Македонија
Џафери: Со Националната развојна стратегија го трасираме развојниот пат на Северна Македонија во следните две децении
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери денеска се обрати и ја водеше првата конститутивна седница на Националниот совет за развој.
„Имаме историска шанса да работиме на најсеопфатниот стратешки документ од осамостојувањето на државата – Националната развојна стратегија, документ со кој ќе се трасира развојниот пат на државата за следните 20 години.
Процесот на подготовка на Националната развојна стратегија беше започнат во јануари 2021 година, на иницијатива на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и со учество на Министерството за финансии и други институции во рамки на Владата, Фатмир Битиќи и Фатмир Бесими.
Воспоставена е оперативна структура во рамки на Генералниот секретаријат за поддршка на Националната развојна стратегија“, рече премиерот Џафери.
„Националната развојна стратегија, ја отсликува инклузивноста на нашата држава. Овој процес се подготвуваше скоро три години, во што учествуваа околу 14.000 граѓани, повеќе од 250 претставници од национални институции, 70 градоначалници, 50 пратеници од власта и опозицијата, претставници на стопанските комори, граѓански организации, над 500 претставници од маргинализирани и ранливи групи, како и повеќе од 1000 млади и членови на младински организации.
Националната развојна стратегија опфаќа економски, социјални, еколошки и културолошки аспекти на развојот на нашата држава во следните две децении.
Со Националната развојна стратегија, се отвораат можности, но и се создаваат капацитети за отпорност на општеството за справување со зголемената несигурност и ризици во светски рамки, како и за справување со глобалните трендови, како што се климатските промени и дигиталната трансформација.
Сега имаме патоказ по кој ќе креираме во каква држава сакаме да живееме, какво општество ќе изградиме во следните 20 години.
Процесот се спроведува со експертска и техничка помош од УНДП, во координација со Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации, Амбасадата на Обединетото кралство и Амбасадата на Република Словачка.
Во рамки на стратегијата се утврдени 6 (шест) стратешки области со стратешки цели и приоритети за секоја од нив.
По спроведен интензивен консултативен процес, донесен е Законот за Национална развојна стратегија од страна на Собранието на Република Северна Македонија на 06.02.2024 година, со поддршка на пратениците од власта и опозицијата од речиси сите политички партии кои се застапени во законодавниот дом.
Истиот е објавен во „Службен весник на Република Северна Македонија“, на 09.02.2024 година.
На 4-та седница на Владата одржана на 13.02.2024 година, донесена е Одлука за формирање на Националниот совет за развој, како дел од управувачката структура за Националната развојна стратегија.
На 6-та седница на Владата, одржана на 20.2.2024 година, донесено е Решението за именување на членови на Националниот совет за развој.
Денеска имаме чест и задача да го конституираме Националниот совет за развој.
Стратегијата значи општествен консензус за тоа кои се нашите државни интереси и како истите ќе ги постигнеме. Сите овие заложби се во согласност со аспирациите на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, но исто така силно ја демонстрираат и посветеноста кон постигнување на Целите за одржлив развој.
Стратешкиот документ ќе нѝ ја даде потребната јасност и визија за развојните цели на нашето општество. Сега треба да вложиме напор и придонес сите ние, заедно, за иднината на нашата држава“, изјави премиерот Џафери.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Муцунски се сретна со еврокомесарката за проширување, Марта Кос
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, попладнево, во рамки на работната посета во Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
„На средбата беше потврдена силната посветеност на државата на евроинтегративниот пат, континуитетот во реформските процеси, како и носењето на законите што се составен дел од овој процес. Разговорот беше насочен и кон заедничките безбедносни предизвици и продлабочувањето на соработката во областа на безбедноста и одбраната“, соопшти МНР за средбата.
Еврокомесарката Кос ја изразила поддршката за европскиот пат на Република Северна Македонија и го поздравила континуитетот во реформите и фокусот на Владата по локалните избори.
