Македонија
Милошоски: Нема да не изненади нова блокада од Грција
Шпанското претседателство е добра прилика за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија, но нема да не изненади доколку Грција не и дозволи на Европа да го надгради својот кредибилитет за проширување на Унијата.
Шпанското претседателство е добра прилика за отпочнување на преговорите за членство во Европската Унија, но нема да не изненади доколку Грција не и дозволи на Европа да го надгради својот кредибилитет за проширување на Унијата. Ова денеска во Скопје, на трибина на ВМРО-ДПМНЕ, го изјави шефот на македонската дипломатија Антони Милошоски. „ВМРО-ДПМНЕ ја има повторно шансата да биде партијата која што ќе ја има приликата да ги отпочне преговорите за членство на Република Македонија во Европската Унија. Сметам дека шпанското претседателство е една добра прилика, иако, да бидеме искрени, нема да е изненадување доколку јужниот сосед, Република Грција, повторно, заради себични причини не успее да и дозволи на самата Европа да го прошири и да го надгради својот кредибилитет и концепт за проширување на Европската Унија со Македонија и со нашиот регион“, рече министерот Милошоски. Дел од членовите на ВМРО-ДПМНЕ побараа консензус во однос на прашањето со името, но и почитување на фундаменталните човекови права од страна на Унијата. „Ако постои консензус во однос на нашиот евро-интегративен процес, треба да постои и внатрешен политички и се граѓански консензус во однос на изнаоѓање решение за ова важно прашање“, рече Петар Поп Арсов, пратеник и претседател на собраниската комисија за Европски Прашања, нарекувајќи го прашањето за името „нечовечки критериум кој и се наметнува на Македонија. „Верувам во европскиот слободарски дух, верувам во почитувањето на човековите права, меѓутоа верувам во почитувањето на правата и слободите на граѓаните од сите земји на светот сами да се определат како сакаат да се именуваат. Верувам дека тоа е и обврска на обединета Европа,, поради тоа што таа почива на овие постулати“, рече Силвана Бонева, пратеник и потпретседател на Националниот Совет за евро-интеграции. Од својата страна, Васко Наумовски, заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања, рече дека државата го има целосниот капацитет за отпочнување на преговорите со Унијата. „Ние сме свесни за сите предизвици што престојат, за тежината на самиот процес на преговори, меѓутоа сме уверени во нашите капацитети и во способноста на Македонија и во способноста на институциите на државата заеднички да чекориме кон остварување на нашата заедничка цел, а тоа е полноправното членство на Република Македонија во Европската Унија“, рече Наумовски. Овие ставови беа искажани на денешната трибина, насловена како “Европската интеграција на Република Македонија-темелен принцип на ВМРО-ДПМНЕ”. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп покриен шанк во паркот „Авионче“
Општина Аеродром објави оглас за давање под закуп на урбана опрема – покриен шанк, по пат на електронско јавно наддавање, што ќе се спроведе преку електронскиот систем www.e-stvari.mk.
Предметот на закуп е покриен шанк со вкупна површина од 118,76 квадратни метри, лоциран во паркот „Авионче“ во Ново Лисиче. Објектот располага со кафе-бар, кујна, тоалети, тераса и помошни простории и се дава под закуп за период од пет години.
Рокот за поднесување пријави е до 13 февруари 2026 година, а електронското јавно наддавање ќе се одржи на 16 февруари 2026 година.
Како дел од посебните услови, најповолниот понудувач ќе има обврска во рок од 90 дена да постави детско игралиште со реквизити во паркот, да обезбеди редовно одржување на просторот, јавен пристап до тоалетите, систем за управување со отпад и 24-часовна чуварска служба.
„Со оваа постапка продолжуваме со транспарентно управување со јавниот простор, унапредување на парковската инфраструктура и создавање подобри услови за граѓаните, како и поддршка на локалниот бизнис сектор“, велат од Општина Аеродром.
