Македонија
Џафери предводи државно-црковна делегација на аудиенција кај папата
Претседателот на Собранието Талат Џафери и државно – црковната делегација во состав: Арбер Адеми, координатор на ДУИ; Соња Мираковска, заменик координатор на СДСМ; Дафина Стојаноска, заменик координатор на ВМРО – ДПМНЕ; Цветанка Иванова, генерална секретарка на Собранието; Елена Јовановска Грујовска, директорка на Институтот за македонски јазик; Даријан Сотировски, претседател на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи; г. Пимен, митрополит европски; отец д-р Зоран Стојанов имаа аудиенција кај папата Франциско.
Џафери, честитајќи му ја 10-годишнината од Понтификатот на папата Франциско, подвлече дека односите меѓу Република Северна Македонија и Светата Столица се нераскинливо поврзани преку историски врски на важните личности од заедничкото минато и се темелат на заедничките историски, културни и верски традиции. Постои широк потенцијал за понатамошно унапредување на тоа партнерство, како на билатерален, така и на меѓународен план, особено преку Националната библиотека “Св. Климент Охридски“-Скопје и Ватиканската библиотека, како и меѓу тајниот Архив на Ватикан и Државниот архив на МК; меѓу Институтот за национална историја на Северна Македонија и Ватиканската библиотека и Архив во размената на научно – истражувачки работници, како и преку потпишување на меѓудржавен договор за регулирање на надлежностите во сферата на високото образование меѓу двете држави, по моделот на вакви слични договори што ги има Светата Столица со земји од Регионот.
Џафери истакна дека „Република Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава во која има длабока традиција на меѓурелигиска толеранција, се почитуваат различните верски чувства и се негуваат конфесионалните слободи; Верските заедници и религиозните групи имаат висок степен на взаемна соработка и црквите дејствуваат непречено во реализацијата на своите цели. Постои плодна соработка со Католичката црква во Република Северна Македонија и нејзината конструктивна улога покрај другите религии е дополнителен вредносен фундамент на религиска коегзистенција.“
Основната порака што ја упати папата Франциско на средбата беше единството за обезбедување мир во Европа и единството во напорите за евроинтегративните процеси.
Претседателот Џафери му подари на папата графичка икона – Богородица Несвенлива Роза од XIX век и примерок од долгометражниот документарен филм „Јанѕа“. По повод 10 години од Понтификатот на папата, Џафери му подари уникатен примерок – кутија во длаборез.
По аудиенцијата кај папата Џафери оствари средба и со кардиналот Паролин и монсињор Галагер. На средбата Џафери ја истакна официјалната посета на кардиналот Паролин во 2016 година и првата посета воопшто на секретар за односи со државите на Римокатоличката црква во Република Северна Македонија, искажувајќи надеж дека по овие посети ќе следат идни посети на високо ниво во насока на динамизирање на билатералната соработка со Светата Столица. „Верувам дека билатералните дипломатски односи кои идната година се заокружуваат на 30 години, дополнително би добиле на интензитет и би се отвориле нови можности за соработка доколку во Скопје се отвори Нунцијатура на Светата Столица во Република Северна Македонија“, рече Џафери.
Кардиналот Паролин во својето излагање нагласокот го стави на билатералната соработка и односите на Република Северна Македонија и Светата Столица и прашањата кои се од взаемен интерес за двете страни а се во процес на регулирање.
По официјалните средби, делегацијата присуствуваше на Молебен во Базиликата Сан Клементе, која ја водеше митрополитот европски, г. Пимен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ некогаш беше државтворна партија, а сега се занимава со трач муабети, реагира движењето ЗНАМ
Движењето ЗНАМ за Наша Македонија реагираше на, како што наведуваат, обвинувањата од СДСМ, оценувајќи дека партијата „бега од одговорност со навреди, етикетирања и лични дискредитации“.
Во реакцијата, од ЗНАМ наведуваат дека СДСМ, наместо да понуди аргументи и одговори за кономската и институционалната состојба во државата, се занимава со „озборувања“ и „трач муабети“.
Партијата оценува дека СДСМ, која некогаш беше државотворна партија, денес е сведена на фабрика за навреди, конструкции и политички отров, како и дека со улична реторика покажува нервоза и очај.
Од ЗНАМ нагласуваат дека движењето не е ничја квислиншка група, туку автентична политичка сила создадена од граѓани разочарани од владеењето на СДСМ.
Во реакцијата се споменува и периодот на владеење на Зоран Заев, при што се изнесуваат критики за, како што наведуваат, националните политики и управувањето со државата. Се споменува и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, при што се посочуваат, како што стои во реакцијата, контроверзии и сомнежи за тендери и набавки.
