Македонија
Џафери: Парламентите имаат клучна улога во остварувањето на човековите права на национално ниво
Парламентите имаат клучна улога во остварувањето на човековите права на национално ниво. Преку своите законодавни, надзорни и буџетски овластувања тие треба да обезбедат заштита и унапредување на човековите права за сите. Со својата контролна улога врз спроведувањето на владините политики парламентите обезбедуваат усогласеност со преземените меѓународни обврски, истакна собранискиот спикер Талат Џафери на настанот за придонесот на парламентот во работата на Советот за човекови права на Обединетите нации.
Улогата на парламентите, според него, е од суштинско значење и за преточувањето во националното законодавство на препораките што произлегуваат од меѓународните механизми за човекови права, вклучително и Универзалниот периодичен преглед, кој претставува еден од позначајните механизми на Советот за човекови права на Обединетите нации за преглед на исполнувањето на обврските во областа на човековите права на секоја држава членка на Обединетите нации.
„Република Северна Македонија има спроведено три циклуси на Универзалниот периодичен преглед, и тоа во 2009, 2013 и во 2019 година. За жал, Собранието на Република Северна Македонија досега не беше вклучено во подготовката и презентацијата на националните извештаи, ниту во следењето на исходот од добиените препораки и доброволно преземените обврски за унапредување и заштита на човековите права.
Во согласност со четвртиот циклус на Универзалниот периодичен преглед, земјата треба да го достави својот национален извештај до февруари 2024 година, а интерактивниот дијалог со Советот за човекови права ќе се одржи во април или мај 2024 година во Женева“, појасни Џафери.
Денешниот настан, како што додаде, претставува прв чекор во активното вклучување на Собранието на Република Северна Македонија во процесот, кој треба да е објективен, транспарентен, сеопфатен и инклузивен, со вклучување на што е можно повеќе институции и претставници од граѓанскиот сектор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пратениците за една година потрошиле 14,3 милиони за патни трошоци, објави Левица
Во држава во која минималната плата едвај достигнува 400 евра, а јавните политики постојано се правдаат со „недостаток на средства“, пратениците само во една година потрошиле 14.369.470 денари за патни трошоци. Станува збор за износ кој јасно ја разоткрива изопачената хиерархија на приоритети – за комфорот на елитата секогаш има пари, но за основните потреби на граѓаните континуирано нема, велат од Левица.
„Со оваа сума би можело да се реконструираат и опремат училишни кабинети, да се набават медицински апарати за регионални болници што со години работат без или со застарена опрема, да се финансираат јавни кујни за илјадници сиромашни семејства во текот на цела зима, да се субвенционираат градинките за коишто градоначалниците на ДПМНЕ ги зголемија надоместоците на товар на граѓаните. Наместо тоа, 14 милиони завршија во систем на патни надоместоци кој одамна не служи за покривање реални трошоци, туку како дополнителен извор на лични приходи“, велат од партијата.
Според Левица, апсурдот станува уште поочигледен ако се направи директна споредба со социјалните политики што државата одбива да ги финансира.
„Истата таа држава не субвенционира меѓуградски превоз за студентите, кои секојдневно патуваат на сопствен трошок за да можат да студираат. Истата таа власт го одби и амандманот на Левица за субвенции за кирии за жени жртви на семејно насилство, оставајќи ги без институционална поддршка во најкритичните моменти од нивниот живот. Но, додека за студентските билети и за безбедниот кров над глава на жртвите на насилство „нема пари“, за пратеничките кирии од по 400 ЕУР месечно и за патните трошоци секогаш има. Има пратеници кои истовремено наплаќаат и кирии и патни трошоци. Има и такви кои поседуваат сопствени станови во Скопје, а сепак земаат патни надоместоци. Буџетот се користи како штит за привилегираните, а како изговор за најранливите. Пари има за удобноста на функционерите, но не и за мобилноста на студентите и за елементарната сигурност на жените жртви на насилство“, велат од Левица.
Од таму додаваат дека Левица останува единствената парламентарна партија чии пратеници не земаат ниту денар за патни трошоци, гориво, патарини, амортизација, ниту пак за кирии.
„Додека владејачката структура предводена од ДПМНЕ и Мицкоски го одржува системот на расипнички бенефиции, граѓаните со минимална плата од 400 евра и со отсутна социјална поддршка плаќаат двојна цена – прво преку буџетот што се троши за туѓ комфор, и второ преку државата што им свртува грб кога им е најпотребна“, велат од партијата.
Македонија
Герасимовски: 15 милиони денари за поквалитетен и активен живот на пензионерите во Центар
Градоначалникот Горан Герасимовски на средба со Здружението на пензионери на Општина Центар информираше за проектите и програмските активности за унапредување на животот на повозрасните граѓани во локалната самоуправа во 2026 година
„Во Буџетот за тековната година се обезбедени 15.000.000 денари за активности и проекти наменети за нашите жители од трето доба. Целта е да им обезбедиме поздрав и поквалитетн живот, повеќе социјализација и континуирана грижа”, истакна Герасимовски.
Во проектите наменети за пензионерите се опфатени: Сервис за стари лица, Итно копче (24/7 медицинска поддршка), Бесплатен превоз до здравствени установи, Сезонски екскурзии во сите годишни времиња , настанот „Носталгија за корзо- сеќавање на едно убаво време“, Пензионерски спортски игри 2026 , Застапеност на предметот домаќинство во образованиот процес во соработка со пензионерите, како и подршка за пензионерите во социјален ризик.
На состанокот, претставниците на центарското пензионерско здружение го поздравија ангажманот на општината и ја потврдија својата вклученост во дел од активностите планирани за годинава.
Според статистиката, околу 20 проценти од населението во Општина Центар се на возраст над 60 години, што ја потврдува потребата од овие мерки со кои се промовира витална и активна старост на повозрасните жители во локалната самоуправа, велат од Општината.
Македонија
Акција за чистење и уредување на трим-патеката во Кисела Вода
Во рамките на континуираните активности за одржување на јавните површини и унапредување на животната средина, Општина Кисела Вода од утрово спроведува обемна интервенција за чистење, кастрење, косење и подигнување на кабаст отпад долж трим-патеката, на потегот од објектот на Институтот за јавно здравје до спојката со булевар Србија.
За реализација на овие активности се ангажирани 30 сезонски работници. Со цел ефективно и квалитетно извршување на работите, се користи и целокупната опрема на општината: камиони, тримери и телескопски пили.
Со овие интервенции, Општина Кисела Вода продолжува да работи на одржување чиста и уредна животна средина, обезбедувајќи јавни простори кои се функционални и пријатни за рекреација и слободно време на сите граѓани.
Воедно, локалната самоуправа упатува апел до граѓаните за одговорно и совесно однесување, со правилно одлагање на отпадот, со цел заеднички да ја зачуваме чистотата и редот во нашата општина.

