Македонија
Доживотен затвор за Виктор Карамарков
Мирно и без многу емоции, дваесет и осумгодишниот скопјанец, Виктор Карамрков ја слушна одлуката на судот дека остатокот од својот живот ќе го помине во затвор. Скопскиот кривичен суд утрово соопшти дека македонскиот „Раскољников“ е виновен за убиство на четири жени и две убиства во обид.
Мирно и без многу емоции, дваесет и осумгодишниот скопјанец, Виктор Карамрков ја слушна одлуката на судот дека остатокот од својот живот ќе го помине во затвор. Скопскиот кривичен суд утрово соопшти дека македонскиот „Раскољников“ е виновен за убиство на четири жени и две убиства во обид.
Судот го зеде во предвид исказот на Карамарков даден во истражна постапка. Според судот, иако за време на судењата Крамарков не ги призна убиствата, деталите кои што ги напоменал во тогашниот исказ, не би можел да ги знае доколку не ги извршил овие дела.
За време на убиствата, според обвинителството Карамарков бил пресметлив и жртвите ги ликвидирал поради бизарни причини. Од нив го одземал златото што подоцна го продавал, за да обезбеди средства за дрога.
Минатата недела во завршните зборови пред судот Карамарков рече дека таквиот исказ го дал под дејство на наркотици и само го потврдувал тоа што му го цитирале. Рече дека три дена го држеле во простории на непозната локација во која имало слика на Јосип Броз – Тито и дека не му бил обезбеден адвокат.
Одбранатa не задоволна од пресудата. Според адвокатот Сашо Дуковски, нема докази за пресудата.
„Индикативно е што судот и сега при образложувањето на пресудата наведе дека имало сведоци кои што го виделе во моментот на кривичното дело. Јас ви тврдам дека таков сведок нема. Да, тој е виден ден, два како бара пари од нив, но никогаш не е виден во моментот на вршење на кривичното дело. Апсолутно ќе поднесеме жалба бидејќи станува збор за доживотен затвор. Имаме уште две инстанци, ќе бараме јавна седница како пред Апелациониот суд во Скопје, така и пред Врховниот суд. Сметам дека во голема мерка оваа пресуда се базира на самопризнанието дадено во истрага, кое е резултат на „ретардираниот“ настап на моите колеги во истрагата“ изјави Дуковски по пресудата.
Карамарков беше уапсен минатата година на 27 октомври по неколку месечна потерница за претходно извршени кражби. Скопјанецот од населбата Ѓорче Петров до тогаш бил познат само како наркоман и деликвент, но не и како убиец.
Македонската полиција, кога го уапси го опиша како интелигентен млад човек, првенец на генерацијата во средно училиште, кој го читал Достоевски и убивал на ист начин како „Раскољников“.
Цел му биле изнемоштени старици кои живеат сами.Со секирче завиткано во повеќеслоен најлон со десната рака ги удирал во десниот предел на главата. Стариците ги бирал случајно, по долого пешачење низ градот. Им го крадел златото, а потоа го продавал за дрога.
Жртви на Карамарков, според обвинението се Љубица Христова, хигеничарката Сание Сулејмани (42), Вера Богоевска (73) и Елена Миева (69), а се обидел да ги убие Марија Атанасовска и Смиља Петровска. Обвинителеството ја избриша од обвинението петтата жртва за која беше обвинет, Босилка Крстоевиќ.
Мерката притвор за македонскиот Раскољников продолжува се додека не стапи на сила пресудата- доживотен затвор./крај/фф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски и Мицкоски на увид во градежните активности на булеварот „Македонија“
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски и премиерот Христијан Мицкоски синоќа извршија теренски увид во градежните работи на булеварот „Македонија“ со кој главниот град ќе ја добие својата прва подземна сообраќајница.
Ѓорѓиевски вели дека работата се одвива со засилена динамика, десетици камиони и градежни машини се на терен, дури и во вечерните часови, кога сообраќајот е намален и не се создаваат дополнителни гужви.
