Македонија
Ќе нема превоз в понеделник ако на вработените во ЈСП дотогаш не им биде исплатена платата
Трите репрезентативни синдикати на Јавното сообраќајно претпријатие информираа дека ќе нема превоз в понеделник ако не ја добијат платата до тогаш. Според претседателот на еден од трите синдикати во Миќо Стојановски, решението е едноставно, да се остави претпријатието само да работи и само да остварува профит.
„Не ни треба Советот на Град Скопје, не ни треба Град Скопје, нека не остават нас самите да си го остваруваме приходот. Не бараме ни субвенции, не бараме никаква помош од Градот и државата. Нека не остават ние да управуваме со нашето претпријатие како што беше пред да почне плурализмот и демократијата“, нагласи Стојановски.
Репрезентативните синдикати во Јавното сообраќајно претпријатие ‘Скопје’ ги повикуваат советниците од Советот на Град Скопје итно да свикаат седница на Советот со една единствена точка на дневен ред, а тоа е гласање за субвенционирање на ЈСП.
„Бидејќи истите тие советници го изгласаа буџетот на Град Скопје за 2024 година, тоа значи, доколку не донесат одлука до недела, 21 јануари 2024 година, в понеделник, вработените во базите и другите сектори нема да работат бидејќи не е исплатена во законски рок изработената декемвриска плата“, велат од синдикатите.
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, претходно денес побара одговорност од Советот на Град Скопје поради најавениот прекин на работа на ЈСП поради неисплатената декемвриска плата.
„Оние одлуки што беа за редовното функционирање поврзани со буџетот на Град Скопје уредно ги доставив до Советот и до претседателот, дури свикав и една итна седница, на која тој со своето дискреционо право одлучи точките што беа најважни за претпријатијата на Град Скопје да ги отстрани од дневниот ред. Како што можете да видите, побаравме нова вонредна седница, таа сè уште не е свикана до денеска. Јас се надевам дека првин ќе понесат одговорност со функцијата што ја имаат, а доколку сакаат свесно да ги уништат претпријатијата, одговорноста е нивна, ние од наша страна сè што сме можеле сме направиле“, рече Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ДИК: ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, СДСМ 19, Европски фронт 18, ВЛЕН 13, Левица 6 и ЗНАМ 5 мандати
Државната изборна комисија ги објави првичните резултати за парламентарните избори, а бројките ги потврдија пресметките на партиските штабови.
„На ниво на држава по мандати коалицијата ’Твоја Македонија’ со ВМРО-ДПМНЕ освои 59 мандати, коалиција ’За европска иднина’ со СДСМ 19 мандати. Коалицијата ’Европски фронт’ има 18 мандати, коалиција ВЛЕН 13 мандати, политичка партија Левица 6 мандати и ЗНАМ 5 мандати. Може да се случат некои мали промени да претрпат овие бројки. 94,05 е голем процент на обработени податоци, не верувам дека ќе има некои сериозни промени. Тоа ќе го знаеме веќе утре“, рече претседателот на Државната изборна комисија, Александар Даштевски.
Вечерва почнаа да течат и рокови за приговори за парламентарните избори. Приговори за текот на гласањето може да се поднесат до 19 часот на десетти мај, а приговори за сумирање и утврдување резултати до 32.30 часот исто така на десетти мај.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ ја слави двојната победа, Мицкоски порача: Сите кои што мислеа дека можат да ја уништат Македонија, завршија на буниште
Членовите на партијата ВМРО-ДПМНЕ, заедно со своите симпатизери ја слават победата на претседателските и парламентарните избори на плоштадот во Скопје.
На насобраните луѓе им се обрати лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Ја ослободивме Македонија. Сите тие кои што мислеа дека можат да ја ограбат Македонија, да ја понижат, да ја уништат, денеска завршија на буниште, а набргу ќе одговараат“, порача тој.
Мицкоски претходно ги повика граѓаните да дојдат на плоштадите низ сите градови на Македонија заедно да ја прослават победата.
Македонија
Ахмети: ДУИ е втора сила во државата
ДУИ е втора сила во државата, изјави вечерва лидерот на интегративците, Али Ахмети.
„Ние Европскиот фронт сме втора сила во државата. Ние всушност го имавме ВМРО-ДПМНЕ како главен противник, затоа што ВМРО многу му помогна на Влен, но разликата помеѓу Европскиот фронт и Влен е преку 30.000 гласови“, рече Ахмети.
Според официјалните податоци на ДИК, ДУИ освои 18 мандати, коалицијата Влен освои 13 мандати.
ВМРО-ДПМНЕ која извои убедлива победа со 59 пратеници и ќе го добие мандатот за формирање Влада, најави дека ќе почне преговори со Влен за коалицирање. Партискиот лидер, Христијан Мицкоски и вечерва повтори дека е време ДУИ да замине во опозиција.