Македонија
100 психолози вклучени во зајакната психосоцијална поддршка на учениците во Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните места

Министерството за образование и наука во соработка со УНИЦЕФ, професори од Институтот за психологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Комората на психолозите на Македонија и Црвениот крст обезбедија зајакната психолошка поддршка за сите ученици во државата, која ќе биде поинтензивна во општините во кои голем број млади во несреќата во Кочани загубија браќа, сестри, другари и соученици, информира денеска министерката за образование и наука, Весна Јаневска.
„Веднаш по трагичниот настан, беа подготвени и испратени насоки до училиштата, наставниците и до родителите за постапување во следниот период, односно за давање прва психолошка помош и психосоцијална поддршка. Насоките се достапни на сите пет јазици на кои се изведува наставата. Формирана е мрежа на 100 училишни психолози од Скопје, но и од други градови, кои ги насочуваме кон Кочани, Виница, Штип, Чешиново-Облешево и околните места како поддршка на колегите во тамошните училишта, да работат со учениците, со нивните родители, наставниците и воопшто со граѓаните, а постапувајќи по посебен протокол подготвен за кризна интервенција“, рече Јаневска.
Досега 32 психолози ја минаа специјализираната обука, во која се вклучени Комората на психолозите, Бирото за развој на образованието и УНИЦЕФ, и веќе обезбедуваат директна поддршка на терен. Преостанатите ќе се вклучат откога ќе ја поминат денешната обука.
На интернет-страницата на Министерството за образование и наука има листа со телефонски контакти на 40 психолози, членови на Комората на психолозите на Македонија, кои се постојано достапни за разговор, односно за психолошко советување. На листата се наоѓаат и наменски телефонски линии за прва психолошка помош на Црвениот крст, кои се во функција 24/7 .
Помош може да се побара и во центрите на Црвениот крст во секое време, како и во Центарот за ментално здравје во Кочани, каде што има претставници на Универзитетска клиника за психијатрија.
Јаневска ги охрабри стручните лица кои сакаат да помогнат во ситуацијата да излезат во пресрет на потребите на учениците, на родителите и на наставниците. Доколку им се потребни попрецизни насоки каде се најпотребни и како да дејствуваат, може да се обратат до Министерството и до Комората на психолозите.
За поддршка на студентите, на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип е отворен центар за младинско советување.
Министерството за образование и наука во рамките на надлежностите и во следниот период ќе презема и ќе координира активности што може да им бидат од помош на младите во справување со предизвиците, најавија од таму.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска Давкова до медицинските тимови од Израел и Чешка: Од срце благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар

Претседателката на Македонија, Гордана Сиљановска Давкова извести дека ги примила медицинските тимови од Израел и Чешка, во придружба на нивните амбасадори, пред заминувањето од државата.
„Тие, заедно со веќе заминатиот српски медицински тим од ВМА, извршија стотина операции во соработка со македонските лекари.
Се работи за лекари со врвно знаење, професионалност, хуманост, пожртвуваност и етика. Убаво е да се чујат комплименти за нашите лекари, како и изразена спремност за нивна едукација“, кажа Сиљановска Давкова.
„По она што го чув од нив, не можев да најдам соодветни зборови за да им изразам должна благодарност. Од срце им благодарам за херојскиот ангажман во спасувањето на животите на настраданите во апокалиптичниот пожар. Никогаш нема да го заборавам нивниот несебичен лекарски потфат!“, додаде Сиљановска Давкова.
Македонија
Тошковски: Целосна мобилизација на институциите, МВР работи со сите свои капацитети

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во денешната изјава за медиумите повика на целосна мобилизација на сите институции и потенцира дека Министерството за внатрешни работи уште веднаш ги активираше сите свои капацитети.
„Од обезбедување на местото на трагедијата, евакуација и извлекување на повредените, регулирање на сообраќајот, па сѐ до логистичка поддршка за нивниот транспорт и лекување, како во земјата така и во странство. Над 250 лица беа брзо и безбедно транспортирани до болниците низ државата, а над 100 лица до граничните премини. Веднаш беа изработени итни патни документи за придружниците на повредените. Во исто време, полициските структури останаа целосно посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност“, потенцираше министерот Тошковски.
Министерот Тошковски извести дека во итна постапка биле изработени и патни исправи за придружниците на повредените во странство, а полициските службеници остануваат целосно посветени на истражните дејствија и расветлување на случајот, дејствувајќи со емпатија, дисциплина и професионалност.
Македонија
Од 25 до 27 март ќе се одржи симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во соработка со Организацијата за храна и земјоделство на Организацијата на Обединети нации (FAO), од 25 до 27 март, ќе спроведе симулациска вежба за болеста чума кај мали преживари. Цел на вежбата е да се утврдат добрите и слабите страни на одговор при евентуална појава на болеста, која е предмет на планови за итни мерки на АХВ.
На вежбата ќе присуствуваат претставници од АХВ, од Ветеринарната комора на РСМ, од Факултетот за ветеринарна медицина од Скопје, експерти од Европската унија како и претставници од Сојузот на здруженија на одгледувачи на овци „Модерен овчар”.
Првиот дел од симулацискта вежба (теоретско –практичен) ќе се спроведе на 25.03.2025 и 27.03.2025 (вторник и четврток) на Факултетот за земјоделски науки и храна, додека вториот дел (теренски) ќе се реализира на 26.03.2025 (среда) во село Брњарци, општина Гази Баба. По спроведување на вежбата ќе се направи евалуација на подготвеноста на Агенцијата за храна и ветеринарство за одговор при појава на болеста, а ќе се реализираат активности за подобра подготвеност на институциите и засегнатите страни при појава на особено опасни заразни болести како што е болеста чума кај мали преживари.
АХВ ја известува јавноста дека активностите кои ќе бидат преземени се исклучиво во рамки на предвидените за реализација на симулациската вежба, односно, не се станува збор за реална ситуација и појава на жариште на болеста чума кај малите преживари.