Македонија
Џафери-О`Брајан: Стратешкото партнерство меѓу двете земји се заснова на заеднички вредности и интереси
Помошник државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Џемс О` Брајан, кој е во посета на Република Северна Македонија по повод состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ што се одржува во Скопје, во придружба на амбасадорката на САД, Ангела Агелер, помошник администраторот за Европа и Евроазија во УСАИД, Ерин Е. Мекки и шефот на политичката и економска секција во Амбасадата на САД во Скопје, Дејвид Мејерс, остварија средба со претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери.
Џафери истакна дека, стратешкото партнерство меѓу двете земји се заснова на заеднички вредности и интереси, а Северна Македонија е посветена на тесна соработка со САД за низа прашања, вклучувајќи безбедност, економски развој и демократско владеење. Стратешкото партнерство меѓу Северна Македонија и Соединетите Американски Држави е камен-темелник на односите меѓу двете земји, бидејќи двете држави работат заедно на низа прашања, вклучувајќи ја безбедноста, економскиот развој и културната размена. Потврди дека и натаму остануваме посветени да продолжиме да работиме заедно за промовирање на демократијата, доброто владеење, борбата против корупцијата, човековите права и безбедноста во нашите земји, регионот и во светот. Особен аспект на заедничкото партнерство е остварувањето на преостанатата наша стратешка цел-членството во Европската Унија, за што, покрај преземените реформски чекори и имплементирањето на постигнатото од скрининг процесот, многу ни значи и поддршката од меѓународните пријатели.
Џафери го информираше соговорникот за постигнатите придобивки во парламентарното работење и обезбедувањето на буџетската самостојност на Собранието, на посебниот статус на собраниската Служба, донесувањето на новиот Деловник во рамки на процесот “Жан Моне Дијалог”, а го запозна и со тековната агенда во Собранието во пресрет на изборот на техничката Влада и другите активности во однос на претстојните претседателски и парламентарни избори.
Помошник државниот секретарот О`Брајан, упати честитки до претседателот Џафери за сето тоа што е постигнато во Собранието и за севкупните политички процеси кои резултираа со полноправното членство на земјава во НАТО и за новата фаза на напреднати и партнерски процеси со Европската Унија. Воедно, ја истакна спремноста на американската Влада да пружи натамошна поддршка на земјата на планот на интеграцијата во ЕУ, како и во рамките на Планот за раст, иницијативата на ЕУ за раст на регионот на Западен Балкан. Потврди дека САД се секогаш подготвени да помогнат на земјите и политичките лидери кои имаат визија да направат добро за земјата и за своите граѓани и кои посветено работат во таа насока. Планот за раст предвидува секоја земја од Западен Балкан да спроведува реформи и со тоа да влезе на единствениот пазар на Унијата. Идентификувани се два проекти со динамика на реализација во наредните месеци, за што О`Брајан изрази очекување дека Џафери, како иден технички премиер ќе даде поддршка за истите да можат непречено да се реализираат. Тоа се проектот за намалување на трошоците при трансфер на финансиски средства и проектот за олеснување на трансферот на карго-сообраќајот. Тоа ќе биде голем стимул за бизнисот и прекуграничните инвестиции, а следствено ќе доведе до значително подобрување на севкупната економска состојба во земјата.
Соговорниците споделија очекувања дека во Република Северна Македонија, по изборите ќе продолжат започнатите активности кон финализирање на односите со ЕУ и ќе се покаже спремност и визија сите политички фактори во земјата да придонесат во светлата иднина на граѓаните на оваа земја, на сегашните и идните генерации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради протест блокирани повеќе гранични премини за влез и излез од државата
Поради протест на возачите на камиони блокирани се повеќе гранични премини за влез и излез од државата, соопштуваат од АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Левица: Безрезервна поддршка за протестот на работниците, и на улиците и од институциите
Левица изразува целосна поддршка кон барањата на Сојузот на синдикатите на Македонија за покачување на платите, потенцираат од оваа партија.