„Политиките на Зоран Заев останаа запаметени како период во кој националните интереси се ставаа на распродажба без јасен консензус и без чувство за државничка мерка. Со рачето на срце се промовираше како чесен и достоинствен, а всушност државата ја претвори во сопствен приватен бизнис. Симболиката на „едно евро за Вицето, едно за црквата“, беше само дел што нештото го докажува. Ги распродадоа македонските национални позиции на ангро, без јасна стратегија и без поддршка, ја разнишаа довербата во институциите и ја продлабочија поделбата во општеството. И по сето тоа, истите тие кругови, истото тоа раководство, се обидуваат да зборуваат за морал и одговорност, како граѓаните да немаат паметење. Во периодот кога со здравството раководеше Венко Филипче, јавноста беше сведок на низа контроверзии, сомнежи за тендери, набавки и прашања на кои никогаш не доби целосни и транспарентни одговори. Златни визи, сомнителни бизнис релации и повластени шеми, сето тоа се случуваше во време кога СДСМ ветуваше „живот за сите“, а испорача привилегии за малкумина“, велат од ЗНАМ.
Од ЗНАМ дополнително оценуваат дека опседнатоста на СДСМ со наративи за т.н. ‘српски свет’ и со случувањата во соседна држава и нивната постојана потреба да отвораат фронтови и да се караат со сите, од политички партии до новинарие прашање што партијата треба да го решава во сопствени рамки.
Македонија
Нова опрема за анализа на тешки метали во почвата во Државната лабораторија за животна средина
Министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, денеска ја посети Централната лабораторија при Министерството, каде најави системско и координирано решавање на сите институционални предизвици.
Тој нагласи дека модерна и функционална Централна лабораторија претставува темел на ефикасната заштита на животната средина и гаранција за точни и навремени податоци во интерес на јавното здравје. Целта е да се обезбедат стабилни услови за работа и долгорочно унапредување на капацитетите.
Во рамки на посетата беше нагласено дека Лабораторијата успешно ја обнови акредитацијата за наредните четири години за вкупно 20 методи, од кои една за мерење на амбиентална бучава и 19 за индустриски отпадни води и за површински води. Она што следува е забрзување на процесот на акредитација на методите за мерење на загадувањето на воздухот од стационарни извори.
Дополнително,во рамки на посетата беше презентиран новиот ICP-MS инструмент, кој овозможува анализа на тешки метали во почва, вода и воздух и со кој значително ќе се унапредат аналитичките капацитети на Државната лабораторија за животна средина.
Македонија
Уставниот суд: Нема постапка за пензиите, запрена за Кривичниот законик
По 5. седница на Уставниот суд, претседателот Дарко Костадиновски и судијата проф. Осман Кадриу информираа за одлуките по предмети од поголем јавен интерес.
Судот не поведе постапка за оценување на одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, кои се однесуваат на исплата на пензиите во земјата.
Подносители на иницијативите се Игорчо Точев, Љубомир Сандевски, Темелко Ристески и Кире Батев.
Претседателот Костадиновски изјави дека мнозинството судии оценило оти пензионерите кои ја примаат пензијата во државата и оние што ја примаат надвор од неа се во иста правна, но не и во иста фактичка состојба. Според него, за повреда на членот 9 од Уставот, кој се однесува на еднаквоста, потребно е субјектите да бидат во иста правна и фактичка положба, што во овој случај не е исполнето.
Тој посочи дека мерката има социјален карактер и легитимна цел – ублажување на последиците од растот на трошоците и инфлацијата. Додаде дека по истекот на времените услови утврдени со мерката, се враќа редовното законско усогласување на пензиите, кое важи и за лицата што не живеат во земјата.
Судијата-известител Осман Кадриу изјави дека предложил да се поведе постапка, но не добил мнозинство гласови. Тој оцени дека со оспорените одредби се врши дискриминација врз пензионерите кои живеат надвор од државата и дека им се ускратуваат правата на зголемување и усогласување на пензиите.
Во однос на предметите У.бр.162/2023 и У.бр.163/2023, кои се однесуваат на измените на Кривичниот законик, Судот ја запре постапката, оценувајќи дали Законодавецот постапил согласно насоките од претходното решение со кое беше поведена постапка.
Мнозинството судии констатирале оти во формален аспект Законот е донесен согласно процедурите. Во однос на материјалната уставност, дел од судиите сметале дека новото решение не е идеално, но е подобро од претходното.
Тој нагласи дека евентуално поведување нова постапка и укинување на законот би создало правен вакуум и правна празнина во санкционирањето на злоупотребите на јавни средства, поради што мнозинството одлучило да ја запре постапката, водејќи се од принципите на правна сигурност и предвидливост.
Судијата Кадриу изјави дека гласал против запирањето на постапката, наведувајќи дека, иако Законодавецот ја испочитувал формалната процедура, не постапил целосно по одлуката на Уставниот суд во материјалниот дел.

