Македонија
Стечајците разочарани од собраниската дискусија за решавање на нивното прашање
Стечајците кои денеска имаа можност да ја следат собраниската расправа за Предлог законот за решавање на нивниот статус, беа разочарани од собраниската дискусија и ги повикаа сите пратеници да ја остават политиката и да го решат нивниот проблем.
Стечајците кои денеска имаа можност да ја следат собраниската расправа за Предлог законот за решавање на нивниот статус, беа разочарани од собраниската дискусија и ги повикаа сите пратеници да ја остават политиката и да го решат нивниот проблем. „Ние бараме само корка леб и да бидеме нормални граѓани, да си плаќаме сметки. Јас ги молам сите пратеници да ја остават политиката, да се погледне како живее овој народ и да го решат проблемот на народот. Надежта последна умира, па пак има некоја жичка надеж. Мислам дека кај пратениците треба да преовлада совеста и да се реши проблемот“, рече Лилјана Георгиевска претставник на стечајците. Тие се заканија доколку не се изгласа законот дека ќе ги соберат сите сметки во вреќа и дека ќе ги однесат кај пратениците дома. „Ќе протестираме и по куќи. Нема да имаат мир ниту еден ден или час од нас. Ние ги биравме, ние им ја дадовме довербата и ние ако треба ќе ги тргнеме од власт, ако не го изгласаат законот“, рече Георгиевска. Марјанчо Николов од СДСМ кој го образложуваше Предлог законот рече дека со него се бара сите невработени лица кои останале без работа поради приватизацијата на претпријатија да примаат надомест од Агенцијата за вработување до повторно вработување или исполнување на условите за пензија во висина од 30 проценти од просечната плата за претходната година. Според опозицијата се работи за 10 илјади лица кои би го користеле ова право за што ќе бидат потребни 12 милиони евра или како што рече Николов се темели на уставните начела. „Со ова ќе се затвори прашањето за социјалната компонента на неправедната транзиција во Македонија. Доколку тоа не се направи тие луѓе ќе продолжат да живеат на маргините на општеството“, рече Николов. Според владејачката партија пак законот е поднесен од политички причини. Крсто Муковски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека преку преземање на колективна одговорност СДСМ се обидува да амнестира личност која според него е режисер и сценарист на најматната приватизација во Македонија. „Денес излеговте тука да барате човекот кој што ја режира шпанската серија под наслов „Другата во мене“ во која што колатерална штета беа токму овие луѓе да го амнестирате од одговорноста“, рече Муковски. Од владејачкото мнозинство очекуваат дека во текот на расправата ќе се покаже кој повеќе се грижи за оваа категорија на граѓани. Расправата за Предлог законот за материјално обезбедување на невработени лица поради приватизација на претпријатија со општествена и државна сопственост поднесен од пратеници од СДСМ, НД, ЛП, НСДП и Нова алтернатива ќе продолжи во текот на денешниот ден. Тројца претставници од Унијата на технолошки вишок со одобрение од претседателот на Собранието, Вељановски, а по барање на СДСМ рекоа дека ќе ја следат расправaта од собраниската галерија до крај./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски за ѓубрето во Скопје: Многу е важен првиот впечаток, за кратко време ги мобилизиравме сите капацитети и започнавме со чистење на градот
„Ние се доведовме до ситуација во 21 век да зборуваме за елементарни работи и навистина сето тоа делува помалку и комично, но кога некои работи треба да се направат, мора да се направат и како што кажа градоначалникот за време на изборната кампања тој вчера во исклучително рекордно време успеа да ги мобилизира сите капацитети. Но, исто така им благодарам и на општествено одговорни компании кои се вклучија во акцијата и мислам дека вчера беше сето тоа убаво и една ваква робусна акција денеска ако ништо друго можевме да видиме дека контејнерите се барем празни и чисти“, вели претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање.
Мицкоски рече дека нечистењето на ѓубрето е политичка стратегија на опозицијата, но дека новиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски уште првиот ден ги засукал ракавите и започнал со работа.
„Навистина делува смешно, јас ве разбирам и јас понекогаш можеби би се насмеал за сето ова кое што го зборуваме. Но, за жал се доведовме до една ваква ситуација и оваа беше политичка стратегија на опозицијата, преку неработењето на претходната градоначалничка нанесе штета, пред се на Владата и на државата. И морам да признам дека во одредена мера успеа со сето тоа. Но, ние таа лекција ја научивме и затоа уште во првиот ден ги засукавме ракавите и започнуваме од темелите или од под темелите. Така беше во владата кога дојдовме со долгови, така и во градот. Така што мора да гребеме од под темелите, за да дојдеме до површината и потоа да градиме нагоре. И мислам дека тоа го прави квалитетно уште од самиот почеток новиот градоначалник. Јас сакам само да кажам дека немате во животот втора шанса за прв впечаток. Така што многу е важен првиот впечаток и мислам дека тука новиот градоначалник тоа ќе го оправда“, изјави премиерот Мицкоски.
Македонија
Ристо Пенов ја отвори конститутивната седница на Советот на Град Скопје
Како највозрасен меѓу советниците во Советот на Град Скопје, поранешниот градоначалник на главниот град и член на Либерално-демократската партија, Ристо Пенов, ја имаше честа да претседава со првата седница на новиот состав.
Со искуство, стабилност и визија, Пенов повторно ја потврди заложбата на ЛДП – Скопје да стане модерен, зелен и функционален град за сите, велат од партијата.
„Нашите приоритети за следниот мандат се активностите за почисто и позелено Скопје, воспоставување паметен и одржлив сообраќај, модерен урбан развој на градот и зголемено ниво на транспарентност и соработка меѓу Градот и општините“, изјави Ристо Пенов.
Ристо Пенов влезе во Советот како носител на советничката листа за Град Скопје на коалицијата „Искуство за успех“. Меѓу другите програмски заложби на Пенов се и загарантираниот буџет за велосипедски патеки и инфраструктура, субвенциите за велосипеди за граѓаните кои со нив одат на работа и повторното заживување на Градскиот трговски центар, посочуваат од ЛДП.
Македонија
ЕУ го поздрави договорот: Железницата меѓу Македонија и Бугарија ќе ја зајакне регионалната безбедност
Европската Унија го поздрави потпишувањето на договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридорот 8 меѓу Македонија и Бугарија.
На „Икс“ претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, напиша дека изградбата на железницата е потик во регионалниот развој и зајакнување на регионалната безбедност.
„Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност“, стои во објавата на претседателот на Европскиот совет.
Исто така, и еврокомесарката Марта Кос го поздрави потпишувањето на договорот и објави:
„Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето“, напиша еврокомесарката Кос.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридорот 8, вчера, во Ѓуешево, го потпишаа заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, и заменик-претседателот на владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов.
Пругата на Коридорот 8, покрај економското значење за Македонија, за регионот и Европа, има и безбедносно значење од аспект на НАТО.