Македонија
(Видео) Мечка со две младенчиња прошета пред планинари на Шара, во следните 2 години ќе учат од мајката како да преживуваат
Националниот парк „Шар Планина“ објави снимка направена од планинари, кои на високите планински пасишта наидоа на кафеава мечка со две мечиња родени на почетокот на 2025 година. Сцената, иако кратка, открива многу за однесувањето на овој строго заштитен вид.
Во видеото малечките љубопитно ја набљудуваат околината, но веднаш се оддалечуваат – типично однесување за мечките, кои природно ги избегнуваат луѓето. Од Националниот парк објаснуваат дека младенчињата во следните две години ќе учат од својата мајка како да преживуваат и да се приспособуваат во дивината.
Зошто мечките се појавуваат почесто оваа година?
Од паркот велат дека жителите на шарпланинските села имале повеќе средби со мечки од вообичаено. Причината, според нив, најверојатно е лесно достапната храна околу дивите депонии и вознемирувањето од моторни возила во внатрешноста на планината. Мечките не „спијат зимски сон“ целосно – туку паѓаат во длабок мир од кој можат да се разбудат и да го напуштат леглото доколку се вознемират или ако времето е невообичаено топло.
Како да избегнете средба?
Зборувајте погласно, пејте или правете шум при движење. Избегнувајте густи грмушки. Не оставајте храна или отпад зад себе.
Селфи со мечка? Не се обидувајте да фотографирате мечка. Привлекувањето мечка е опасно и има контраефект!
Што да направите ако видите мечка?
Застанете мирно. Со смирен, гласен говор направете да ве забележи. Не трчајте! Трчањето може да предизвика реакции на потера. Полека движете се настрана, без нагли движења. Обидете се да изгледате поголеми: исправете се, кренете ги рацете. Разговарајте смирено за мечката да препознае дека сте човек. Ако имате спреј за мечки, користете го само ако мечката се приближува премногу. А ако видите младенче? Секогаш има мајка во близина — повлечете се полека и смирено. Ако мечката се подигне? Тоа не е напад! Само се обидува да добие подобар поглед или мирис.
Што ако дојде до напад?
Легнете на земја, со рацете зад вратот. Престанете да се движите и симулирајте неподвижност. Почекајте мечката да се оддалечи.
Опрема за поголема безбедност: Спреј за мечки – ефикасен на далечина до околу 8 метри. Ѕвонче за мечки – дава рано предупредување и ја спречува блиска средба.
Кафеавата мечка е вреден, редок и строго заштитен вид на Шар Планина. Да ја почитуваме, да и оставиме простор и да придонесеме сите за безбедноста и на природата и на луѓето. Шар Планина е дом – да ја чуваме заедно, порачаа од Националниот парк.
Македонија
Собраниска делегација на студиска посета во Бундестагот
Делегација на Собранието и претставници на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, присуствува на дводневна студиска посета во Бундестагот во Берлин, Германија.
Во состав на делегација се претставници на собраниска служба предводени од генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска и заменик-генералниот секретар Бобан Стојаноски.
Предмет на студиската посета се институциите кои се дел од надзорот над безбедносно-разузнавачкиот сектор во Германија.
Делегацијата имаше можност да слушне како функционира парламентарниот надзор во Германија, земја која обезбедува посебно релевантни примери, со оглед на нивната воспоставена и повеќеслојна рамка за надзор на разузнавањето, вклучувајќи ги парламентарните механизми и механизмите за заштита на податоците.
Во текот на посетата беа остварени работни средби со претставници од надзорните тела на кои беа споделени најдобрите искуства и практики од германските колеги.
Работната посета има за цел да го поддржи професионалниот развој на Службата на Собранието, преку компаративни сознанија и конкретни алатки за зајакнување на надзорот на разузнавачките служби во согласност со меѓународните стандарди и најдобрите практики.

