Македонија
Архитекти од Италија заинтересирани за изработка на ДУП за Расадник
35 студенти од Италија заедно со свои професори од Факултетот за архитектура “Политехнико” од Торино, придружувани од зам. Амбасадорот на Италија во Македонија, Марио Де Роса, ја посетија Општина Кисела Вода. Заинтересирани за Меѓународниот конкурс за идејно решение за Расадник, дојдоа лично да ја разгледаат оваа градска четврт и да се информираат за некои поединости околу конкурсот. Како што информираше нивниот професор, Алесандро Армандо тие се студенти на четврта година, еден цел семестар ќе го обработуваат Расадник, па оваа посета има непроценливо значење за нив, како идни архитекти и можни апликанти на конкурсот. Секако, за конкурсот е заинтересирана и стручната јавност од Италија. На самиот почеток, гостите ги поздрави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, им се заблагодари за интересот и ја истакна важноста на овој меѓународен конкурс за жителите на општината и нивните очекувања, оваа урбана заедница да добие лик кој ќе ја идентификува како хуман кварт за живеење.
– Распишаниот Меѓународен кокурс за идејно решение за градската четврт Расадник е еден од еклатантните примери за нашиот начин на работа, како ново раководство на Општина Кисела Вода. Со доследно почитување на законската рамка, во целосно транспарентен процес, со вклученост на жителите, со меѓународна жири комисија, го бараме идејниот лик за оваа градска четврт, која е сместена во централното јадро на Кисела Вода. Верувајќи дека ќе добиеме стручно естетско решение кое ќе ги задоволи потребите на нашите жители во еколошка, урбанистичка и хумана смисла, за оваа постапка побаравме и добивме поддршка од целата стручна заедница во Македонија, а се надевам дека интересот да се учествува ќе биде голем и кај меѓународната јавност.
Впрочем, многу ни значи и вашата денешна посета на која ќе можете да се запознаете со деталите на конкурсот, ќе можат да бидат одговорени прашања околу евентуални нејаснотии, и сево ова не од мене, туку од стручните лица кои се дел од комисијата и се тука присутни. Јас како градоначалник, сакам овој процес да биде целосно ослободен од било какви можни влијанија, сосема транспарентен и чист, и затоа, од самиот почеток, до самиот крај, решив да се изоставам-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски, кој потоа, седеше во публиката и ја следеше дикусијата водена од декан на Архитектонскиот факултет-Скопје, Огнен Марина, други претставници на жири комисијата и гостите од Италија и од италијанската Амбасада во Македонија.
Во текот на дискусијата, беа претставени потенцијалите на оваа градска четврт, програмските насоки кои треба да им бидат смерница на учесниците на Меѓународниот конкурс за изработка на идејното решение за Расадник, како што се постоење на детска градинка, основно училиште, верски објект, урбана парк – шума од минимум 100.000 м2, спортско-рекреативни содржини, високо образование со ботаничка градина…
На прашањата од италијанските гости, одговараше деканот на Архитектонскиот факултет-Скопје, Огнен Марина, како и други стручни лица кои се дел од жири комисијата.
Меѓународниот конкурс за идејно решение за ДУП за Расадник, е поддржан и од УНДП. Оваа организација ќе даде стручна поддршка, ќе го промовира преку своите меѓународни канцеларии и ќе обезбеди поголема транспарентност преку вклучување на набљудувачи во целиот процес. Сево ова во рамките на проектот со кој ќе се одбележи јубилејот од катастрофалниот земјотрес во Скопје.
Распишаниот Меѓународен конкурс за идејниот лик на Расадник e реобјавeн со неколку измени во насока на олеснување на процесот за конкурирање. Не е поставен лимит за пристигнати трудови, студентите можат да конкурираат без проектантско биро, а конкурсните документи може да се испратат до општината преку електронски медиум (CD или USB). Општина Кисела Вода ги поканува сите заинтересирани стручни лица и студенти и од Македонија, но и од светот, да дојдат, или да пишат доколку имаат некакво прашање, стручните служби се тука да им помогнат, да им објаснат, се со цел да нема никави администативни бариери кои би можеле да попречат ако некој сака да учествува на овој Меѓународен конкурс. Истиот е отворен до 03 јули 2023.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Одлуката за домашен притвор на Груби е на обвинителството со 2 отсто доверба
Правда мора да има и таа мора да биде неселективна и конечна. Одлуката за домашен притвор е на обвинителството. Истото она со 2 посто доверба и за кое СДС се бореше да биде несменето до последниот здив. Сите забелешки може да ги испратат до таа адреса, и до омилените на Венко обвинители, велат од ВМРО-ДПМНЕ, по одлуката на скопското обвинителството да побара замена на мерката притвор со куќен притвор за Артан Груби.
„СДС треба да се договори со себе бидејќи се исклучително недоследни. Изутрина тврдат дека ДУИ одработува за ВМРО-ДПМНЕ, а сега дека е обратно. А всушност СДС се вистински во паника затоа што нивниот криминоген другар Артан Груби може да проговори за сите ортачки криминали на владите на Зоран и Вице, на Венко и Ковачевски, за бизнисите на Зечевиќ. Зошто врхушката на СДС денес заседаваше и “вртеше” телефони интересирајќи се за исказот на Артан Груби во обвинителство. Ова е и причината зошто СДС во случајот со Груби се однесува по логиката иста на онаа: “лопов вели држете го лоповот”. Црната кутија за криминалите на СДС и ДУИ падна. Прашање на време е кога “исплашените” од СДС ќе му прават на судските клупи друштво на Артан Груби“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Куќниот притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, велат од СДСМ
Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, сметаат од СДСМ. Според партијата, затоа судството и обвинителството се ставени под директна контрола на Мицкоски и ВМРО-ОКГ.
„Дилот ВМРО–ДУИ се спроведува пред очите на јавноста. Прво со договореното враќање и режираното снимање на граничниот премин. Не работеа камерите кога Груби си замина преку граница, слободно, со пасош, иако бил на стоп-листата. Но, за договореното враќање на Груби камери има на секој чекор – од граница, пречек, па сè до Обвинителството и Судот. Потоа следуваше веќе подготвената кампања по медиумите под контрола на Орбан, а сега и одлуките за куќен притвор. Ако некој еднаш избегал од државата, зошто му се одредува куќен притвор?“, прашуваат од СДСМ.
Од таму велат дека ништо не е случајно и останува само да видиме која е цената.
„Пеш преминал преку граница и побегнал. А бил на стоп-листа. Сега, после 14 месеци бегство – се враќа и му се одредува куќен притвор. На кого уште не му е јасно ова сценарио? Ништо не е случајно. Ова е дел од договорот меѓу ДУИ и ВМРО-ОКГ. Останува само да видиме која е цената“, велат од СДСМ.

