Македонија
Џафери за Денот на независноста: Сите да придонесеме за економски силна и европска Република Северна Македонија

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, од свое лично име и од име на пратениците во Собранието, упати честитка по повод 8 Септември, како што вели, најзначајниот ден во растот и развојот на нашата држава – Денот на независноста.
„Преку оваа честитка, со обраќам до вас граѓаните за искрено и најсрдечно да ви го честитам роденденот на Републиката“, истакнува тој.
Претседателот на Собранието нагласува и дека искуството од минатото покажало дека ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството.
„Заедно растеме, се справуваме секојдневно со секакви предизвици, ситуации, кризи од секаква природа и тоа го правиме заедно, како семејство затоа што тоа е најдобриот начин, така сме најсилни, и така сме непобедливи. Ниту еден предизвик не е доволно голем за моќта и нескршливоста на единството, па дури ни пандемијата на Ковид-19 која надвиснала над целата Земјина топка и ги става на тест здравствените и економските системи на државите. Ќе го надминеме и ова, заедно, сплотени, со целосно почитување на здравствените и други протоколи“, посочува Џафери.
Тој додава дека републиката, низ годините, доживеала и преживеала низа кризи, дури и конфликт, меѓутоа секогаш го знаела својот пат и правец.
„Доказ дека е на вистинскиот пат е и овогодишниот огромен успех, полноправното членство на Република Северна Македонија во НАТО, моќниот воено-политички сојуз, и тоа е успех за нас, за безбедноста и сигурноста на државата. Продолжуваме понатака, кон следната цел, кон следниот успех, полноправното членство во Европската Унија. За тој сон да стане реалност, мораме да ја задржиме истата динамика, истиот жар и посветеност и секако, верба дека ќе успееме. А ќе успееме ако изградиме силни, функционални институции кои во секој миг, во секој агол од оваа наша прекрасна татковина ќе работат и придонесуваат подеднакво, искрено и транспарентно“, нагласува Џафери.
„Почитувани, нека ни е среќна и долговечна, нека расте и се развива во напредна, економски силна и европска Република Северна Македонија“, вели на крајот од честитката по повод Денот на независноста, претседателот на Собранието, Талат Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почина поранешниот јавен обвинител Воислав Гавровски

Почина Воислав Гавровски, поранешен јавен обвинител во републичкото Јавно обвинителство.
Гавровски беше роден на 28.06.1951 година во Тетово, а на Правниот факултет во Скопје дипломирал во 1976 година.
По дипломирањето работел во Судот во Тетово, каде напредувал до судиска функција, а потоа ја вршел и функцијата секретар во тетовската општина.
Од 1991 до 1993 година ја извршувал функцијата на заменик на општинскиот јавен обвинител во Тетово. По неколкугодишна адвокатска кариера, во обвинителството се враќа на 10.04.2003 година кога Собранието го избира за заменик на Јавниот обвинител на Република Македонија, додека од 14.04.2009 година е избран за јавен обвинител во републичкото обвинителство без ограничување на траење на мандатот. Оваа функција ја врши до пензионирањето во 2018 година.
Извесен период Гавровски беше и член на Комисијата за помилување на Претседателот на Република Македонија.
Јавното обвинителство изразува сочувство до семејството и блиските.
Македонија
Сообраќајка на автопатот Тетово-Гостивар, сообраќајот е во прекин

Од 15:50 часот во прекин е сообраќајот на автопатот Тетово – Гостивар, поради сообраќајна незгода, извести АМСМ.
Засега нема информации за состојбата на учесниците во несреќата и причините за истата.
Македонија
Фетаи и амбасадорот Вал разговараа за забрзување на евроинтерграцијата

Вицепремиерот задолжен за политики за добро владеење, Арбен Фетаи, денеска се сретна со амбасадорот на ОБСЕ, Килијан Вал, и заменик-шефот на Мисијата во Скопје, Енрика Вида.
На состанокот беше дискутирано за приоритетите на Стратешкиот план на кабинетот на заменик-претседателот Фетаи за 2025 година, со посебен фокус на борбата против корупцијата, конфискацијата на нечегално стекнатиот имот, зголемувањето на транспарентноста на институциите и за зајакнувањето на стратешкиот дијалог со Граѓанското општество.
Исто така, двете страни разговараа и за забрзување на процесот на европската интеграција на Северна Македонија и за политичките случувања во земјата и регионот.
„Експертизата и улогата на ОБСЕ се незаменливи за зајакнување на демократијата, зачувување на безбедноста и исполнување на меѓународните стандарди“, истакна Фетаи.
Тој му се заблагодари на амбасадорот Вал за континуираната поддршка на ОБСЕ за Северна Македонија, изразувајќи подготвеност за продлабочување на соработката во спроведувањето на приоритетите на кабинетот, кои кореспондираат со новата стратегија на мисијата на ОБСЕ.
„Напред, заедно, кон поправедна и побезбедна иднина“, се заложи Фетаи.