Македонија
Џафери во Тирана: Планот за раст и заедничкиот регионален пазар се клучни за забрзано членство во ЕУ
Премиерот Талат Џафери се обрати на конференцијата посветена на планот за раст за Западен Балкан, која е продолжение на разговорите почнати во Скопје минатиот месец. Џафери зборуваше во рамките на панелот „Вовед во единствениот пазар“, при што ја нагласи важноста на заедничкиот регионален пазар како можност до придобивките на внатрешниот пазар на ЕУ,за граѓаните уште во текот на пристапниот процес.
Премиерот Џафери посочи дека Владата на Република Северна Македонија силно го поддржува планот за раст за Западен Балкан и дека тоа е најамбициозниот механизам предложен од Европската комисија од почетокот на нашиот евроинтеграциски процес, кој потенцијално ќе го промени регионот и ќе го забрза придвижувањето кон Европската Унија.
Планот за раст, како што истакна Џафери, означува сериозен стимул за поголема економска интеграција во рамките на Западен Балкан, со што се создаваат не само подобри можности за работни места туку и зголемување на растот на БДП во регионот.
„Овој заеднички напор не само што е од корист за Западен Балкан туку и ги подобрува атрактивноста и конкурентноста на регионот. Нè доближува до пазарите на ЕУ и го олеснува одржливиот економски развој. Во оваа насока заедничкиот регионален пазар ја постави основата на зајакнати трговски односи и заеднички економски иницијативи“, истакна Џафери.
Како што посочи во своето излагање, земјите од Западен Балкан активно соработуваат и придонесуваат кон тоа заедничкиот регионален пазар да стане реалност како подготовка за приближување на целиот регион до внатрешниот пазар на ЕУ и дека пред земјите претстојат дополнителни посуштински реформи во однос на подобрувањето на капацитетите, ефикасноста и конкурентноста на нашите економии и на регионот во целина. Следниот акциски план за заедничкиот регионален пазар, продолжи премиерот Џафери, треба да биде продолжение на постигнатиот напредок и да одговори на идентификуваните предизвици и да постави јасни, мерливи цели, вклучувајќи механизам за мониторинг и евалуација преку давање приоритет на активностите што имаат најголем потенцијал да направат позитивни промени врз граѓаните.
Џафери се осврна и на приоритетните области определени од Европската комисија, при што потенцира дека Владата на Република Северна Македонија целосно го поддржува предложениот патоказ за подобрена царинска соработка и дека сме посветени целосно на спроведување на одлуките на заедничкиот комитет на ЦЕФТА за овластени економски оператори и за управување со ризик по усвојувањето од сите страни.
Воедно, како што посочи, Северна Македонија останува целосно посветена да стане што побргу членка на СЕПА, со оглед на фактот дека тој чекор ќе го зголеми кредибилитетот на нашиот финансиски сектор на меѓународната сцена и ќе ги продлабочи трговските односи со европската област.
Џафери се осврна и на единствениот дигитален пазар, при што изрази благодарност за конкретниот патоказ за распоредување на пристап до интернет до јавни згради и урбани и јавни простори, рурални простори во земјата, и ги потенцира посветеноста и подготвеноста на земјата за имплементација на повиците за вклучување на општините од Северна Македонија во вај-фај за Западен Балкан (Wifi4WB), но и целосната посветеност на земјата на иницијативата за европски центри и дигитални иновации, како поддршка на компаниите во јавниот сектор, во зелените транзиции, а преку учество во програмата за дигитална Европа и мрежата на европски центри во дигитални информации.
Ја поздрави одлуката на Европската комисија да го отвори повикот на алијансата за критични лекови во индустријата во граѓанското општество во Западен Балкан потенцирајќи дека Владата на Република Северна Македонија е посветена да ја промовира оваа можност имајќи ги предвид големината и различноста на нашата фармацевтска индустрија и да помогне во нејзиното вклучување во алијансата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на панел во Давос со американскиот секретар за енергетика: „Македонија мора да стане активен играч во енергетиката“
Премиерот Христијан Мицкоски денеска учествуваше на панел за енергетика во рамки на Светскиот економски форум во Давос, заедно со секретарот за енергетика на САД, Крис Рајт. Тој изјави дека зад себе има успешен и инспиративен ден со средби со мултинационални компании од областа на енергетиката, здравството и високата технологија.
„Претставивме можности за инвестиции во македонската економија – нешто што значи додадена вредност за граѓаните“, рече Мицкоски во видео-обраќање.
Во фокусот на денот, како што рече, бил панелот на кој учествувале водечки светски енергетски компании. „Разговаравме за очекувањата и плановите за развој на енергетиката, особено во производството на електрична енергија“, кажа Мицкоски, кој притоа истакна три клучни поенти од панелот:
Побарувачката на електрична енергија ќе расте два и пол пати побргу од вкупната побарувачка на енергија во светот во наредните години. „Македонија не смее да биде нем набљудувач, туку активен чинител“, порача тој, повикувајќи на рестарт на проекти како Чебрен, Галиште и Бошков Мост.
Во следните десет години, светот ќе треба да изгради капацитети што ќе произведуваат 40.000 терават-часови електрична енергија – што е 5.500 пати повеќе од целата потрошувачка на Македонија, и приближно колку што трошат САД, Канада, ЕУ и Јапонија заедно. Причина за ова е експанзијата на вештачката интелигенција и дата центрите што работат исклучиво на електрична енергија.
Македонија треба да ја диверзифицира економијата и од фокус на автомобилската индустрија да стане значаен играч во енергетиката, користејќи ги постојните ресурси и потенцијали за обновлива енергија.
„Убеден сум дека можеме да успееме како држава во оваа насока“, изјави премиерот.
Македонија
МВР го пронајде возачот кој се снимаше додека вози со 293 километри на час
Министерството за внатрешни работи делуваше по објавата на шокантно видео на социјалните мрежи, на кое се гледа како возач управува со патничко моторно возило со неверојатни 293 километри на час на автопатот Скопје–Гевгелија, во близина на Неготино. На тој дел од патот максимално дозволената брзина е 120 километри на час.
Возачот, А.Д. (36) од село Елово, скопско, веднаш бил идентификуван, пронајден и повикан од полицијата.
„Тој е санкциониран согласно законските одредби“, велат од МВР.
Министерството повторно апелира до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, за зачувување на безбедноста на сите граѓани.
Фото: МВР
Македонија
Утре снежни врнежи, наместа снежната покривка ќе се зголеми и до 25 сантиметри, најавува УХМР
Облачно време со повремени локални врнежи од снег се очекува утре низ целата земја. Пообилни врнежи ќе има во западните делови, каде што висината на снежната покривка на планините и на некои повисоки места ќе може да се зголеми и до 25 сантиметри. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде помеѓу -8 и -2 степени, додека максималната ќе достигне од 0 до 6 степени, јавува УХМР.
За Скопје се најавува претежно облачно време со повремени врнежи од снег со послаб интензитет. Во Скопје, исто така, ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се движи околу -6, а максималната ќе биде до 2 степени.
Во наредните денови се очекува период на променливо облачно време со пораст на температурите. До сабота ќе продолжи претежно стабилно време, со појава на магла во поодделни котлини. Од сабота кон крајот на денот повторно се очекуваат локални врнежи од дожд, односно снег на планините и повисоките места.

