Македонија
Полициите на Македонија и Австрија ќе ја продлабочат соработката
Соработката меѓу македонската и австриската полиција во наредниот период ќе се интензивира и продлабочува не само во делот на заедничките истраги, размени на информации и слично, туку и во сегментот на заеднички обуки
Соработката меѓу македонската и австриската полиција во наредниот период ќе се интензивира и продлабочува не само во делот на заедничките истраги, размени на информации и слично, туку и во сегментот на заеднички обуки.
Ова, меѓу другото, го истакнаа директорите на полициите при министерствата за внатрешни работи на Македонија и Австрија Љупчо Тодоровски и Херберт Андерл, по нивната денешна работна средба во Скопје.
Оценувајќи ја досегашната успешна соработка, којашто во духот на професионалните и добри пријателски односи во континуитет се реализира меѓу двете институции, Тодоровски и Андерл уште еднаш ја реафирмира важноста од градењето на квалитетно партнерство во интерес на безбедноста на граѓаните во двете земји.
Најавувајќи дека во текот на идниот месец во Македонија ќе допатува и министерката за внатрешни работи на Австрија при што ќе биде потпишан Протоколот за реадмисија, Тодоровски потенцираше дека еден од сегментите на денешните разговори е формирањето на заеднички тимови кои ќе работат на откривање лица и групи кои вршат кривични дела, како и интензивирање на размената на искуства меѓу двете полиции.
Андерл истакна дека македонската полиција придонесува за безбедноста на Австрија, посочувајќи ја тековната реализација на голем број проекти кои би требало да доведат до безбедност и сигурност на граѓаните и на двете држави.
Притоа, Андерл нагласи дека се запознал со многу полиции во светот како од гледна точка на подготвеност, така и на професионализам, и според него македонската полиција е една од најдобрите во светот.
Директорот на австриската полиција беше примен и од министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска./крај/со/мп
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Бутел, Карпош и Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување приклучок на улицата Александар Урдаревски бб за Полициска станица Бутел во населба Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на две куќи од улицата Александар Урдаревски, во општина Бутел.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до санирање на дефектот.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100мм на улицата Христо Смирненски 13, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (потегот од Зур маркет до бул.Партизански Одреди), општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП Водовод и Канализација соопштуваат дека денеска поради уличен дефект на улицата Васил Ѓорѓов 19, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица и дел од улицата Народен Фронт, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
„Денес не зборуваме за политичка победа туку за доверба“: конституиран новиот совет на Општина Карпош
Денеска се одржа првата конститутивна седница на Советот на Општина Карпош. Седницата, како што соопштија од општината ја отвори досегашниот претседател на Советот, Бранко Ристов, кој им се заблагодари на советниците од минатиот мандат за соработката, а на новите им посака успешна работа, добар дијалог и многу конструктивни дебати. Претседателката на Комисијата за прашања на верификација, мандатни прашања, избори и именувања, Андријана Јакимовска Панчевска, ги верифицираше мандатите на 27 новоизбрани членови на Советот на Општина Карпош, по што советниците положија свечена заклетва.
Во оваа пригода, со поздравен говор пред присутните се обрати градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Лукровски, кој најави дека општината влегува во нова етапа на одговорност, почит и работа.
– „Денес не зборуваме за политичка победа. Зборуваме за доверба — довербата што ни ја дадоа граѓаните на Карпош. Тоа не е само резултат на избори, тоа е порака дека сакаат промени, ред, сигурност и живот со вистински вредности. Верувам дека вистинското лидерство не е во тоа да победиш противник, туку да создадеш средина во која сите победуваат. Имаме можност за достоинствен почеток – време кога, без разлика на политичките идеологии, сите заедно ја преземаме одговорноста да работиме за доброто на нашите сограѓани – посочи Лукровски.
Првиот човек на Општината им вети на советниците дека ќе биде секогаш достапен за нив, кога е потребна соработка и изнаоѓање на соодветни решенија во корист на карпошани.
– „Верувам и ветувам дека заедно, низ дијалог и почит, ќе изградиме локална самоуправа која ќе се развива рамномерно, со современа инфраструктура, чиста животна средина, поддршка за образованието, културата, спортот и социјалната заштита. Нашата заедничка цел мора да биде едноставна, но голема. Карпош да биде место каде граѓаните живеат достоинствено, каде институциите се отворени, и каде гласот на секој жител се слуша и се почитува. Јас сум убеден дека со континуирана работа ќе го трансформираме нашиот Карпош, кој ќе биде општина за пример!“ – додаде Лукровски.
Во продолжение на конститутивната седница, со мнозинство гласови од советниците беше избран Христо Саракинов, кој во наредниот четиригодишен мандат ќе ја извршува функцијата претседател на Советот на Општина Карпош.
По разгледување на предложените решенија, советниците избраа претседатели и членови на 11 Комисии, кои во претсојниот мандат ќе заседаваат и работат во функција на Советот на Општина Карпош.
Македонија
Македонија и Египет ќе соработуваат во високото образование и науката
Македонија ќе добие поддршка во напорите за унапредување на високото образование од страна на Египет, земја чии универзитет забрзано се искачуваат на глобалните ранг листи, а ќе се продлабочува и билатералната соработка во областа на науката и истражувањата. Ова беше потврдено на состанокот помеѓу министерката за образование и наука Весна Јаневска и египетскиот министер за високо образование и научни истражувања, Мохамед Ајман Ашур, што се одржа денес во Каиро.
Работно тело составено од претставници што ќе ги номинираат ресорните министерства на двете држави ќе дефинира конкретни активности што ќе ја продлабочат соработката, а ќе се разгледаат и можностите за креирање на заеднички студиски програми со двојни дипломи. Во фокус ќе бидат високообразовните установи во областа на медицината и техничките науки, со особен акцент на компјутерското инженерство и земјоделството.
Министерката Јаневска ги претстави промените кои се започнати во областа на високото образование во Македонија, нагласувајќи дека во моментот се изработува и ново законско решение, а ефектите од планот за реформи се очекуваат на среден рок од 5 години. Се осврна и на значително зголемениот буџет за наука и финансирањето на зголемен број научно – истражувачки проекти од интерес за државата и јавноста, усвојувањето и спроведувањето на Стратегијата за паметна специјализација на државата, а нагласи и дека министерството иницираше постапка за основање на првиот државен научно – технолошки парк кој ќе биде под надлежност на државата.
Министерот Ашур ги претстави силните страни на египетскиот високообразовен систем и политиките кои помагаат за забрзано напредување на државните универзитети на меѓународните рангирања. Изрази подготвеност во текот на овој месец да се формира работното тело меѓу двете држави, а веќе во следниот да се одржи непосредна средба на ректорите на шесте македонски државни универзитети и ректорите на најистакнатите египетски, како Универзитетот во Каиро. Го сподели националното искуство со основањето на научно – технолошки паркови и центри за извонредност, што ќе биде од голема корист за Македонија да ја оствари истата цел.
Јаневска од вчера е во Каиро каде се одржува Глобалниот конгрес за население, здравство и развој на човечки капитал. Ќе учествува на повеќе панел дискусии, а ќе биде воведен говорник на сесија посветена на неформалното образование како концепт на доживотно учење. Во текот на утрешниот ден ќе се сретне и со египетскиот министер за основно и средно образование, Мохамед Абдел Латиф.

