Македонија
Џафери – Ландсбергис: Бугарското вето е неприфатливо во моменти кога е загрозена европската безбедност
Денес, претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба со Габриелиус Ландсбергис, министер за надворешни работи на Република Литванија.
На средбата тој изрази задоволство од остварувањето на оваа посета во Република Северна Македонија, како и благодарност за постојаниот интерес на Република Литванија за давањето поддршка на евро-атлантските и европските интеграции на Република Северна Македонија, информираат од кабинетот на Џафери.
Во разговорот претседателот изразил жалење за околностите во кои се случува оваа средба кога е загрозена безбедноста на европскиот континент, односно кога Украина се соочува со неоправдана и непровоцирана воена агресија од страна на Руската Федерација, чин што глобалната заедница, вклучително и Република Северна Македонија, силно го осудува и го прогласува за флагрантно кршење на територијалниот интегритет на суверена држава, со непочитување на меѓународно признатите граници и меѓународното право.
Тој се осврнал на неговата неодамнешна посета на Украина, каде што, како што е посочено во соопштението, даде лична и институционална поддршка на напорите на украинските институции да ги вратат мирот и контролата врз целата своја територија. Тој потенцира дека Република Северна Македонија како држава е приклучена кон сите мерки и обврски што ги презема Европската Унија како поддршка на Украина и тоа се мерки што ги презема како држава членка на НАТО и земја кандидат за влез во Европската Унија.
Министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриелиус Ландсбергис, истакна дека силно ја поддржуваат европската интеграција на Република Северна Македонија и што е можно побрзото почнување на преговорите за членство во ЕУ. Тој истакна дека многу е важно Северна Македонија цврсто да се придржува кон сите санкции кон Руската Федерација воведени од Европската Унија. Во однос на противењето на Република Бугарија и ставањето вето за почнување на преговорите на Република Северна Македонија, истакна дека тоа е неприфатливо, особено во овие тешки моменти кога е загрозена европската безбедност и единството и солидарноста помеѓу европските земји се клучни за надминување на кризата. Тој укажа дека Република Литванија многу напреднала на сите полиња и тоа на демократско, економско и на институционално поле кога станала членка на ЕУ.
На крајот двајцата соговорници се согласија дека е потребна заемна поголема соработка и поддршка како земји членки на алијансата на НАТО со цел надминување на кризните состојби на европскиот континент.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Техничката влада не се укина за изборите во 2024 година за ДУИ да добие премиер
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, вечерва беше гостин во Тема на денот на Сител телевизија, каде се осврна и на актуелната тема за укинување на техничката влада за што истакна дека истата била воведена како привремено решение за кризата во 2015 година. Тој вели дека нејзиното укинување во 2024 година било спречено поради договор меѓу СДС и ДУИ со цел ДУИ да добие премиер, како што и се случи, и како што вели тој, беше спротивно на изборните правила и волјата на граѓаните.
„Во 2015 година оваа техничка влада беше договорена во еден сосема друг политички контекст и беше решение на една политичка криза. До следните редовни парламентарни избори ќе поминат 12 и пол години од таа политичка криза и од договорите кои што тогаш се правеа. Оваа техничка влада го надмина времето и причините за кои што беше создадена и ние сме единствена држава од нормалните демократии во Европа, која што го прави, и на ова треба да се стави точка и да заврши затоа што ни треба нормално функционирање на државата“, вели Николоски.
„Ние го инициравме тоа, но единствената причина зошто не се укина техничката влада за изборите во 2024 година беше договорот помеѓу СДС и ДУИ, да ДУИ добие премиер, и тоа се случи, Талат Џафери стана премиер, што беше вон сите изборни правила, и вон волјата на народот, и затоа завршија на избори како што завршија“, рече Николоски.
Македонија
(Фото) Тошковски на проштална средба со амбасадорката Агелер: САД остануваат клучен стратешки партнер во безбедноста
Министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Панче Тошковски, денеска оствари проштална средба со амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Ангела Агелер.

На средбата, министерот Тошковски изрази благодарност за нејзината посветеност, професионалност и континуирана поддршка на реформските процеси, со посебен акцент на унапредувањето на безбедносниот систем и јакнењето на институционалните капацитети. Тој ја истакна значајната улога на амбасадорката Агелер во продлабочувањето на соработката меѓу двете држави, особено во областа на внатрешната безбедност, владеењето на правото и борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Министерот упати благодарност и до Амбасадата на САД за силната и континуирана поддршка на Македонија, нагласувајќи дека Соединетите Американски Држави се стратешки партнер и важен сојузник во зајакнувањето на безбедноста, стабилноста и евроатлантската ориентација на државата. Во тој контекст, беше потенцирана и одличната соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и американските институции преку заеднички проекти, обуки и размена на експертиза.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со раководството на Сојузот на стопанските комори на Македонија
Во рамки на серијата работни средби насочени кон унапредување на економската дипломатија и поддршката на извозот, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари работен состанок со раководството на Сојузот на стопанските комори, предводено од претседателот Горан Ѓорѓиевски.

На средбата се разговараше за интензивирање на соработката преку организација на тематски трговски посети на приоритетни пазари, обезбедување логистичка поддршка при значајни бизнис посети во државата, како и за промоција на извозните капацитети на домашните компании пред дипломатскиот кор. Посебен акцент беше ставен на унапредување на комуникацијата и соработката на домашните компании со дипломатско-конзуларните претставништва во странство, известуваат од Министерството.

Фокусот на институционалните активности е насочен кон системска поддршка на компаниите со извозен потенцијал, со цел поттикнување на додадената вредност во економијата и создавање услови за одржлив економски развој.

