Македонија
Ќе се реконструираат девет детски игралишта во Центар

Во рамките на летните активности за подобрување на урбаната инфраструктура во општина Центар, предвидена е и реконструкција на 9 детски игралишта во општината.
„Комплетна реконструкција е предвидена за игралиштата во дворот на ООУ ‘Ј.Х. Песталоци’, на улицата Партение Зографски на Водно, во објектот ‘Бели мугри’ на детската градинка „Кочо Рацин“, игралиштето на улицата Владимир Полежановски, зад Универзалната сала и игралиштето во ООУ ’11 Октомври’. Реконструкцијата на игралиштата предвидува целосна обнова на реквизитите, поставување нови гумирани и бетонски подови, нови лулашки, клупи, корпи за отпадоци и друга урбана опрема“, соопштија од Општината.
Како што се наведува, во наредниот период се предвидува и санација на уште 4 други детски игралишта: на плочникот зад поранешна „Агромеханика“, во паркот „Капиштец“, игралиштето зад ТЦ „Зебра“ и детското игралиште во населбата Пролет.
„На овие игралишта ќе се сервисираат искршените и оштетени реквизити, ќе биде обновена бојата и ќе бидат дополнително уредени со урбана опрема и зеленило за да се добие целосна функционалност и повторно да им бидат на располагање на децата и родителите, кои дневно ги посетуваат“, додаваат од таму.
За овие активности Општина Центар издвои вкупно 10 милиони денари, средства од општинскиот буџет, со кои ќе се покријат сите трошоци за реконструкцијата на игралиштата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Фрчкоски добил 200 илјади евра од Еразмус+, наместо младите

ВМРО-ДПМНЕ обвини дека пари од програмата Еразмус+, наменети за образовни проекти за младите, завршувале кај поединци блиски до СДСМ.
Во денешното соопштение од партијата се наведува дека преку Агенцијата за европски образовни програми и мобилност, со која раководела Лидија Димова, биле доделени 200 илјади евра на проект на професорот Љубомир Фрчкоски.
„Димова и Зоран Заев со пари од Еразмус+ си ги плаќаа послушните и подобните кои требало да им завршат некоја работа или пак јавно да ги бранат. Покрај што со пари од агенцијата, преку Лазар Нанев, Заев си ја купуваше слободата исто така си ги плаќаше и неговите идеолози и јавни поддржувачи“ се наведува.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека Еразмус+ бил користен за „плаќање судии, професори и експерти блиски до власта“ и дека тоа е уште еден пример за, како што велат, злоупотреба на институциите за партиски интереси.
Македонија
Влен: Османи 20 години гради кариера, без проекти за Чаир

Коалицијата „Влен“ го критикуваше Бујар Османи, наведувајќи дека во изминатите 20 години тој градел лична политичка кариера, но не реализирал ниту еден проект за општина Чаир.
„Дваесет години Османи е во највисоките државни функции, а ниту еден човек од Чаир не почувствува поддршка или помош од него. Денес гледаме глума и празни зборови“, стои во соопштението.
Од ВЛЕН додаваат дека Османи не е кандидат за Чаир, туку за сопствена кариера и дека граѓаните на општината очекуваат посветеност, вистинска работа и конкретни резултати. Во реакцијата се наведува и дека младите во ДУИ се приклучуваат кон ВЛЕН, каде, како што велат, гледаат визија и перспектива.
Македонија
Повеќето пожари изгаснати, под контрола еден – ‘Јасен’ сè уште гори

До 8 часот утринава регистрирани се вкупно 27 пожари на отворен простор, соопшти Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Од нив, активни се два пожари – во ПП „Јасен“ на подрачјето на општина Македонски Брод и во атарот на селата Лојане и Табановце во општините Куманово и Липково. Под контрола е еден пожар на територија на општина Јегуновце, меѓу селата Рогачево, Јажинце и Долно Орешје.
Во текот на изминатите часови изгаснати се 24 пожари на повеќе локации низ државата, меѓу кои во Долнени, Тетово, Врапчиште, Гостивар, Куманово, Штип, Струга, Кичево, Крушево, Кисела Вода, Шуто Оризари, Илинден, Боговиње, Охрид, Старо Нагоричане, Крива Паланка, Бутел и Карпош.