграција на државата, изјави премиерот Димитар Ковачевски по завршувањето на денешната седница за уставни измени.
„Ќе работиме на државните интереси за да обезбедиме мнозинство со кое ќе се продолжи европскиот пат на државата“, рече Ковачевски.
Премиерот по седницата заклучи дека од денешните настани во Собранието станало јасно кој сака Северна Македонија да биде просперитетна држава, а кој сака да ја блокира иднината.
Говорејќи за опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски оцени дека таа партија е за изолација, а проевропските граѓани тоа нема да им го простат.
„ВМРО-ДПМНЕ немаат никакви аргументи, идеја за дискусија и не водеа дебата. Со леснотија покажуваат дека се подготвени да ја блокираат европската иднина за лични цели, а против подобар и попросперитетен живот. Ако тие не знаат да дебатираат и аргументираат дома, како тогаш да очекуваме дека ќе го прават тоа со меѓународна заедница. Јасно е дека нивната цел не е да испреговараат нов договор, туку да блокираат и да си ги спасат сопствените политички кариери“, рече премиерот.
Повтори дека целта и натаму е интеграција во ЕУ до 2030 година, бидејќи мнозинството граѓани е за европска иднина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Силните дождови поплавија подруми и гаражи во Охрид
Локални дождови вчера и во текот на ноќта имаше на повеќе места во државата. Регионалниот Центар за управување со кризи (ЦУК) Охрид, известува дека се добиени пријави на граѓани за поплавување на подруми и гаража на две куќи на ул. „Стив Наумов“, во Охрид. Од страна на Општина Охрид е контактирано со ЈП „Нискоградба“ и ЈП „Колекторски систем“ дека колекторскиот систем не можел да ја прими во целост количината на вода која поради обилните врнежи од дожд, бидејќи во тој период на пороен дожд количината вода била голема. За кратко време состојбата е санирана.
Од ЦУК потсетуваат за голема внимателност при појава на локалните нагли метео промени и особена внимателност при грмежите и молњите, односно при силните електрични празнења. Препораките се да не се престојува на отворен простор и под осамени дрвја.
Потсетување има и за внимателно возење, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што има можност од појава на помали одрони при вакви променливи метео услови. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Сите итни случаи се пријавуваат на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 во ЦУК, особено кога граѓаните имаат животозагрозувачки ситуации. Истовремено, ЦУК информира дека е потребно и е корисно да се следат препораките и информациите од медиумите за превенција, а и за реагирање при итни случаи.
Македонија
За неколку дена Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство
За неколку дена, односно на 23 мај претседателката Гордана Сиљановска Давкова ќе ја има првата посета во странство. Тој ден ќе биде примена од Папата Франциск во Ватикан, а следниот ден во Рим ќе присуствува на чевствувањето на светите браќа Кирил и Методиј.
Сиљановска Давкова ќе ја посети базиликата Свети Климент каде се наоѓа гробот на Св. Кирил, а потоа и базиликата Санта мариа Маџоре каде се наоѓа плочата испишана на македонски јазик. За време на престојот во Рим, претседателката ќе биде примена од претседателот на Италија, Серџо Матарела.
Македонија
Денес дожд и грмежи, можно е краткотрајно невреме со силен ветер и град
Времето денеска ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Локално ќе има услови за појава на невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град.
Минималната температура ќе се движи од 9 до 15, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно и нестабилно со пороен дожд и грмежи. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветер и изолирана појава на град. Минималната температура ќе се спушти до 14, а максималната ќе достигне до 25 степени.