Македонија
Џафери на средба со претставници на Советот на ЕУ
Претседателот на Собранието, Талат Џафери, заедно со потпретседателите на Собранието и координаторите на Пратеничките групи, денеска оствари средба со претставници на Советот на Европската унија за Западен Балкан, кои втор пат ја посетуваат земјата во рок од 6 месеци, со цел да ја утврдат фактичката состојба и да ги подготват заклучоците за Советот на Европската унија во јуни оваа година.
Претседателот Џафери, пред да остави простор за прашања, накратко ги информираше присутните за постигнатите резултати во однос на реформските процеси од Планот 18 во делот на Собранието, како и во однос на резултатите и видливиот напредок во односите по потпишувањето и стапувањето на сила на Спогодбите со Република Бугарија и Република Грција, со што се остварија долгогодишните желби и стратешки цели на земјата за нејзино членство во НАТО и за можноста за добивање на датум за почеток на преговори за членство со Европската унија.
„Фактот што парламентите на 8 членки за само пет недели го ратификуваа Протоколот за членство во НАТО и уште 8 парламенти на членки најавија ратификација до јуни 2019 година, само по себе зборува за исправноста на преземените чекори од наша страна. Нашите очекувања се дека до Самитот во Лондон, земјата ќе стане 30-тата членка на НАТО”, истакна Џафери.
Тој рече дека актуелното мнозинство, заедно со опозицијата, заеднички работат за да ги заокружат своите обврски и следствено имаат реални очекувања истите да бидат валоризирани и Република Северна Македонија да добие датум за почеток на преговори во јуни оваа година.
Од страна на претставниците на Советот на ЕУ за проширувањето на Западен Балкан, беа упатени честитки до претседателот Џафери за неговата конструктивна улога и за неговиот личен придонес за стабилизација на внатрешната политичка состојба особено по настаните од 27 април пред неколку. Тие констатираа дека во изминатите години е постигнат значителен напредок во многу области во однос на реформската агенда, како и во односите со соседите, изразувајќи надеж дека овој евроинтеграциски процес е обединувачки проект во Собранието, кој е за доброто на сите граѓани.
Нивните очекувања беа дека мнозинството и опозицијата, во духот на конструктивниот дијалог, ќе продолжат со реформите и ќе ги заокружат останатите прашања, особено прашањето за статусот и иднината на СЈО, до состанокот на Советот за ЕУ за два месеци, кога треба да се одлучува за одредувањето на датум за преговори за членство во ЕУ за Република Северна Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
До 15 февруари трае трката за „Млад инженер на годината“: повик до младите таленти до 35 години да се пријават
Инженерската институција на Македонија информира дека повикот за пријавување на инженери за избор за наградата Млад инженер на годината трае до 15.02.2026 година (недела). На овој повик може да се пријават сите млади инженери до 35 години (вклучувајќи и 35 години) на следниот ЛИНК.
Како што потврдуваат од ИМИ, освен возраста, новиот Млад инженер ќе се избира согласно постигнатите инженерски резултати во 2025 година, лидерството и инспирацијата за младите; креативноста и иновативноста; споделувањето знаење, ангажирањето во заедницата и општествено и етичкото влијание на околината.
Свеченото прогласување на новиот млад инженер ќе се одржи на 31.03.2026 година во Холидеј ин. Повод за доделување на признанието е 21 март – Денот на македонските инженери. Целта на оваа иницијатива е да се промовираат младите инженери на национално и меѓународно ниво што ќе придонесе младите луѓе да се насочуваат кон инженерска професија.
Новиот Млад инженер ќе учествува на Европската конференција на млади инженери. Согласно правилата, од сите пријавени кандидати, во потесна селекција ќе бидат избрани 5 лица за кои гласа Комисија на ИМИ и од нив се избира победникот.
Минатата година со ова Признание се закити Филип Попоски од Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.
Партнер на настанот е Друштвото за комуникациски менаџмент Чептер 4.
Македонија
Мицкоски: Заедничка изјава и рамка за договор за балансирана трговија со САД и за царински тарифи на одредени производи и индустрии до 0%, ова е политика на конкретни резултати
Продлабочување на стратешко партнерство со САД: силна поддршка и нови економски перспективи за Македонија.
По договорот за партнерство со Обединетото Кралство и затворањето на постмониторинг дијалогот со Советот на Европа по цели 26 години, доцна синоќа Белата куќа објави Заедничка изјава меѓу САД и Македонија за реципрочна трговија, објави премиерот Христијан Мицкоски.
Оваа изјава, додава тој, претставува јасен сигнал за продлабочување на стратешкото партнерство и потврда за силната поддршка што Македонија ја ужива од САД. Таа, како што вели, го трасира патот кон сеопфатен договор кој ќе обезбеди тарифи не повисоки од 15%, а за одредени производи и индустрии и до 0%, отворајќи нови можности за извоз, инвестиции и економски раст.
„Со ваквите чекори ја зацврстуваме позицијата на Македонија како доверлив и предвидлив партнер, градиме економија со повисок стандард и ја унапредуваме нашата меѓународна позиција.
Ова е политика на конкретни резултати. Чекор по чекор, со јасна визија и стабилна поддршка од нашите стратешки сојузници“.
Македонија
Ова е веќе ВМРО-ОКГ, нема демократија ниту во името, велат од СДСМ
Сопруга на градоначалник на ВМРО назначена за член на Судски совет. Советник на Мицкоски во Уставниот суд. Татко на министер е советник во Владата Мицкоски, истакнуваат од СДСМ.
„161 тендер за семејната фрима на Томовски, каде е неговиот татко но и негов близок роднина.
51 тендер за омилената фирма на ВМРО преку општините. А тендерските шеми со поврзани фирми водат до таткото на Нелоски, шефот на кабинет на Мицкоски.
Во Алта Банка цела структура на ВМРО. Од Кадиевска Војновиќ, поранешна членка на Извршниот комитет на ВМРО па до баџанакот на Тошковски.
Во Народна банка, за Гувернер, наместо експерт – Трајко Славески, поранешен министер во времето на Груевски.
На чело на АНБ, претседателот на Градскиот комитет на ВМРО.
Томовски назначен за втор организациски секретар во ВМРО, да организира тендери.
Сменети сите потпретседатели во ВМРО, останат е само чуварот на фотелјата Мицкоски“.
Ова, додаваат од СДСМ, не е само непотизам и партизација, ова е ОКГ – Организирана криминална група.
„ВМРО-ОКГ. Нема демократија ниту во името.
Македонијо, 2016 ни чука на врата, ни се враќа Никола Груевски“.

