Македонија
Ѓорѓиевски: Централната и локална власт мораат да дејствуваат заедно за ефикасен кризен менаџмент
Претседателот на ЗЕЛС и градоначалник на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски денес беше дел од седницата на упрвувачкиот комитет за координација и управување со Системот за управување со кризи, со која раководеше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. На настанот во Центарот за управување со кризи, на кој присуствуваа и Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, министерот за одбрана Владо Мисајловски, потпретседателот на Владата Љупчо Димовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џевад Селами, како и директори и претставници на АД Водостопанство, УХМР, Национални шуми, беа дискутирани предлозите за времено унапредување на кризниот менаџмент во делот на справување со било какви кризи, и елементарни непогоди.
– Како Претседател на ЗЕЛС сакам да истакнам дека превенцијата е клучниот елемент за справување со предизвиците и дека само со заедничка посветеност, централната и локалната власт можат да изградат систем кој ќе биде подготвен да одговори на сите кризи. Како приоритет би ја посочил потребата од реформи во противпожарната заштита и создавање ефикасен и финансиски одржлив систем за заштита и спасување. Сметам дека поради недоволната финансиска поддршка и старите возни паркови на противпожарните единици, функционирањето на општините е отежнато. Од наша страна, ние, како раководство на Општина Кисела Вода, набавивме ново противпожарно возило, кое ќе биде ставено на располагање на противпожарната бригада за подобра ефикасност при интервенции. Обезбедивме и простории за нова противпожарна станица. За жал, иако се направени сите подготовки и адаптации, оваа станица сè уште не е функционална поради причини познати на градоначалничката на Скопје. Дополнително, набавивме мултифункционален багер за расчистување на речните корита, кои често се главната причина за излевање на реките и поплави. Сепак, освен што како градоначалници треба да делуваме посветено секој во својата општина, потребна е и заедничка работа и силна поддршка од централната власт. Во овој момент, со оглед на сето она што се случува во изминатиот период, јас сум голем оптимист околу надминување на голем дел од проблемите токму преку поддршка од централната власт за решавање на системските проблеми и сакам да апелирам на уште поголема соработка која има за цел да обезбеди стабилност и безбедност на нашите граѓани, изјави Претседателот на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

