Македонија
Македонец го освои Покривот на светот
Планинарот од планинарското друштво „Бистра“ Здравко Дејановиќ го освои врвот Еверест, со што стана трет Македонец што во последните три години се искачува на Покривот на светот.
Планинарот од планинарското друштво „Бистра“ Здравко Дејановиќ го освои врвот Еверест, со што стана трет Македонец што во последните три години се искачува на Покривот на светот.
Проектот за освојување на Монт Еверест траел неколку години. Почетната фаза била со освојувањето на Арарат, првата планина над 5.000 метри. Потоа следувале експедициите на Кавказ, Аконкагва и Мустаката.
„Освојувањето на Еверест за мене претставуваше посебен триумф и гордост, но сето тоа ми го помати тажната глетка до врвот. Покрај самата патека што води кон највисоката точка на Хималаите, лежеа тела на планинари, кои не успеале во својата мисија. Во непосредна близина беше и телото на словенечки планинар, кој настрадал во 2006. година. Јас сум емотивен човек и тоа многу ме погоди“, вели 45. годишниот Дејановиќ, кој роденденот го прославил еден ден по големиот успех.
„На 24. мај се искачив на Еверест, а веќе следниот ден прославив роденден заедно со колегите од Црна Гора и Србија“, додава планинарот од ПД „Бистра“.
Според него, качувањето од последниот базен логор кон врвот започнало на 23 мај, по исклучително лоши временски услови, што патувањето од седум часа, го претворило во голгота од 11 часа.
Дејановиќ беше во состав на руска експедиција составена од 12 членови, од кои дури осуммина успеале да се искачат на Еверест. Пристапот бил од северната кинеска страна.
„Условите беа крајно лоши. Падна нов снег од половина метар, а патеката што води кон врвот беше широка одвај 20-30 сантиметри, а некаде и помалку, така што движењето беше крајно ризично. Поради должината на искачувањето, го намаливме и количеството кислород во боците, за да ни трае до крајот на потфатот“, рече Дејановиќ.
Тој додаде дека на самиот врв се задржале десет минути и поради лошото време добиле повик веднаш да се враќаат кон логорот.
„Некаде на половина пат сфатив дека ситуацијата е многу сериозна. Во тие моменти на борба, решив искачувањето да му го посветам на Свети Никола, да ме штити и чува да се искачам на врвот и уште побезбедно да се вратам, бидејќи 80% од смртните случаи на Еверест се случуваат при враќање“, нагласи Дејановиќ.
Тој е третиот Македонец што во последните три години се искачил на Еверест. Лани тоа го направи Сашко Кедев, а една година претходно Глигор Делев, Македонец кој живее и работи во Канада.
Прв во македонската историја што го освои Покривот на светот е Диме Илиевски-Мурато, кој пред 20 години настрада при враќањето од Еверест.
Од ПД „Бистра“ и Федерацијата на планинарските спортови на Македонија се пожалија дека експедицијата на Дејановиќ не била помогната од државата, иако тие побарале финансиска помош од надлежните институции.
„Македонија има прекрасни планини за подготовка на идните планинари што би го освоиле Еверест, но државата воопшто не инвестира во развојот на овој спорт, иако нашите планинари на најдобар начин ја претставуваат земјата надвор“, велат од ПД „Бистра“. /крај/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

