Македонија
Груевски не очекува застој во изградбата за објектите од „Скопје 2014“
И покрај одлуката на уставниот суд за запирање на изградбата на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“ премиерот Никола Груевски не очекува застој во градбата. За опозициските партии, одлуката на Уставниот суд е само потврда дека „Скопје 2014“ е антиграѓански проект.
И покрај одлуката на уставниот суд за запирање на изградбата на дел од објектите од проектот „Скопје 2014“ премиерот Никола Груевски не очекува застој во градбата. За опозициските партии, одлуката на Уставниот суд е само потврда дека „Скопје 2014“ е антиграѓански проект.
„Во најголем дел се издадени градежните дозволи и мислам дека нема да има некој застој. Мислам дека нема да има проблеми со реализацијата , сега веќе сме насочени кон некои нови проекти, а тој проект ќе оди како што треба“ изјави Груевски.
Коалициската ДУИ пак не коментира судски одлуки.
„Во едно општество, во една држава каде се коментираат судските одлуки од која и да е инстанца, вклучувајќи ги тука и одлуките на Уставниот суд само по себе говори за демократските капацитети и стандарди на општеството односно на државата. И последната одлука на Уставниот суд поврзана со контроверзниот проект „Скопје 2014“ влегува во таа логика. Демократската унија за интеграција, никогаш па ни сега нема да ги коментира судските одлуки“ изјави Џевад Адеми од ДУИ.
Опозиционата СДСМ исто како и ДУИ не коментира судски одлуки, но сепак истакнува дека овој проект е антинароден проект.
„Не само што СДСМ ќе остане на онаа принципиелна одлука да не ги коментира ставовите и одлуките на Уставниот суд, туку уште еднаш ќе подвлече дека „Скопје 2014“ е антинароден, бесмислен и забеган проект на кој се трошат 200 милиони евра народни пари без да се почитува волјата на граѓаните, но во исто време гледаме дека е проект кој во себе содржи низа процедурални и законски пропусти. Затоа уште еднаш апелираме до владата да се освести и да ги почитува институциите бидејќи не може да бара од граѓаните да ги почитуваат институциите, а од друга страна самата влада да не ги почитува институциите“ изјави Андреј Петров од СДСМ.
Нова демократија и НСДП со отворени критики кон проектот.
„Овој владин проект претставува антиграѓански проект затоа што непотребно се трошат парите на граѓаните на Македонија, дека овој проект е моноетнички проект кој што овозможува поделба на етничка основа со поставување на споменици само на личности од македонската историја, додека не на личности од албанската историја и од историјата на другите ентитети кои живеат во Македонија и истовремено претставува монорелигиски проект кој што овозможува изградба на црква но не и изградба на џамија“ вели Флора Кадриу од Нова демократија.
„Уставниот суд донесе разумна одлука со која ќе се овозможи прекинување на реализацијата на лудите идеи на владата за поставување на грди објекти во центарот на Скопје, како што е катната гаража во барокен стил, која што мене ми личи на некој објект од хорор филм“ изјави Горан Мисовски од НСДП.
Од Министерството за култура утрово за Макфакс изјавија дека Триумфалната порта сепак ќе се гради, а општина Центар не ги коментира одлуките на Уставниот суд.
„Одлуката на Уставниот суд нема да се рефлектира врз изградбата на скулптурата „Порта Македонија“, бидејќи Министерството за култура има добиено одобрение за градба, пред да се донесе оваа одлука“, изјави за Макфакс Татјана Блажевска, портпарол на Министерството за култура. „Не коментираме одлуки на Уставниот суд“ , велат од општина Центар.
Триумфалната порта, скулптурите на мостот „Око“, сообраќајни решенија и неколку катни гаражи вчера паднаа на Уставен суд, откако судот ги укина измените на деталниот урбанистички план „Мал ринг“.
Според судиите, деталниот урбанистички план кој беше донесен на 21 јануари, бил донесен во незаконска постапка, односно за него било одлучено во скратена, а не во редовна постапка.
Минатата недела беше заграден просторот, каде треба да се постави „Портата Македонија“ заради геомеханички испитувања на теренот, од што зависи и почетокот на изградбата на портата кај плоштадот „Пела“.
Скулптурата ќе биде финансирана од Министерството за култура, а нејзин автор е Валентина Стефановска, чие дело е избрано на конкурсот за избор на скулптури на Министерството од 2008 година.
На мостот „Око“ кој се уште не е започнат да се гради, треба да стојат 29 скулптури на антички и пајонски кралеви, кнезови, војсководци, архиепископи и иконописци, излеани во бронза. Пајонската свештеничка треба да биде централна скулптура на мостот. Предвидено е на двете страни на мостот да бидат поставени по 14 скулптури./крај/фф/кс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

