Македонија
Џафери-Џоана: Северна Македонија е фактор на стабилност во регионот
Премиерот на техничката влада, Талат Џафери и заменик- генералниот секретар на НАТО, Мирчеа Џоана, во рамки на работната посета на седиштето на НАТО во Брисел, одржаа заедничка средба. На средбата, како што информираа од владината прес-служба, потенцирана била улогата на Северна Македонија како фактор на стабилност во регионот.
На средбата се разговарало за безбедноста и стабилноста на регионот, но и за глобалната безбедност и актуелните случувања во Украина и на Блискиот Исток. Премиерот Џафери ја истакнал посветеноста на Северна Македонија кон одржувањето на стабилноста и безбедноста во Евро-Атлантската област, како една од поновите членки, не само како влијателен фактор на стабилност на Западен Балкан, туку и со активното учество во мисиите на НАТО во Косово, Ирак, ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во борбените групи на НАТО во Летонија, Романија и Бугарија.
Во согласност со заложбата за инвестиции во одбраната и согласно одлуката од НАТО од Самитот во Вилнус, Република Северна Македонија од оваа година издвојува најмалку 2% од БДП за буџетот на одбраната, од кои 30% се за модернизација на Армијата. Со тоа Северна Македонија е помеѓу НАТО членките кои ја достигнаа заложбата, што е основа за ефективна имплементација на најробусниот план за одбрана на НАТО. Дополнително, Северна Македонија продолжува со силна поддршка за Украина во нејзината борба за слобода и мир на украинскиот народ, а против ужасите кои руската воена агресија се уште ги предизвикува на територијата во Украина.
На средбата се разговараше и за претстојната 75 годишнина од Алијансата. Во годината која донесе најголем предизвик за Алијансата од нејзиното основање, НАТО се прошири со уште една членка – Финска, а наскоро со уште една членка – Шведска, правејќи ја Алијансата пообединета и посилна од кога било.
Имајќи ги предвид претстојните избори на кои одлучуваат над 2 милијарди граѓани ширум светот, вклучително и во Северна Македонија, на средбата се разговарало и за предизвиците кои претстојат во изборниот период заради кои фокусот се става на јакнење во справувањето со хибридните закани, дезинформациите и сајбер одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

