Македонија
(Видео) Џафери не му даде збор на Димовски, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ лупаа на масите
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, неколку минути го убедуваше собранискиот спикер Талат Џафери да добие збор процедурално на седницата на која на дневен ред е предлог-законот на Владата за измени во Изборниот законик. Но, Џафери одби да му даде збор со образложение дека тој повеќе не е координатор на пратеничката група. По ова, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ почнаа да довикуваат и да тропаат на масите.
Собранискиот спикер продолжи со работа кога Собранието ја изгласа потребата од носење на измените на Изборниот законик по скратена постапка.
Претходно, заменик-министерот за правда, Оливер Ристовски, ја образложи потребата за измена на Изборниот законик образложувајќи пред пратениците дека се работи за измена на членот 27 со цел да се деблокира процесот за избор на ДИК.
„Определени закони бараат двотретинско мнозинство, како изборот на ДИК. Сепак, ваквото решение не смее да се претвори во спротивност, опозицијата да блокира. Венециската комисија го опфаќа и овој проблем. Владата предлага измени да се избрише двотретинското и да влезе во сила на денот на објавувањето во ‘Службен весник’ по скратена постапка“, рече Ристовски.
Предлогот што Владата го достави до Собранието за измени на Изборниот законик е со европско знаменце, а во образложението се наведува дека целта е да се деблокира процесот за избор на ДИК. Од Владата бараат измените на Изборниот законик да се гласаат по скратена постапка, но опозицијата не се согласува со овој предлог.
„Демонстрирате неразумно политичко однесување. ВМРО-ДПМНЕ учествуваше во реформските закони и гласаше затоа што не се водеше од партискиот интерес, туку од оној на граѓаните“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

