Македонија
Стечаец се обеси во кумановско
Стечаец на возраст од 58 години вчера се обеси во кумановското село Јачинце, а ваков случај е пријавен и во МВР.
Стечаец на возраст од 58 години вчера се обеси во кумановското село Јачинце, информираа претставниците на стечајците, а ваков случај е пријавен и во МВР.
Стечајците денеска предупредија што поскоро да се најде решение за нивниот статус, бидејќи велат дека се наоѓаат во безизлезна состојба и информираа дека вчера еден од нивните членови си го одзел животот.
„Стечајните работници посегнаа по своите животи. Вчера еден стечаец се обеси во Куманово. Револтиран од неизгласувањето на законот, незнаејќи како да продолжи понатаму, се случи за жал тоа да си го одземе својот живот“, изјави денеска пред Собранието, Лилјана Георгиева, претставник на стечајците.
Стечајците најавија за утре повторно протести од 11 до 14 часот пред Собранието и од 14 до 16:30 часот пред Владата.
Од невладината организација „Хоризонт“ денеска јавно ги поддржаа стечајците.Ивица Младенов претставник на „Хоризонт“ од Собранието побара измени и дополнувања на Законот за социјална помош, со кои како што рече примањата на социјално загрозените лица би се зголемиле за најмалку сто отсто.
„Доколку не најде истата судбина како за Предлог законот за стечајците ние ќе излеземе и ќе протестираме заедно со стечајците“, рече претставникот на социјално загрозените лица, Младенов.
Стечајците велат дека ќе продолжат да протестираат и да бараат начин за решавање на нивниот статус./крај/бд
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре сончево со мала до умерена облачност, викендот постудено со локални слаби врнежи од дожд и снег
Времето утре, ќе биде сончево со мала до умерена облачност. По одделни котлини во утринските часови ќе има услови за појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 13 степени.
Во Скопје, ќе биде сончево и тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во деновите од викендот ќе преовладува променливо облачно и постудено време со локални слаби врнежи од дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините.
Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање. Потоа до средината на следната седмица времето ќе биде стабилно и суво.
Македонија
Утре без вода дел од општина Центар
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека утре ( петок ) поради изведувзње на водоводен уличен дефект Ф200мм. на улица Димитар Чуповски 27 (позади гимназијата Јосип Брос Тито), со прекинато водоснабдување ќе бидат дел од корисниците на улицата Димитрие Чуповски и Мито Хаџивасилев Јасмин.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување на работните активности.(општина Центар)
Македонија
Претреси на повеќе локации поради сомнежи за даночна измама од поголеми размери
Од попладнево, под раководство на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), истражители од истото обвинителство, со асистенција на полициски службеници од МВР, вршат претреси на повеќе локации низ државата.
Како што наведува ОЈО ГОКК, се обезбедуваат лица осомничени за злосторничко здружување, перење пари, даночна измама и даночно затајување од поголеми размери. Oд она што досега е познато, вклучени се и вработени во Управата за јавни приходи.
Повеќе информации се најавени во текот на денот.

