Македонија
Џафери – Хаџијев: Црноморската економска соработка нуди можности за продлабочена економска поврзаност меѓу Европа и Азија
Премиерот Талат Џафери, денес оствари средба со генералниот секретар на Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка, Асаф Хаџијев.
Џафери изрази задоволство од продолжувањето на воспоставениот дијалог со Парламентарното собрание на Црноморската економска соработка и во новото својство како претседател на Владата, потврдувајќи ја неговата убеденост дека дипломатијата на секое ниво на власта, било да е парламентарна или извршна, е неопходна во сегашниот сложен меѓународно-геополитички контекст, и истата придонесува во намалувањето на тензиите, градењето на доверба и наоѓањето решенија.
Премиерот го истакна значењето на организацијата за Црноморската економска соработка и изрази задоволство од придобивките од досегашното четиригодишно членство на Северна Македонија, кое не значи само членство во структурите на организацијата, туку нуди можност и за продлабочена економска поврзаност меѓу двата континенти, како и трите различни региони – Балканот, Кавказот и Црното Море.
Во таа насока, се осврна на клучните стратешки проекти кои придонесуваат за поголема поврзаност и интегрираност на регионот, а со тоа носат и нови економски придобивки за земјите, како на пример Коридорот 8, кој го поврзува Јадранско со Црно море.
Генералниот секретар Хаџијев, му го честиташе на премиерот Џафери стапувањето на новата функција, изразувајќи задоволство и очекување за натамошен континуитет во воспоставениот добар и редовен дијалог со Џафери како претседател на Собранието.
Хаџијев истакна дека, поради својата географска локација, Северна Македонија е клучна земја за Црноморската економска соработка, а членството во НАТО и започнатата интеграција во ЕУ даваат значајна дополнителна, политичка и безбедносна димензија која е добредојдена за зголемена економска динамика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денес во 18 часот состанок на Советот за безбедност поради случувањата на Блискиот Исток
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за денеска закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18:00 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Членови на Советот за безбедност се: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Македонија
Од денеска побезбедни онлајн купувања со платежни картички
Од денеска стапува во сила законската обврска за засилена автентикација при онлајн-плаќања со платежни картички. Наместо досегашната потврда со СМС-код, корисниците на платежни картички ќе добиваат известување преку мобилната банкарска апликација и ќе треба да ја одобрат трансакцијата. Потврдата се врши со ПИН за апликацијата, отпечаток од прст или препознавање лице. Без оваа потврда плаќањето нема да може да се изврши, дури и ако некој ги има податоците од картичката.
Целта е да се обезбеди заштита на паричните средства на граѓаните и на компаниите преку дополнителни сигурносни проверки на идентитетот на лицето при плаќањата без физичко присуство.
Засилената автентикација како законска обврска за давателите на платежни услуги произлегува од Законот за платежните услуги и платните системи. Таа се воведува постепено во земјата и веќе е во примена при извршување онлајн-увид во платежните сметки од страна на клиентите, како и при извршување плаќања со платежни картички на физичките продажни места или со платни налози преку електронското или мобилното банкарство.
Македонија
Од денеска до 5 март пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 март 2026.
Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, како и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата.
-Студентите што ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, се наведува во објавата на МОН каде што се наведени и условите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк и контакти за поддршка при аплицирањето.
Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови.

