Македонија
Џафери на средба со европратеникот Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година
Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, оствари средба со европратеникот Стељос Кулоглу и добитничката на Нобеловата награда за мир за 2015 година, Видет Бушамауи.
Претседателот Џафери за време на средбата ја поздрави причината и целта на нивната посета, кои се остваруваат во вистински момент кога во Собранието се во тек активностите за заокружување на започнатите процеси за евро-атланска интеграција на земјата, а тоа е – номинацијата на премиерите Заев и Цирпас за Нобелова награда за мир, соопштуваат од Кабинетот на Џафери.
Во соопштението се додава дека претседателот на Собранието исто така истакнал дека и покрај одличните економски односи меѓу двете земји, со оглед на фактот што Република Грција е четврт најголем инвеститор во Република Македонија, сепак, отворените политички прашања негативно се одразиле на политичките билатерални односи досега и тоа само докажало дека отворените прашања, доколку се остават нерешени подолг период, генерираат пречки.
Во продолжение, претседателот на Собранието ги информирал присутните за реформските процеси од планот 18 и за претстојниот пакет на закони за донесување во доменот на судството, безбедносниот сектор и администрацијата, како дел од предусловите за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија. На крај, тој изразил надеж дека по реализацијата на потребните процедури во двата парламента, повторно ќе има средба со својот колега Вуцис, за конкретизирање на идната билатерална соработка на сите нивоа и дека ваквите чекори ќе придонесат за мир и стабилност на целиот регион и ќе служат како пример, особено во контекст на актуелните случувања во соседството.
Бушамауи изразила поддршка за мирот, стабилноста и безбедноста и за време на средбата ги пофалила напорите на двете страни за избегнување конфликти и за изнаоѓање мирно решение на отворените прашања, покажувајќи на тој начин дека проблемите можат да се решаваат преку дијалог. Таа ја потенцирала важноста двата парламенти да ги завршат започнатите активности бидејќи овој модел е високо ценет од меѓународната заедница и истиот треба да служи како инспиративна лекција за целиот регион.
Европратеникот Стељос Кулоглу, пак, ја повторил поддршката на сите политички партии во Европскиот парламент за договорот од Преспа, за којшто нагласи дека беше потребна политичка храброст и покрај блокадите во двете држави од одредени политички партии. Во однос на ратификацијата од страна на грчкиот парламент, тој потенцира дека процедурата ќе биде завршена во рок од неколку дена, веднаш по завршувањето на процедурата во Собранието на Република Македонија, со што ќе може да се деблокираат процесите за евро-атланска интеграција на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски на средба со еврокомесарот за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска оствари средба со европскиот комесар за внатрешни работи и миграции, Магнус Брунер.
На средбата министерот Муцунски го истакна континуираниот ангажман на земјата во процесот на пристапување кон Европската Унија, особено во областа на внатрешните работи и миграцијата. Тој ја нагласи посветеноста кон унапредување на институционалните капацитети и спроведување на реформите во оваа област, со цел натамошно усогласување со европските правила и стандарди.
Соговорниците разговараа за продлабочување на соработката во управувањето со миграциите, вклучително и партнерството со Фронтекс, борбата против нелегалната миграција и организираниот криминал, визната политика, како и континуираната размена на информации и искуства.
Посебно внимание беше посветено на имплементацијата на Системот за влез/излез на Европската Унија (Entry/Exit System). Министерот Муцунски укажа на практичните импликации од неговата примена, особено во однос на професионалните возачи и транспортниот сектор, кои се соочуваат со конкретни оперативни и финансиски предизвици. Во таа насока, тој ја нагласи важноста од продолжување на напорите за изнаоѓање практични и навремени решенија преку конструктивен дијалог со Европската комисија и земјите членки, со цел зајакнување на поврзаноста и обезбедување непречено одвивање на трговските текови
Македонија
Гаши – Грлиќ Радман: Континуирана и цврста поддршка за евроинтеграциите
Претседателот на Собраниетo на Република Северна Македонија, Африм Гаши, се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман, кој престојува во дводневна официјална посета на државата. На средбата присуствуваше и генералниот секретар на Собранието, Марина Димовска.
Претседателот Гаши изрази благодарност за континуираната и цврста поддршка што Република Хрватска ѝ ја дава на европската перспектива на државата, како и за севкупната билатерална соработка што се развива во духот на меѓусебна почит, разбирање, солидарност и партнерство. Тој нагласи дека особено се цени подготвеноста на Хрватска да ја споделува својата драгоцена експертиза и искуство од процесот на пристапување и водењето на преговорите за членство.
Беше истакната и важноста на сојузништвото и соработката во рамките на НАТО, каде што двете држави се силно посветени на промовирање и споделување на заедничките вредности, принципи и одговорности на Алијансата.
Двајцата соговорници се сложија дека политиката на проширување на Европска Унија претставува стратешка инвестиција во мирот, стабилноста и просперитетот на регионот како и на целиот европски континент, а беше поздравена и целосната усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата, со што Република Северна Македонија покажа дека е кредибилен партнер.
Исто така, соговорниците нагласија дека Република Северна Македонија и Република Хрватска секогаш негувале пријателски однос, базиран на висока почит кон човековите, националните, културните права на малцинствата кои студираат, работат или живеат во двете држави, што претставува позитивен пример во регионот и пошироко.
Гаши изрази увереност дека посетата на министерот Грлиќ Радман ќе придонесе за дополнително зацврстување и унапредување на односите меѓу двете држави на сите полиња од заеднички интерес, како и дека Република Северна Македонија и натаму ќе смета на силната хрватска поддршка за нејзина интеграција во Европската унија.
Македонија
Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај
На официјална церемонија со највисоки државни и воени почести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го пречека албанскиот претседател Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на земјава.
Претседателите одржаа тет-а-тет средба, по што следуваше пленарен состанок на македонската и на албанската делегација.

Во фокусот на разговорите беа севкупните билатерални односи, кои се традиционално пријателски и партнерски, како и можностите за нивно понатамошно продлабочување во повеќе сфери од заемен интерес.
Соговорниците разменија мислења за европските аспирации на двете држави, соработката во рамките на НАТО алијансата и актуелната безбедносна состојба на европскиот континент, како и за соработката во рамки на регионалните иницијативи.

Беше изразена подготвеност за натамошно унапредување на политичкиот дијалог и институционалната соработка, во интерес на граѓаните на двете држави.

