Македонија
Крстичевиќ: За мене Македонија е Македонија
Пратеникот на владејачката партија во Западна Австралија, Антонио Крстичевиќ по денешната средба со претставници на македонското Собрание вети конкретна поддршка и лобирање за Македонија и македонското население од Австралија во тамошните институции.
Пратеникот на владејачката партија во Западна Австралија, Антонио Крстичевиќ по денешната средба со претставници на македонското Собрание вети конкретна поддршка и лобирање за Македонија и македонското население од Австралија во тамошните институции.
Крстичевиќ директно не коментираше дали би дошло до евентуална промена на ставот на Австралија, која земјава ја признава под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“, но најави конкретна поддршка за Македонците од Западна Австралија.
„Од моја гледна точка, Македонија е Македонија и македонскиот народ доаѓа од овој регион. Имам многу добри пријатели кои што се Македонци и сум имал многумина што се од Западна Австралија. Сум бил во македонски клубови и на фестивали. Со нетрпение очекувам да го проширам тоа искуство. Истовремено, се надевам дека тоа ќе го пренесам на другите претставници на западно-австралискиот и австралискиот парламент, со цел повеќе да се запознат со Македонците, македонската култура, македонската историја и да разберат од каде доаѓа македонскиот народ, во однос на минатото и во однос на тоа каде би сакале да бидат во иднината“, рече Крстичевиќ.
Олеснувањето на визниот режим со Австралија и стипендирањето на македонски студенти од страна на австралиската влада, покрај признавањето на уставното име на Македонија се дел од прашањата, кои, според пратеникот Илија Димовски, се од особена важност за Македонија и за кои била искажана подготвеност да бидат започнати разговори на министерско ниво. Димовски, кој во улога на претседател на пратеничката група за соработка со парламентот на Австралија се сретна со Крстичевиќ, најави дека Македонија ќе продолжи да бара поддржувачи на своите интереси во Австралија.
„Парламентот ќе продолжи да бара пријатели меѓу политичарите во Австралија и ќе се обидеме и понатаму да бидеме упорни во објаснувањето на целиот проблем за името“, изјави Димовски.
Претходно, Крстичевиќ, во рамки на шестдневната посета на Македонија, се сретна со претседателот на македонското Собрание, Трајко Вељановски. /крај/ач
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ откри над 2 тони киви со ларви и инсекти кои требало да се продаваат во државава
Поради променети органолептички својства и утврдено присуство на ларви и инсекти, инспектор за храна на Агенцијата за храна и ветеринарство, неделава забрани увоз на 22,3 тони киви наменети за индустриска преработка и издаде решение со наредба за нештетно уништување.
Како што информираат од АХЦ, станува збор за 22.340 килограми од овој вид овошје, увоз од Република Србија, за која пратка, со органолептички преглед од страна на инспектор за храна, утврдено е дека истата не е безбедна за увоз и за понатамошна преработка.
-На увозникот издедено му е решение со наредба за нештетно уништување на спорните количини киви, по добиеното известување од негова страна дека пратката не може да се врати во земјата извозник, стои во соопштението од Агенција за храна и ветеринарство.
Македонија
Променливо облачно со магла и малку сонце
Времето денеска ќе биде променливо облачно и тивко со сончеви периоди. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла. Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 7 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко со појава на магла претпладне. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Во понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. По одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Од вторник кон крајот на денот и во следните денови ќе има повремени локални врнежи од дожд. Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.
Македонија
Возете внимателно, маглата ја намали видливоста на патиштата
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Намалена видливост поради магла од 100 до 200 метри има од Тетово – Скопје – Куманово – Кочани – Сарамзалино – Велес – Неготино – Д.Капија и магла со видливост до 50 метри има Битола – Прилеп – Ѓавато – Ресен – М.Брод – Кичево и Дебар, информираат од АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

