Македонија
Џонс:Одговорноста за решението за името лежи кај лидерите на двете земји
Обединетите нации мора да останат централен медиум за решавање на спорот со името, а одговорноста лежи кај лидерите од двете земји, смета американскиот заменик-помошник државен секретар Стујарт Џонс.
Обединетите нации мора да останат централен медиум за решавање на спорот со името, а одговорноста лежи кај лидерите од двете земји, смета американскиот заменик-помошник државен секретар Стујарт Џонс. Оваа изјава на Џонс, од Конференцијата за трансформација на Балканот, што се одржа во Вашингтон ја пренесува Гласот на Америка на македонски јазик (ВОА).
Стручњаци и дипломати на конференција во Центарот за стратешки и меѓународни истражувања во Вашингтон, дебатираа на тема „Трансформирање на Балканот: безбедност, политичка стабилност и економски развој“, пренесува ВОА .
На настанот што првенствено се занимаваше со грчко-американската соработка на Балканот, амбасадорот на Грција во САД Василис Каскарелис истакна дека земјата е сојузник на кој Вашингтон може да му верува.
Грција, според Каскарелис, и натаму ќе ја држи вратата за членство во ЕУ отворена за сите земји од Балканот.
Проблемот со името, пренесува ВОА, беше споменат во контекст на негово брзо решавање, поради потребата од поширока регионална безбедност. На конференцијата беше поставено и прашање за поголема ангажираност на САД, со оглед дека нема видливи резултати од досегашните преговори во рамките на ОН.
„ОН мора да останат централен медиум за процесот. На тоа се обврзаа двете страни, како и САД и ЕУ. Секако дека има многу дискусија надвор од процесот во рамки на ОН со цел да се помрднат работите, но никој нема поголемо влијание во процесот од грчката и македонската влада. Одговорноста за пронаоѓање решение лежи кај лидерите од двете земји“, рече американскиот заменик-помошник државен секретар Стујарт Џонс.
Тој, според ВОА, смета дека посредникот на ОН, Метју Нимиц одлично си ја врши работата и се надева дека решение ќе биде најдено летово. На последната средба со грчкиот премиер Јоргос Папандреу во Белата куќа, претседателот Обама му порачал дека прашањето со името мора да се реши во следните месеци, рече Џонс.
Грчкиот амбасадор Каскарелис мисли дека е лоша идеја да се помести тежиштето на преговорите надвор од ОН, затоа што Светската организација овозможува специфична рамка на прифатени принципи од сите земји, пренесува ВОА.
„САД секако можат да помогнат во процесот, ние бараме помош од нив – да помогнат со идеи, дискусии, да ја анализираат ситуацијата, но јас верувам дека би било лошо прашањето да се тргне од надлежност на ОН“, рече Каскарелис./крај/воа/см
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

