Македонија
Опожарена обложувалница во Тетово
Пожар во внатрешноста на спортската обложувалница „Моцарт“ во Тетово се случи утринава, при што била причинета само материјална штета.
Пожар во внатрешноста на спортската обложувалница „Моцарт“ во Тетово се случи утринава, при што била причинета само материјална штета. Како што соопшти тетовската полиција, непознато лице го скршило стаклото на обложувалницата што се наоѓа на улицата Јане Сандански и предизвикало пожар во внатрешноста на објектот. Огнот уништил дел од опремата во обложувалницата, како и дел од инвентарот. Ова е вторпат за две недели истата обложувалница да биде мета на напад. Во првиот случај кон излогот беше фрлено шише со запалива течност кое не го скрши стаклото и не предизвика поголеми оштетувања. /крај/сс/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Прв национален инклузивен натпревар по роботика во Македонија
Овој викенд, на 28 февруари во Скопје, се одржа првиот национален натпревар „CTRI Innovation Robot Challenge“ – едукативен натпревар по роботика и иновации, наменет за деца и млади на возраст од 6 до 14 години.
Натпреварот е организиран од Здружението за развој на Технологија, Роботика и Иновации – CTRI, во коорганизација со Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, раководено од директорката Александра Јаковчевска.
Овој настан претставува историски чекор во развојот на националната STEM-сцена – за првпат во државата беше реализиран инклузивен национален роботски предизвик кој ги обедини технологијата, хуманоста и одржливиот развој во една силна образовна платформа.

Натпреварот е креација на м-р Васка Медиќ и Јованчо Зашаровски – основачи и визионери зад CTRI, кои ја создадоа првата национална инклузивна STEM-платформа каде технологијата не е само алатка, туку средство за општествена промена.
„Нашата цел беше да создадеме простор каде децата нема само да се натпреваруваат, туку ќе размислуваат, ќе создаваат и ќе учат како технологијата може да служи на луѓето и заедницата. Веруваме дека инклузивната роботика е иднината на образованието“, истакнуваат основачите Медиќ и Зашаровски.
На натпреварот учествуваа 19 тимови со над 50 директни учесници од Берово, Валандово, Скопје и Пехчево, додека настанот го посетија повеќе од 150 посетители. Натпреварот беше од отворен карактер и предизвика исклучителен интерес кај јавноста.
Децата се натпреваруваа во две возрасни категории (6–9 и 10–14 години), при што дизајнираа, градеа и програмираа едукативни роботи за да извршат јасно дефинирани мисии на натпреварувачките предизвици во ограничена временска рамка. Како основачи, посебен акцент ставивме на развојот на STEM знаења, критичко и креативно размислување, техничка функционалност, јасна презентација на решението, тимска работа и инклузија како суштинска вредност на целиот процес.

Натпреварот се реализираше преку две тематски категории што ја поврзуваат технологијата со хуманоста и одржливиот развој.
Првата категорија беше насочена кон роботски решенија за заштита на планетата и одржлив развој, каде тимовите дизајнираа роботи кои помагаат во заштита на животната средина, внимателно се движат низ чувствителни зони и носат поддршка за заедницата.
Втората категорија беше фокусирана на роботи кои поврзуваат луѓе, системи и информации – роботи како помошници, пријатели и поддршка во секојдневниот живот, со посебен акцент на пристапноста и инклузијата.
Главната порака беше јасна – вистинската технологија е онаа што ги вклучува сите.
Посебна тежина на настанот му даде фактот што истиот се одржа во Државното училиште за деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“.
Покрај натпреварувачкиот дел, децата имаа можност да учествуваат во две тематски работилници. Здружението и училиштето овозможија интерактивна работилница за брајово писмо, каде учесниците се запознаа со тоа како децата со оштетен вид читаат и пишуваат. Ова искуство претставуваше силна лекција за емпатија, еднаквост и разбирање и ја нагласи суштината на инклузивното образование.

