Македонија
Крема за сончање и строго избегнување на солариум за здрава кожа
Задолжително користење на креми за сончање, не само на одмор, туку во текот на целодневните активности особено за популација експонирана на надворешни активности и строго избегнување на солариумите.
Задолжително користење на креми за сончање, не само на одмор, туку во текот на целодневните активности особено за популација експонирана на надворешни активности и строго избегнување на солариумите.
Ова се препораките на здравствените власти до граѓаните, за да се заштити населението од се почестата појава на рак на кожата или малигниот меланом односно бенките што растат.
„Научните студии покажуваат дека со користењето на солариумите појавата на меланом во подоцнежната возраст се зголемува и тоа двојно“ вели Зорица Зафировиќ од Клиниката за дерматологија.
Со законот за јавно здравје за прв пат се регулира и прашањето за условите кои што треба да ги исполнат козметичките салони и солариумите и за првпат се поставуваат одредени стандарди и предуслови за тоа.
Според Министерот за здравство, даден е период од една година за подготвување, додека во меѓувреме се донесат соодветните подзаконските акти во соработка со медицинските стручњаци кои ќе треба да ги подготват тие правила.
Особено ризична група за појава на меланом е популација која работи во затворено.
„Административните работници ги користат одморите каде експресно се изложуваат на сонце и се здобиваат со изгореници од висок степен, а тоа е всушност ризик факторот за подоцнежна појава на меланом и ако има генетски фактор, тогаш корелацијата постои. За останатите карциноми, ризичната популација се оние пациенти кои работат на отворено“ вели Зафировиќ.
Македонија ги следи европските трендови за појава на малигниот меланом со прогресивен пораст од 3 до 7 проценти на годишно ниво. Меланомот се наоѓа меѓу десетте најчести малигни заболувања во Европската унија. Според стандардизиранта стапка на смртност од меланом, Македонија е на второ место во Европа.
„Главен ризик фактор за појава на малигниот меланом се ултравиолетовите зраци. Македонија географски се наоѓа на таква позиција на Европа со висок индекс на ултравиолетово зрачење, па од тука не треба да изненади зачестената појава на малигниот меланом меѓу нашите жители“ изјави Министерот за здравство, Бујар Османи.
По најавите за високи температури и до 40 степени, Министерството за здравство го подготвува населението за претстојното жешко лето. Граѓаните оваа недела ќе можат да прават бесплатни прегледи на кожата во повеќето приватни и јавни дерматолошки ординации.
„Ќе се овозможат бесплатни контроли или прегледи на пигментираните промени на кожата со цел детектирање и давање можност за рано лекување, да се подобри прогнозата од оваа болест, а исто така е многу битно да се подигне свеста за опасноста од појавата на малигниот меланом“ додаде Османи.
Малигниот меланом спаѓа во групата малигни тумори на кожа.Тој е најинвазивен и најопасен карцином, кој брзо се шири – метастазира, тешко се лекува и најчесто завршува со смрт.
Постојат повеќе знаци што укажуваат на трансформација на бенката во малиген меланом. Најчесто тоа се менување на бојата, големината, обликот, површината, појава на чешање или воспаление и карактеристична локализација./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

