Македонија
Џафери на средба со Петков: „Членството на Северна Македонија во ЕУ ќе биде во интерес на регионот“
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, оствари средба бугарскиот премиер Кирил Петков.
Џафери изрази особено задоволство од денешната средба која е меѓу првите во надворешно-политичка агенда на премиерот на Република Бугарија, со што се покажува отвореност и спремност за внесување нови, свежи текови во политиката кон соседните земји. Тој ги нагласи напорите на Република Северна Македонија за градење добрососедски односи и регионална соработка со сите земји во регионот и пошироко, при што подвлече дека за нашата земја е од суштинско значење подобрувањето на билатералните односи со Бугарија.
Џафери искажа уверување дека потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете земји од 2017 година претставува значаен напредок во историјата на односите на двете држави и со тоа се потврдува заложбата за меѓусебно почитување и разбирање. Тој претставува добра основа за унапредување на соработката меѓу двете земји и изрази очекување соработката во иднина уште повеќе да се зајакнува и унапредува.
Во однос на меѓусебната парламентарна соработка, претседателот на Собранието искажа дека е потребно таа соработка да продолжи и да се динамизира преку повеќе контакти, како на највисоко ниво така и преку соработка на ниво на парламентарните работни тела и пратеничките групи за соработка. Во иднина, мора да се посвети поголемо внимание и интерес на подоброто инфраструктурно поврзување меѓу двете земји преку Коридорот 8 и тоа пред сé, на патното, железничкото, енергетското и дигиталното поврзување, што ќе овозможи унапредување на бизнис-соработката меѓу двете земји и поголема размена на луѓе, стоки и услуги за кои постои огромен потенцијал. Коридорот 8 ќе го поврзе Црното со Јадранското Море, со што ќе се надмине регионалниот контекст и ќе се овозможи поголемо влијание на регионот на светско ниво.
Во однос на отпочнувањето на преговорите за членство во Европската Унија, односно одржувањето на првата меѓувладина конференција, Џафери истакна дека тоа е од исклучително значење за земјата и според него, членството на Република Северна Македонија ќе биде во интерес на сите земји од балканскиот регион, особено за Бугарија.
Петков искажа големо задоволство од посетата и од сите денешни средби и разговори што имал можност да ги оствари. Информираше дека веќе се договорени владините работни групи и се очекува тие да имаат работни средби барем еднаш месечно. Очекува наскоро да се воспостави авионската линија Скопје-Софија, со што ќе се овозможи подобра комуникација меѓу граѓаните од двете држави.
Истакна дека на балканскиот регион живеат околу 65 милиони жители и во едни поинакви околности, без бариери, со добри меѓусоседски односи, бизнис-релациите би се унапредиле и за целиот регион би се создала една подобра слика во светски рамки. Ја поддржа иницијативата за динамизирање на парламентарната соработка и смета дека во најскоро време треба да се остварат посети на највисоко парламентарно ниво. Република Бугарија вистински ќе биде дел од Европската Унија кога и останатите земји од регионот ќе се приклучат на ЕУ и само тогаш ќе се почувствуваат сите придобивки од членството во Унијата.
На крајот, двајцата соговорници се согласија дека во иднина е потребна уште поголема меѓусебна соработка и поддршка, со цел унапредување на регионот и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Велеа решен проблем со транспортерите, а не е, ќе понесе ли Николоски одговорност
Вицепремиерот Николовски велеше не се секирајте проблемот на транспортерите е решен, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем, но еве не е решен, укажа претседателот на СДСМ, Венко Филипче на средбата со Општинската организација на СДСМ во Гевгелија. Филипче посочи дека дел од компаниите веќе се селат во Бугарија и во Хрватска.
„Гледате како излажа вицепремиерот Николовски за транспортерите. Што велеше, не се секирајте, завршен е проблемот, разговаравме со Европската Унија, нема да има проблем. Еве, не е така. Ќе понесе ли одговорност затоа што не ја зборел вистината? Зборувавме со неколку компании. Веќе се селат во Бугарија и во Хрватска. Таму ќе ги регистрираат транспортните компании“, рече Филипче.
Во обраќањето Филипче нагласи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ свесно ја доведе државата до состојба на изолација и без јасен план за напредок, што носи сериозни последици врз економијата, компаниите, граѓаните.
„Целосно не изолираа, целосно не изолираа. Ќе го враќаа името, ќе обезбедеа подобра преговарачка позиција. Ништо од тоа. Ништо. Ние сме изолирани, слепо црево на Балканот. Нема план како напред, кажува премиерот, што не кажуваше пред изборите 2024 дека ќе го запре целосно европскиот пат и нема да има уставни измени. Тој велеше и ветуваше, ќе има подобра преговарачка позиција за земјата. Затоа му дадоа поддршка луѓето, не за да го запре европскиот пат на земјата којшто трае од 1991 прва година“, рече Филипче.
Тој додаде дека премиерот Мицкоски нема право да ја држи изолирана државата и да ја загрозува иднината на граѓаните.
„Тој нема право да го прави тоа, тој нема никакво право, ни морално, ни политичко, да ја запре земјата, да ја изолира, да не стави целосно на страна, под силно влијание на српско-унгарски интереси, на медиумска мрежа којашто не ја кажавме ние, ја анализираа независни истражувачки новинари.Кажаа дека таква мрежа, која што шири антиевропски наратив, проруски наратив е контролирана од Орбан. 40% од медиумите кај нас се под контрола на Орбановата мрежа на медиуми“, рече Филипче.
Македонија
Воена вежба на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро, надлежните апелираат на внимателност до месното население
СВР Охрид известува дека, утре (17.02.2026 година) од 04 до 09 часот, на крајбрежјето и во водите на Охридското Езеро кај караулата во струшкото село Радожда, воена вежба ќе реализираат припадниците на македонската и белгиската армија.
„При извршување на вежбовните активности, ќе биде употребена маневарска муниција поради што, апелираме до месното население на адаптирање на своите обврски и внимателност при нивното извршување како и придржување до насоките на униформираните службени лица задолжени за безбедноста на подрачјето“.
Македонија
Филипче: Премиерот се луксузирал со владин авион на одмор додека нема пари за плати
„Гледаме како се луксузирал премиерот, како го користел владиниот авион да оди на одмор без никаков срам. Треба да одговори на прашањето кој бил со него во авионот? Треба да одговори на прашањето зошто најавуваат купување на нов владин авион, за повторно да го користи во приватни цели за приватни патувања?“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на попладневната средба со партиското членство од општинската организација на СДСМ Гевгелија, во рамки на теренските активности на партијата.
Филипче ја критикуваше власта за луксузирањето и што велат од партијата, негрижата за животниот стандард на граѓаните. Тој нагласи дека во време кога граѓаните се соочуваат со постојани поскапувања и ниски примања, власта се луксузира на грбот на народот.
„Тоа ли е целта? Во време кога не сака да им зголеми плати на работниците, прават такви трошоци, луксузирање на сметка на сите граѓани. Сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“, истакна Филипче.
Се осврна на животниот стандард и одбивањето на власта да ја зголеми минималната плата.
„Ние ги премоливме, дававме закони два пати, ова е втор пат како го даваме законот за минималната плата. Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра плата не е луксуз, минимална плата. Основни потреби не може да задоволува луѓето. Колку е сметка за струја, колку е потрошувачка кошничка, не може да преживеат. Нема слух, нема слух“, порача Филипче.
Тој заклучи дека Владата нема визија и нема план за подобрување на животниот стандард, туку само задолжувања и луксузирање, додека граѓаните едвај преживуваат.