Дополнително беше реализирана работилница за научни експерименти од страна на SmartLab Kids, кои преку интерактивен пристап ја приближија науката до децата и го поттикнаа нивниот истражувачки дух. Организаторите изразуваат искрена благодарност за нивниот професионален придонес.
Во категоријата 10–14 години, првото место и титулата „Златен иноватор“ ја освои тимот ГАЛАКТИЧКИ БУРЕК, второто место „Сребрен стратег на роботика“ му припадна на БЕРОВСКИ ТЕХНОЛОГИИ, додека третото место „Бронзен технолошки лидер“ го поделија тимовите GTA BOYS и LAPTU.
Во категоријата 6–9 години, првото место „Големи иноватори“ го освои ROBOTIC’S INOVATORS, второто место „Робо-ѕвезди на иднината“ му припадна на TDM Engineers, а третото место „Млади креатори на идеи“ го освои тимот ДИГИТАЛКИ.
Специјални признанија беа доделени за Најдобар алгоритам на тимот АУТОБОТ, за Најдобра стратегија на PPK SPIKE, за Најдобра инклузија на Stitch, за Најдобра тимска работа на НАЈЈАКИ и за Иноватор на натпреварот на тимот МЕП.
„CTRI Innovation Robot Challenge не е само натпревар. Тоа е движење. Градиме генерација која размислува иновативно, работи тимски, создава решенија и верува дека технологијата треба да биде хумана, достапна и инклузивна за сите. Овој прв национален чекор е темел за идни поголеми STEM движења во Македонија“, порачуваат м-р Васка Медиќ и Јованчо Зашаровски.
Со овој настан, CTRI ја отвори вратата кон нова ера во едукативната роботика и инклузивната технолошка едукација во државата.
Македонија
Општините во фокус: Перински повика на партнерска соработка преку Ресурсниот центар
Во организација на Министерството за локална самоуправа денес се одржа практична работилница на тема: „Презентација на постапката за поднесување барање за поддршка од општините во рамки на Ресурсниот центар за поддршка на развојот на општините“.
Работилницата беше наменета за претставници на општинската администрација, со цел нивно практично запознавање со дигиталната алатка, процедурите за поднесување барање за поддршка и начинот на евалуација на испорачаната поддршка кон општините.
Во своето обраќање, министерот за локална самоуправа, Златко Перински, упати апел до општините активно и рационално да ги користат расположливите механизми за поддршка.
„Иако локалната власт е самостојна и има сопствени изворни надлежности и одговорности, преку партнерска соработка и взаемна поддршка можеме да постигнеме многу повеќе. Затоа градиме концепт за синергија на сите расположливи ресурси во државата кои ќе бидат ставени во функција на општините,“ истакна министерот Перински и додаде „Станува збор за процес што заеднички со вас ќе продолжиме да го градиме, унапредуваме и прилагодуваме, водени од вашите реални потреби и искуства од секојдневното работење“.
Тој нагласи дека Владата останува силно посветена на поддршка на општините преку инвестиции, јакнење на капацитетите и обезбедување практични алатки што ќе придонесат за поефикасна локална администрација и поквалитетни услуги за граѓаните.
Македонија
Мицкоски: Минималната плата се зголемува, повисоки примања од април
Премиерот, Христијан Мицкоски, информираше дека на денешната седница на Економско-социјалниот совет на дневен ред е Информација за висината на минималната плата, укажувајќи дека очекува да помине оваа Информација утре на владина седница.
„Денеска на дневен ред е информација за висината на минималната плата, која ќе биде во 2026 година согласно закон. Очекувам на следната владина седница да го поминеме ова и како Влада и потоа нормално согласно висината на минималната плата од април за март да почне истата да се исплатува“, истакна Мицкоски и додаде дека очекува бипартитниот дијалог меѓу работодавците и работниците да продолжи во иднина да се интензивира.
„Очекуваме да продолжи и да се интензивира бипартитниот дијалог помеѓу работодавачите и работниците. Ние како Влада секогаш стоиме на располагање да помогнеме во рамките на нашите можности и ингеренции. Се што е во рамките на институциите, институционален дијалог треба да се охрабри, затоа што само така може да се дојде до конструктивно решение. Вонинституционални механизми секогаш постојат, демократска држава е Македонија, но ценам дека искуство вели дека се што е во рамки на институциите носи решение. А се што е надвор од рамките на институциите, мислам дека не само што не носи решенија, туку апсолутно ги поларизира нештата“, рече Мицкоски.
Тој кажа дека изминатиот период е постигнат договор со синдикатите УПОЗ и САДУ за повисоки плати на административците, посочувајќи дека во тој договор влегле и други синдикални организации кои што не биле дел од првичните преговори.
„Што се однесува до останатите параметри, нашиот став е јасен за јавноста и тука немаме никаква дилема. Последното кое што требаше да го затвориме како би рекол условно кажано отворено прашање, тоа беше договорот кој го потпишавме со синдикатите УПОЗ и САДУ и тоа го завршивме. Таму беа додадени и други синдикати кои што првично не беа дел од преговорите, но сакавме да имаме што е можно поголем опфат, и со тоа ние го затворивме и тоа отворено прашање, кое што некако лебдеше и на дел од седниците на Економско-социјалниот совет“, кажа Мицкоски.