„Иако третата фаза, подземната сообраќајница е веќе изградена, нејзиното целосно ставање во функција е возможно само со реализација на сите фази. Првата фаза започна пред неколку недели и веќе се реализира со конкретни активности на терен. Во рамки на оваа етапа се врши реконструкција и рехабилитација на постоечкиот коловоз, како и проширување на одделни коловозни ленти со цел значително подобрување на проточноста и функционалноста на сообраќајот. Проектот ги опфаќа булеварот „Борис Трајковски“ (кај Рампа), улиците „11 Октомври“ и „Пролет“, како и крак од булеварот „Македонија“ до приклучокот на булеварот „Борис Трајковски“, од каде продолжува кон следната фаза. Предвидено е и проширување на улицата „Пролет“, на потегот од ПС Пролет до Тутунскиот комбинат, со дополнителна коловозна лента. Раскрсницата на овој потег, од безбедносни причини, ќе биде уредена со два острови во форма на триаголник и три во форма на солза, со што значително ќе се зголеми безбедноста на сите учесници во сообраќајот. На потегот од улицата „Пролет“ кон Лимак, како и од Лимак кон булеварот „Борис Трајковски“, се воведува еднонасочен режим на сообраќај, додека на раскрсницата меѓу булеварот „Борис Трајковски“ и улицата „11 Октомври“ ќе бидат поставени нови, современи семафори“, објави градоначалникот на Скопје.
Во наредните фази, додава тој, е предвидена изградба на кружен тек кај „Нова Македонија“, како и уште два кружни текови на потегот меѓу булеварот „Кочо Рацин“ и улицата „Јордан Мијалков“ (Железничка), како и проширување на булеварот „Св. Кирил и Методиј“.
„Паралелно со коловозната инфраструктура, се изведува и атмосферска канализација со поставување на повеќе од 60 шахти и сливници – значаен чекор кон поотпорна, одржлива и функционална урбана инфраструктура. Подземната сообраќајница ќе располага со шест ленти – четири за двосмерен автомобилски сообраќај и две наменети за јавен превоз, како и дополнителни пешачки патеки. Со нејзиното пуштање во употреба се очекува значително намалување на метежот, побрзо и поефикасно движење низ централното градско подрачје и создавање на побезбеден, поуреден и покомфорен урбан простор“, стои во објавата на Ѓорѓиевски.
Македонија
Прочка – празник на искреното меѓусебно простување кај православните верници
Денеска православните верници го слават празникот Прочка.
Овој ден е голем празник за христијаните бидејќи ја претставува искрената волја за срдечно простување меѓу луѓето. Со празникот се поврзани и голем број на обичаи и верувања.
Прочка е ден на меѓусебно простување помеѓу верниците, пред почетокот на Велигденскиот пост. Датумот на празникот се менува во зависност од датумот на Велигден и секогаш е точно на 7 недели пред Велигден.
Од верски аспект, Прочка е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.
Според традицијата, прошка бара помладиот од постариот со зборовите „Прости ми“, а постариот одговара „Простено да ти е од мене и од Бога“.
Со Прочка завршуваат зимските и почнуваат пролетните празници.
Македонија
Променливо облачно со засилен северен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени сончеви периоди. Во утринските часови, во повисоките предели на северозападот можно е краткотрајно провејување на слаб снег.
Ќе дува умерен ветер од северен правец, а долж Повардарието повремено ќе биде засилен и ќе достигнува брзина до 60 километри на час. Минималната температура ќе се движи од -4 до 4 степени, додека максималната дневна ќе биде меѓу 5 и 12 степени.
Во Скопје ќе преовладува променлива облачност со кратки сончеви периоди. Северниот ветер на моменти ќе засилува, особено во одредени делови од котлината. Утринската температура ќе се спушти до 2 степени, а дневната ќе достигне до 11 степени.
Во текот на новата седмица се очекува стабилно време. Исклучок ќе биде вторник, кога кон крајот на денот, претежно во североисточните делови од земјата, се можни повремени локални врнежи од дожд. Утрaта ќе бидат постудени, а дневните температури ќе бидат во постепен пораст.