Барањата на ССМ, оценуваат од таму, се легитимни, оправдани од секојдновното зголемување на трошоците за живот и насочени кон подобрување на животниот стандард и почитување на работничкиот труд.
„Поминаа речиси две години власт на ДПМНЕ и исто толкав период на игнорантски однос кон граѓаните кои едвај го поминуваат месецот со најниска минимална и просечна плата на Балканот, иако според тврдењата на Мицкоски сме „четвртата економија во светот и трета во Европа по раст на БДП”.
Ги повикуваме ДПМЕН, ЗНАМ и ВРЕДИ да се разбудат од илузијата. Мицкоски мора да избере дали ќе ја продолжи својата бизнис кариера и ќе му служи на крупниот капитал, прилепен во прегратките на Бранко Азески, или пак ќе почне да ја врши својата премиерска функција во служба на граѓаните. Мицкоски треба да разбере дека извршува државна функција која му налага да го штити послабиот од помоќниот, а не функција на статист во трипартитниот дијалог меѓу работниците, работодавачите и Владата“.
Левица потсетува дека минатата година поднесе Предлог – закон со кој, како што појаснуваат, требаше платите на сите работници да се зголемат за најмалку 100 ЕУР.
„Со тоа, минималната плата сега ќе изнесуваше 500 евра и ќе го избегневме дното во кое се наоѓаме моментално. Наместо тоа мнозинството на ДПМНЕ-ЗНАМ-ВРЕДИ одлучи експресно да го одби решението, удоволувајќи му на бизнис секторот.
Трошоците постојано растат, а работникот повеќе нема време за чекање. Затоа, Левица изразува недвосмислена поддршка на протестот на ССМ со јасно барање до Владата конечно да преземе конкретни мерки за подобрување на економскиот статус на работникот, што значи плата која овозможува достоинствен живот“.
Македонија
Бугарското МНР: Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водење на отворен дијалог
Бугарското министерството за надворешни работи изразува длабоко разочарување од неконструктивното однесување на Република Северна Македонија, официјално обвинувајќи го Скопје за манипулативни изјави, недостаток на вистински дијалог и неподготвеност да ги исполни обврските преземени согласно Европскиот консензус од 2022 година, пишуваат бугарските медиуми.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија изразува длабоко разочарување од континуираниот неконструктивен пристап на официјално Скопје и недостатокот на отвореност во комуникацијата со јавноста. Уште еднаш, министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Република Северна Македонија зборува за „иницијатива на поголеми и повлијателни земји-членки на ЕУ“ за организирање состанок меѓу министрите за надворешни работи на Бугарија и Северна Македонија. Ова не е прв пат Скопје официјално да дава толку нејасни и манипулативни изјави.
Европскиот консензус од 2022 година беше едногласно усвоен од сите земји-членки на ЕУ, како и од самата Република Северна Македонија. Во оваа смисла, уште еднаш го привлекуваме вниманието на фактот дека дијалогот е институционален меѓу земјата кандидат и ЕУ. Имплементацијата зависи исклучиво од Скопје на сите мерки наведени во консензусот, со цел да се унапреди процесот на европска интеграција.
Секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. Од почетокот на мандатот на сегашната влада на Република Северна Македонија, секогаш сме биле отворени за отворен дијалог за сите други прашања. За жал, министерот Муцунски покажа неподготвеност да се вклучи не само со зборови, туку и во пракса во водењето на таков отворен дијалог. Најнов пример за ова е одбиената покана за неговата посета на Софија на 25 ноември 2025 година за да се одбележи делото на Свети Климент Охридски – значајна историска личност од заедничката историја на двете земји.
Што се однесува до предлозите и оценките дадени од министерот Муцунски за пристапот на Бугарија кон презентираниот нацрт-план за правата на заедниците, ве потсетуваме дека тој беше отфрлен од бугарската заедница во Северна Македонија како неприфатлив поради отсуство на фундаментални принципи во него за гарантирање на заштитата на човековите права. Очекуваме да бидат слушнати легитимните барања на нашите сонародници во Северна Македонија“, се наведува во соопштението од бугарското МНР.

