Македонија
Потпишан меморандум за соработка помеѓу Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски и Претседателот на ЗЕЛС, денес потпишаа меморандум за соработка и разбирање. Документот, кои единиците на локална самоуправа чекаа да се потпише 21 година, ги дефинира формите и начините на идната соработка и ги утврдува приоритетите и идните проекции на развојот на системот на локалната самоуправа во Република Македонија.
-Од името на ЗЕЛС и сите единици на локалната самоуправа, сакам да изразам длабока благодарност до Претседател на Владата Христијан Мицкоски за подадената рака и за неговата решеност да го исполни даденото ветување. Со потпишувањето на овој Меморандум за соработка, го отвораме новото поглавје во односите помеѓу локалната и централната власт, чекор кој го чекавме цели 21 година. Овој Меморандум е израз на новата посветеност и решителност да се одговори на долгогодишните предизвици кои стојат пред нашите општини.
Со овој документ, Владата и ЗЕЛС заеднички ја изразуваат својата согласност и определба да спроведат поголем обем на децентрализација на власта. Ова е политички процес кој треба да донесе пренесување на значајни надлежности од државните органи на управата на единиците на локалната самоуправа, кои со тоа ќе добијат засилена одговорност и независност во своето функционирање. Во текот на овој процес, ќе формираме работни тела и мешовити Комисии што ќе ни овозможи да примениме најдобри меѓународни практики за локална самоуправа и да осигуриме дека нашиот систем функционира успешно и ефикасно.
Согласни сме дека децентрализацијата мора да биде проследена со зголемен обем на директни дотации и изворни приходи за секоја единица на локалната самоуправа. За да обезбедиме транспарентност и одржливост, ќе организираме годишни буџетски преговори помеѓу ЗЕЛС и Министерството за финансии, каде ќе ги усогласиме ставовите, потребите и можностите на централната и локалната власт.
Исто така, се договоривме да воспоставиме пракса на редовни заеднички седници на Владата и Управниот одбор на ЗЕЛС, на кои ќе вршиме консултации за прогресот и тековните приоритетни прашања. На овој начин, ќе можеме поефективно да ги адресираме предизвиците со кои се соочуваат нашите општини. Сумарно, сметам дека денес потпишаниот Меморандум е почеток на една успешната соработка и на позитивните промени за нашите општини и за сите граѓани на Република Македонија-истакна Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски, додавајќи дека денешниот ден за општините во Македонија е историски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Шуто Оризари и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, дел од корисниците од улицата Македонско Косовска Бригада лоцирани спрема подвозникот кај Визбегово, како и дел од корисниците од улицата Индира Ганди, лоцирани покрај пруга кај подвозникот, општина Шуто Оризари;
– во периодот од 09.00 до 15.30 часот, дел од корисниците од улицата Фјодор Достоевски, општина Карпош.
Македонија
Голем одрон кај село Ратево, магла на патниот правец Тетово – Гостивар
На патниот правец Р-1302 Берово – Струмица (кај село Ратево) поради поголем одрон сообраќајот се одвива по направена девијација во должина од 50 метри. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Тетово – Гостивар до 70 метри, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно влажни коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Без вода денеска објектите на хотел Континентал и Ист Гејт
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради промена на затворач на булеварот Александар Македонски бб (кај Континентал), прекинато водоснабдување ќе имаат објектите на хотел Континентал и Ист Гејт.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

