Македонија
Џафери во Стразбур: Европратениците немаат дилема дека треба да ни биде доделен датум

Пораки за силна поддршка за европската перспектива упатија европратениците до претседателот на македонското собрание, Талат Џафери, кој учествуваше на Конференцијата на претседатели на Парламенти на земјите членки на Советот на Европа, која се одржува во Стразбур.
Џафери оствари и средби со пратеници во Европскиот парламент, кои оваа недела заседаваат во Франција.
Имено, тој се сретна со претседателот на Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент, Дејвид Мекалистер, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ и Република Северна Македонија – Андреас Шидер, известувачот за Република Северна Македонија, Илхам Кјучјук, како и со т.н. известувач во сенка, Тања Фајон.
На средбите беше нагласено дека во Европскиот парламент нема дилеми дека треба да се додели датум за почеток на преговорите и дека доколку одлуката зависеше само од Парламентот, Република Северна Македонија одамна ќе ги почнеше преговорите. Европратениците истакнаа дека и во иднина ќе продолжи силната поддршка на Собранието на Република Северна Македонија, а соработката во форма на Мешовитиот парламентарен комитет и Жан Моне дијалогот ќе продолжат на редовна основа.
Претседателот на Комисијата за надворешна политика, Дејвид Мекалистер, истакна дека за Европскиот парламент, Република Северна Македонија останува приоритет, постои широка поддршка и покрај неправедната одлука од страна на Советот. Направената грешка не може да се коригира, но нема да се дозволи истата да се повтори во иднина.
Претседателот Џафери беше поканет да ја следи и дебатата во Европскиот парламент за резолуцијата за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија. Во резолуцијата поднесена од пратеници од шесте најголеми политички групи во Европскиот парламент се изразува длабоко разочарување поради неуспехот на Европскиот совет да донесе одлука за почеток на преговори за членство со Северна Македонија поради, како што се наведува во текстот, блокадата на Франција, Данска и Холандија. Во резолуцијата меѓу другото, како одговор на блокадата на Европскиот совет, се повикува Европскиот парламент да свика регионален парламентарен дијалог со претседателите на парламентите на земјите од Западен Балкан со цел да се развие стратегија за улогата на парламентите во реформите од европската агенда и постигнување конкретни мерки за исполнување на европските аспирации на граѓаните во регионот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сончево и топло време, максималната температура до 34 степени

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 17, а максималната ќе достигне од 27 до 34 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 33 степени.
Времето во наредните денови
Во среда ќе се задржи сончево и топло време со мала до умерена облачност. Од четврток до недела ќе преовладува променливо облачно и нестабилно време со локален пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во постепено опаѓање.
Македонија
Меџити го претстави мега-спортскиот проект во Чаир

Првиот Заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, воедно и кандидат за градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, денес го претстави најголемиот спортски проект во историјата на Чаир, трансформација на напуштениот базен во нов, модерен спортски и рекреативен центар.
Овој амбициозен проект, конципиран по примерот на познатите спортски центри „Јане Сандански“ во Аеродром и „Борис Трајковски“ во Карпош, има за цел да донесе мултифункционален центар според европски стандарди, во срцето на Чаир.
„Комплексот ќе содржи: голема спортска сала за ракомет, одбојка и кошарка со капацитет од над 3.000 гледачи, затворен фитнес центар, сали за пинг-понг и боречки спортови како карате и бокс; како и надворешни игралишта за мал фудбал и две кошаркарски игралишта – отворени и достапни за сите граѓани”, информираше Меџити.
Според него, проектот ќе се реализира преку јавно-приватно партнерство, при што Општина Чаир ќе ги обезбеди сите правни и институционални предуслови во целосна соработка со централната власт.
„Инвеститорот што ќе биде избран, ќе има обврска да изгради центар што ги исполнува современите стандарди и да понуди одржлив модел на функционирање. За возврат, ќе има право да го користи комплексот во рок од 20 до 30 години“, изјави Меџити.
Тој додаде дека по истекот на тој период, овој модерен спортски и рекреативен центар ќе стане целосна сопственост на Општина Чаир и на сите наши граѓани. Со одлука на Влада на РСМ е дадено на трајно користење на Општина Чаир и Општината може да управува односно да ги спроведе сите процедури кои се потребни за реализација на овој проект.
Време е и Чаир да добие спортски центар од европски ранг, порача Меџити за време на презентацијата.
Македонија
(Видео) Полицискиот хеликоптер денеска фрли повеќе од 30 тони вода врз дел од пожарите

Денеска полицискиот хеликоптер Бел 412 беше ангажиран во два наврати за гасење пожар во реон на село Русиново и во реон на село Никуштак на Скопска Црна Гора и притоа исфрли преку 30 тони вода, соопшти МВР.
– Активностите на полициските хеликоптери продолжуваат и во наредните денови, се до целосно гасење на пожарите на територијата на целата држава, известува МВР.