Целосната документација и условите за учество се достапни на www.e-stvari.mk и на официјалната веб-страница на Општина Аеродром, односно на следниов линк: https://sn.rs/rvpmd.
Македонија
СДС шири непотребна паника за визите, не станува збор за забрана за патување во САД, велат од ВМРО-ДПМНЕ
СДС наместо да биде конструктивна опозиција, која ќе има аргументирана критика, таа пласира тенденциозна манипулација со цел дефокусирање од сопствениот неуспех., велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Да разјасниме за јавноста и граѓаните СДС користи дезинформации за американската визна политика. Факт е дека не станува збор за забрана за патување, ниту за целосен прекин на визи за граѓаните. Едноставно, станува збор за времена на постапки поврзани исклучиво со иселенички визи за САД, за којшто има најмал број на апликации“, велат од владејачката партија.
Дополнително, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не станува збор за целосна забрана за патување или влез во САД, и не влијае на другите категории на визи за САД, односно не претставува никаква пречка и не постои никакво ограничување за другите категории на визи како што се туристичката виза, студентска итн, односно политиката останува непроменета по однос на овие визи.
Воедно, велат од ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да ја потсетиме јавноста и СДС дека кога се појавија податоците за тарифите за даноците од САД, опозицијата критикуваше дека сме вброени во земјите со највисоки тарифи, а кога ВМРО-ДПМНЕ издејствува да бидат најниски, СДС ги снема, наеднаш исчезнаа од јавноста.
„Истото се случува и сега. Наместо одговорно информирање се шири паника и се шпекулира. Македонија има одлична и континуирана соработка со нашиот стратешки партнер САД, а тоа ќе продолжи и во иднина, затоа што работиме исклучиво во интерес на граѓаните и државата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
фото/Depositphotos
Македонија
ИЈЗ: Нема потреба од продолжување на зимскиот распуст, грипот на ниво на средна активност
Во втората недела од 2026 година, состојбата со грипот во земјава се наоѓа на ниво на средна активност, со зголемен број на заболени, но без потреба од воведување претерани мерки, изјави д-р Драган Кочински од Институт за јавно здравје.
Од 5 до 11 јануари регистрирани се вкупно 2.322 заболени лица, што е за 34,6 отсто повеќе во однос на претходната недела. Во споредба со истата недела претходната сезона, бројот на заболени е зголемен за 2,2 пати.
Највисока инциденца на заболување се бележи кај децата на возраст од 0 до 4 години. Заболени лица се регистрирани во 25 региони во државата, при што најмногу регистрирани случаи има во Скопје, а само во Берово, Пехчево и Делчево досега нема ниту еден регистриран случај.
Одговарајќи на новинарско прашање за можноста за продолжување на зимскиот распуст, д-р Кочински истакна дека иако растот на бројот на заболени е забележан неколку недели порано од вообичаено, нема потреба од таква мерка.
„Бројките се очекувани за овој период од годината. Точно е дека засега имаме раст неколку недели порано од очекуваното. Засега сме во средна активност и тоа не дава можност да даваме претерани мерки како што е продолжување на зимскиот распуст. Ја следиме состојбата и доколку има промени, ќе излеземе со соодветни препораки“, изјави тој.
Во однос на училиштата и градинките, од ИЈЗ апелираат децата со симптоми на акутно заболување да не се носат на настава, со цел да се спречи ширењето на заразата.
Како општи мерки се препорачуваат избегнување на простории со голем број луѓе, редовно проветрување, консумирање витамини и минерали, како и останување дома во случај на заболување. Доколку симптомите се влошуваат или не се повлекуваат, граѓаните се упатуваат да се јават кај матичен лекар или инфектолог.
Најдобра заштитна мерка, според здравствените власти, и понатаму останува вакцинацијата.
Од ИЈЗ посочуваат дека пикот на грипот се очекува од крајот на јануари до средината на февруари.

