Македонија
Џафери: Взаемната почит и солидарноста да бидат мотив за сите нас да создаваме убавини и добри дела
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на православните верници им го честита големиот христијански празник Христовото раѓање-Божиќ.
„Празниците се посебни денови кои носат во себе посебна магија која создава во сите нас убави и позитивни мисли кои пак зрачат прекрасна енергија на заедничка среќа и радост, сплотена верба и надеж за подобро утре, посветла иднина, за нас, за нашите деца и сите идни поколенија. Нека биде таа енергија силата која што не води мудро низ сите предизвици што ги носи секој нов ден, секој нов миг. Нека радоста и спокојот што се раѓаат со почитувањето на универзалните вредности, односно човекољубието, взаемната почит, солидарноста и сочувството бидат вообичаено секојдневие за сите нас и мотив за создавање на дополнителни убавини и правење на добри дела за радоста од дарувањето на таа позитивна енергија биде удвоена.
Драги граѓани, Ви посакувам среќа, радост и благосостојба во вашите домови, насмевки на лицата на вашите најблиски и секојдневен напредок на лично поле, што ќе резултира со колективен напредок на земјата и сите граѓани.
Уште еднаш, честит празник и убави празнични денови!“ се наведува во честитката на Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Oбвинувања за канабисот: ВМРО-ДПМНЕ бара истрага за лиценците, СДСМ прашува кој дозволил 5 тони дрога да ја поминат границата
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и утрово разменија обвинувања поврзани со лиценците за производство на канабис и со запленетата марихуана.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека фирмата „ЦБД Медплант“ од Ново Село, од која, како што наведуваат, биле запленети околу 30 тони марихуана, добила лиценца во 2020 година, во период кога на власт биле Зоран Заев и Венко Филипче. Партијата наведува дека фирмата е директно поврзана со луѓе блиски до СДС и Заев и повикува Јавното обвинителство да ја испита поврзаноста на поранешни функционери со бизнисот со канабис.
„Постојат фотографии кои го прикажуваат Филипче во друштво со сопственикот, Тони Котев. Од вкупно околу 40 тони запленета марихуана, дури околу 30 тони се поврзуваат со оваа фирма или 70 отсто“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата нагласува и дека измените на Правилникот за одгледување на канабис во 2023 година, отвораат прашања за законитоста на процесот. Од партијата бараат институционална одговорност.
Од друга страна, СДСМ обвинува дека власта се обидува да дефокусира и да го заташка случајот со 5 тони дрога што ја поминале македонската граница и завршиле во Србија. Според СДСМ, јавноста 16 дена чека одговор како дрогата ја поминала границата и кој ќе понесе одговорност.
„Премиерот Мицкоски лицитира со 25, 40, па и 100 тони запленета марихуана, наводно нелегално произведена. Ако навистина станува збор за нелегално производство од такви размери, тоа отвора уште посериозно прашање за одговорноста која мора да се прошири на повеќе институции токму во власта“, велат од СДСМ.
Партијата прашува како се произвела марихуана на површина од речиси 40 фудбалски стадиони, наводно нелегално, а институциите не знаеле, не провериле, не контролирале.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ повика на целосна истрага за модуларната болница во Тетово
ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека Венко Филипче ја составил техничката спецификација за модуларната болница во Тетово без соодветен елаборат за електрична енергија и без целосно почитување на безбедносните стандарди.
Од партијата тврдат дека Светска банка одобрила 30 милиони евра за изградба на модуларните болници, додека реалната цена по која биле изградени објектите изнесувала околу 300.000 евра.
„Јавноста има право да знае каде завршиле парите и зошто профитот бил поважен од безбедноста на граѓаните“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека во здравството не смеело да се дозволуваат калкулации и импровизации за остварување личен профит.
Партијата се повикува и на, како што наведуваат, јавно изнесени тврдења на поранешната обвинителка Лејла Кадриу, според кои во обвинението биле опфатени само медицинскиот и економскиот директор на тетовската болница, додека Филипче бил надлежен за техничката документација.
„Се поставува прашањето зошто бил заштитен од правосудните органи“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат Јавното обвинителство, согласно законите и доказите, целосно, темелно и неселективно да го расветли случајот со модуларната болница во Тетово.
Македонија
Поплави во повеќе региони во земјава – евакуирани 220 лица во Кичево, критично во Форино, поплавени куќи, ниви, подруми
Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека поради обилните врнежи од дожд се регистрирани поплави во повеќе региони во земјата, при што најкритична состојба има во Полошкиот регион и во Кичево.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале во текот на целата ноќ. Најпогодено е селото Форино. Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште.
Во Југозападниот регион, во Кичево, на улицата „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи, а евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. На улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош, поплавени се подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвениот крст, а на терен работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска Река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане, на локацијата Шупли Камен кај мостот на Кумановска Река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во Скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата утрово се следи и е мирна, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село, без непосредна опасност.
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби.
Во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол, а екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.

