Македонија
Џафери: Оставки од утре, нема пречка ВМРО-ДПМНЕ да не биде во техничката влада
Имајќи ја предвид специфичноста на избор на техничка влада како продукт на пржинскиот договор, секако роковите се скратени од редовните за постапување во вакви ситуации, рече денеска претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Тој истакна дека во претходна координација и во согласност со премиерот се определени рамковните рокови.
„Договоривме дека од утре настапуваат роковите за поднесување оставки и за отворање пат за одржување седница за констатирање на оставките, известување на претседателот на државата дека Владата е во оставка и со тоа на првата наредна седница, која е закажана за 26 овој месец, се отвораат постапките и процедурите за да може да се влезе во фаза за избор на нов претседател на Собранието и да настапи обврска за поднесување предлог за мандатар до претседателот на државата, добивање мандат и организација на две последователни седници за избор на влада, избори на заменици и дополнителни заменик-министри.
Ова ќе почне утре со оставките, ќе продолжи на 26 со избор на претседател на Собранието, доделување мандати од страна на претседателот на државата, поднесување предлог-програма и предлог-состав на владата на 27 до Собранието и со тоа се отвора пат да се свика нова седница за 28, на која би се избрала техничка влада, би се констатирал престанок на мандатот на пратеникот, да се извести ДИК за престанок на пратенички мандат, врз основа на тој извештај и надлежноста на техничкиот премиер до Собранието да се достави предлог за заменици и дополнителни заменик-министри. Со тоа би се отворил патот за нова седница за 28, исто така за верификација на пратеникот што треба да дојде и за избор на заменици и дополнителни заменик-министри. Двете седници треба да завршат на 28 овој месец. Составот на Владата треба да е целосен за да може да стапи во функција сто дена пред парламентарните избори“, изјави Џафери и додаде дека Владата ќе биде во склад на Уставот и законот.
СДСМ ги соопшти кадровските решенија за техничката влада, се очекува ВМРО-ДПМНЕ тоа да го стори вечерва.
За евентуални кадровски промени на министерските и заменичките места на ДУИ и Алијансата за Албанците, Џафери рече дека тоа е надлежност на партиските органи, кои имаат право да учествуваат во таа влада. Тој рече дека нема причина да коментира ничија одлука и додаде дека тоа не е работа со која тој е оптоварен.
Во однос на тоа дали во составот на техничката влада ќе има министри од ВМРО-ДПМНЕ, тој рече дека ако има предлози од нив, ќе бидат.
„Нема пречка да не бидат, таков е законот“, додаде Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пролетен неделен ден во зима со температури до 16 степени
Претпладне по одделни котлини ќе има услови за појава на утринска магла. Во текот на денот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб ветер претежно од јужен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 Целзиусови степени, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
Во Скопје, исто така се очекува сончево време со мала до умерена облачност и со слаб југоисточен ветер. Во делови од котлината ќе има услови за појава на утринска магла. Минималната температура се очекува да се спушти до 0, а максималната да достигне до 15 Целзиусови степени.
Според синоптичарите, до среда ќе се задржи стабилно и релативно топло време. Утрата ќе бидат постудени со појава на слаба магла по одделни котлини. Во четврток и петок ќе има услови за слаби локални врнежи од дожд.
Македонија
Родителите на децата загинати во Пулс порачаа дека правда мора да има
Родителите на загинатите во трагичниот пожар во „Пулс“ поладнево на „Марш за ангелите“ порачаа дека нема да дозволат одговорните за трагедијата на нивните деца да ја избегнат правдата, иако, велат на обвинителната купа седат само дел од лицата поврзани со трагедијата.
-Суштината е одговорноста. Факт е дека денес на обвинителна клупа седат дел од лицата поврзани со трагедијата. Но, исто така факт е – болен, непобитен факт – дека постојат луѓе со многу поголема моќ, обврски и надлежности, кои воопшто не се ни опфатени. Луѓе кои имале должност да спречат, а не спречиле, рече Александар Наунов, претседател на Здружението на граѓани „16 Март 2025 Кочани“.
Тој, во изјавата за медиумите, истакна дека се најавува свикување колегиум на обвинителите за повторно разгледување и евентуално ослободување на дел од обвинетите.
-Колегиумот (на обвинители) може да прегледува документи, но не може да брише факти, не може да брише пропусти, не може да брише нечии должности што биле игнорирани. Не може да избрише нечие непостапување кога тоа било прашање на живот и смрт, смета претседателот на ЗГ „16 март 2025 Кочани“.
Според Наунов, суштината не е во тоа кој трчал, кој се плашел, а кој спасувал, туку кој имал должност, а не ја извршил.
-Ние не сме овде за одмазда. Ние сме овде за правда. За ред. За систем што ќе ги штити децата – не систем што ќе ги остави да загинат. Родителите никогаш не се откажуваат. Можеби ќе нè уморите, но нема да нè скршите. Можеби ќе не одолговлекувате, но нема да не замолчите. Вистината ќе излезе на виделина, рече Наунов.
Протестниот марш денеска започна од „Паркот на Револуцијата“, а заврши пред Основниот суд и обвинителство во Кочани.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.

