Македонија
Џафери: Пратениците ги обземаат камерите и микрофоните, па се губат, не знаат што зборуваат

Пратениците ги обземаат камерите и микрофоните, па се губат, не знаат што зборуваат. Вака Џафери ги коментира вчерашното однесување на пратениците и потребата тој да интервенира со исклучувавање на микрифонот на говорница.
„Поинакво е однесувањето на пратениците кога не се присутни медиумите“, вели Џафери.
Во врска со навредите на Груби кон лидерот на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, и заканите на Села дека ќе напише „Долу ДУИ“ со спреј над главата на Џафери, тој повтори дека нема да дозволи слични ситуации како седницата на која експремиерот Никола Груевски му истури вода.
Во врска со оставката на пратеникот од НДП, Весел Мемеди, Собранието ќе ја констатира на седницата на 9 јули, дотогаш има време тој да се премисли и да ја повлече, вели Џафери. На денешната седница веќе се закажани пратенички прашања и од таа причина не може да се констатира денес, обајснува тој.
Мемеди е и еден од тројцата потпретседатели на Собранието, а кој ќе дојде на негово место, Џафери вели зависи каков предлог ќе биде доставен од страна до Комисијата за избори и именувања или по предлог на повеќе од 20 пратеници.
Џафери на брифингот додаде и дека остануваат уште 9 земји да го ратификуваат протоколот за членство на земјава во НАТО, и тоа Исланд, Луксембург, Шпанија, Франција, Холандија, Турција, Италија,Велика Британија и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вицепремиерот Николоски во работна посета на високо ниво на Велика Британија

Потпретседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски, од попладнево е во дводневна работна посета на Обединетото Кралство, каде ќе оствари работнa средбa со Герет Томас, министер за бизниси, извоз и услуги, средба со министерот за Европа, Стефан Доти, како и со Дејм Карен, специјален пратеник на премиерот на Велика Британија за Западен Балкан. Исто така предвидени се средби и со претставници од бизнис заедницата во Лондон.
Тема на работните средби е зацврстување на стратешката соработка меѓу Република Македонија и Обединетото Кралство.
Предвидено е на средбите да се разговара за економската и трговска соработка со посебен фокус на инвестиции во инфраструктурниот сектор.
Покрај економските теми, ќе се потврдат и добрите политички односи меѓу двете земји.
Обединетото Кралство е стратешки партнер на Република Македонија во НАТО Алијансата и земја на второ место со која остваруваме најголем обем на трговска размена.
Македонија
Левица: Љутков ги повикал сметководителите надвор од работно време да изготвуваат плата спротивно на Колективниот договор

По денешниот протест на вработените во културните установи, кои за велигденските празници останаа без плата, попладнево им била дадена насока на директорите од културните установи да ги повикаат повторно на работа сметководителите за да пресметаат плата, но по нова методологија која деновиве ја изготвило Министерството за култура заедно со Министерството за финансии, тврдат од партијата Левица.
Од таму додаваат дека новата методологија, како што велат од Синдикатот за култура, не е според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура. Според Левица, и натаму остануваат спорни 10% од Општиот колективен договор за кои немало јасни насоки како да се пресметуваат.
„Додека вработените во културата протестираа, Министерството изготви сосема нов начин на исплата на платите според кој спорните 10% од Општиот колективен договор треба да се пресметуваат на поинаков начин, но институциите не почнале да ја изготвуваат платата затоа што насоките биле нејасни, а воедно не биле ни потпишани од министерот за култура, Зоран Љутков“, велат од партијата.
Левица најостро ги осудува игрите со културните работници кои траат со години и му порачува на министерот за култура дека не треба да им се извинува на вработените во културата туку да постапи според законските одредби за усогласување на платата според Општиот колективен договор и Колективниот договор за култура.
Македонија
Времето утре претпладне сончево, попладне пороен дожд и грмежи

Времето утре претпладне ќе биде сончево со умерена облачност. Попладне променливо облачно, на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и изолирана појава на град, информира УХРМ.
Минималната температура ќе биде во интервал од 6 до 11, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно, попладне во делови од котлината ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 26 степени.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса во текот на оваа седмица времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд и појава на грмежи. Локално ќе има поинтензивни процеси во форма на невреме со пообилен пороен дожд, грмежи, силен ветер и изолирана појава на град.