Македонија
Џафери на средба со новиот состав на ДКСК: Поддршка во реализација на надлежностите и изградбата на праведно општество за сите
Премиерот Талат Џафери се сретна со новоизбраната претседателка на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Татјана Димитровска, и со членовите на новиот состав на Комисијата.
Средбата се реализира на барање на претседателот на Владата, Џафери, и на неа тој истакна дека Комисијата ја има поддршката во реализацијата на законските обврски.
На средбата беа споделени ставови на претставниците на Комисијата за континуиран процес на развој на ДКСК со цел зајакнување на нејзиниот статус, како и за ефикасно спроведување на законските надлежности во делот на спречување корупција.
Заеднички е изразена согласност дека владеењето на правото е еден од клучните приоритети за сите граѓани на Република Северна Македонија и на патот на државата кон Европската Унија и дека во таа насока потребни се заеднички, консолидирани напори од сите страни, правосудната, законодавната и извршната власт, како и широко од општествената јавност за постигнување на очекуваните резултати.
Во однос на актуелната тема за организацијата и спроведувањето на претстојните претседателски и парламентарни избори заеднички се истакна дека е потребен фокус од сите политички субјекти, учесници во изборниот процес кон спроведување транспаренти, фер и демократски избори според европски стандарди и пракси, особено што Република Северна Македонија аспирира кон натамошни исчекори во евроинтеграцискиот процес за скорешно членство во Европската Унија.
Џафери на претседателката на Комисијата, Димитровска, и на присутните претставнички им го честита Меѓународниот ден на жената, 8 Март, истакнувајќи ја важноста на споделената одговорна улога во изградбата праведно и правично општество за сите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.