Македонија
Џафери: Ромите се нераскинлив и природен дел на нашето општество
По повод 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, упати честитка до припадниците на ромската заедница во државата.
„Почитувани граѓани, припадници на ромската заедница. Со големо задоволство упатувам до вас во име на Владата на Република Северна Македонија и во мое лично име честитки по повод 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите. 8 Април е ден што го одбележуваме во ваша чест, драги сограѓани Роми, затоа што и вие, како и сите граѓани, сте нераскинлив и природен дел на оваа држава и општество. И вие заедно со сите граѓани ги чувствувате и благодатите, меѓутоа и тешките денови и ситуации што ги носи животот. Придонесувате со тоа што можете, се трудите да се подобрат состојбите во секоја сфера и се посветувате кон обезбедување подобра иднина, за нашата заедничка држава, за нашето општество и за нашите идни поколенија. Притоа го вложувате вашиот единствен и уникатен карактер, вашата харизма, позитивност и бестрашност. Овој ден е признание и потврда од страна на државата, институциите, вашите сограѓани и општеството во целост дека и вие сте суштински дел од цел овој контекст“, рече Џафери.
Како што рече, како Влада, преку усвоената Национална стратегија за Ромитр, која е дел од јавните државни политики, се преземаат мерки во конкретни области за да се обезбеди основа за целосна и вистинска интеграција затоа што само тогаш, кога и самите Роми ќе бидат дел од системот, ќе може да го направат најдоброто, првин за себе, потоа и за општеството и државата.
„Тука е клучно образованието, кое е најдобра инвестиција во растот и развојот на младите, кои се иднината на државата и на светот. Затоа, бидете мудри, бидете упорни, чекорете храбро и сигурно кон светлината што се појавува кога ќе се просветли умот. Само тогаш ќе може да излезе во пресрет и на вашиот вистински и оригинален потенцијал, кој се разликува од сите други. Наша обврска како држава и државни институции е да бидеме до вас во секој чекор напред. Честит 8 Април, Меѓународниот ден на Ромите!“, заврши Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.